Гледач ме прогонуваше, го пријавив во полиција: Искрено со Милена од „Канал 5“
Една од најубавите наши ТВ-водителки, Милена
Антовска-Станковска препознатлива по утринската програма на Канал 5, оваа
сезона е ангажирана со емисијата „Ние и вие“. Многу шеговити видеа излегоа на
социјалните мрежи изминативе години, инсерти од моментите кога ТВ-гледачите се
однесуваат непристојно со неа, или поставуваат прашања вон темата на емисијата.
На сите нив, Милена им одговара со насмевка, но за една случка која воопшто не
била пријатна за неа, зборува во ова интервју. Милена со радост раскажува и
за ќерката Лана Марија, а и за тоа зошто сопругот Гордан ја прави среќна.
* Како ги поминавте празниците, успеа ли да се одмориш или имаше работни обврски?
- Најпрво сакам на целиот тим на „Женски магазин“, но и на вашите читатели да ви ги честитам празниците и да ви посакам многу здравје и среќа. Оваа година имав најмногу денови одмор и празниците ги поминав дома со најблиските и имав прилика да се изнаспијам и да се одморам. Во текот на целата година постојано трчаме наваму натаму и затоа празничните денови навистина убаво ми дојдоа.
* Минатата година беше ангажирана со ТВ проектот „Сподели проблем со Милена“, кое ти е најпозитивното искуство од таа емисија, а која случка ќе ја паметиш како најнеобична, најнегативна?
- „Сподели проблем со Милена“ е едно одлично искуство за мене. Пред се' позитивно, иако имаше и некои негативни моменти. Позитивно е тоа што многу градоначалници и директори на институции дознаа за проблемите на граѓаните без разлика дали се ангажираа да ги решат. Имав доста позитивни искуства со дел од нив, но имаше и такви кои воопшто немаа слух за проблемите, а камоли да ги решат.. На некои луѓе успеав да им закажам средби или да им закажам преглед кај некои доктори.. Не би сакала да се фалам, затоа и ретко раскажувам. Најважно од се' ми е тоа што многу луѓе ме благословуваат, а јас со драго срце се обидував да помогнам на сите.
* Како водителка на Утринската програма на Канал 5, често се соочуваше и со провокативни повици од гледачите. Во претходен разговор ми спомена дека си имала непријатна случка со гледач за кој на крајот реагирала и полицијата.
- Има од сѐ по нешто (се смее). Има интересни ликови кои најчесто кажуваат или пишуваат позитивни коментари, но има и такви што се опседнуваат. Имаше еден гледач кој постојано ми праќаше писма, со песни и исечоци од весници, не ги ни читав искрено. Но, работата отиде до таму што почна да ме малтретира по телефон. И на работа, и кај нас дома, и дома кај моите. Многу беше упорен, праќаше и некои пакети. Морав да пријавам во полиција, во две полициски станици, и во Карпош и во Ѓорче Петров. Тоа заврши откако интервенираше полицијата, ете до таму отиде работата. За среќа заврши позитивно, се надевам дека нема да имам веќе непријатни случки.
* Како реагира сопругот на тие ситуации?
- Сопругот во принцип е лабав и опуштен по тие прашања (за среќа). Ако побарам од него да интервенира во некоја ситуација тогаш ќе се вмеша, во спротивно не. Знае што работам и свесен е дека ќе има секакви ситуации.
* Како се запозна со твојот сопруг, што е она што најмногу го сакаш кај него?
- Немавме некое необично запознавање за да раскажувам. Социјалните мрежи дополнително помогнаа како и кај повеќе парови во денешно време. Најмногу сакам што знае да ме насмее, одличен татко е и многу добро готви.
* Какво дете е Лана-Марија, како ја воспитувате?
- Лана Марија е исклучително темпераментно и бистро дете. Често инаетлива, но истовремено и многу милозлива. За мене совршена. И јас и сопругот сме генерално строги, можеби тој повеќе, но факт е дека не ѝ попуштаме многу. Воопшто не сакам размазени деца што плачат за сѐ и сешто па се обидуваме Лана Марија да ја воспитаме во духот на искреноста, чесноста и одговорноста.
* Како се негуваш, како ја одржуваш линијата, имаш ли свои женски ритуали за убавина?
- Нормално, се грижам и за своето тело и за кожата на лицето. Со оглед на мојата професија, лицето си бара посебна нега, третмани и сѐ, што е дозволено за жена над 30 години.
* На која своја особина си најгорда а што би сменила кај тебе, и ако би требала да ја смениш професијата, со што би се занимавала?
- Што би сменила? Порано на ова прашање одговарав со тоа дека ми променила тоа што брзо избувнувам, но сега искрено од оваа гледна точка мислам дека ништо не би променила. Со сите доблести и маани тоа сум јас. Затоа ме сакаат и почитуваат најблиските и затоа имам публика која што ме сака. Чесноста и нерасипаноста се мои карактеристики за кои другите луѓе велат дека ги поседувам. Пред некое време на една слика напишав „Ако не бев водителка ќе бев пејачка“.
Милица Џаровска