Го чекам човекот со традиционални вредности: Интервју со Елена Стефановска
Позната е како Елена - живот со стил, поради емисијата која стана нејзин заштитен знак. Атрактивната водителка Елена Стефановска од неодамна започна со втпрата сезона од вечерното шоу „Живот со стил“ на „Тв 24“. Елена е една од оние наши јавни личности кои секогаш предизвикува внимание на социјалните мрежи со интересни фотографии. Во интервјуто за „Женски магазин“, Елена зборува за работата, љубовта, женскиот сексапил и за тоа каков маж може да ѝ го освои срцето.
* Каков е концептот на новата сезона на шоуто „Живот со стил“, што ќе им понудиш на гледачите?
- Мене луѓето ме запознаваат како Елена - Живот со стил и во рамките на новото шоу јас и понатаму ќе бидам истата Елена којашто ќе зборува за животот со стил, но во ново руво. Јас лично сметам дека е време за нови професионални предизвици во областа во којашто одлично „пливам“ со години. Концептот на шоуто е по пример на светските ток шоуа кои ги гледаме и кои доминираат со големите Тв куќи, а ние решивме таков квалитет и шоу да и овозможиме на македонската публика, а на гледачите им понудиме Тв шоу од светски калибар со многу гости, изненадувања и теми со кои ќе се трудиме да ја подигнеме свеста на граѓаните, а притоа го опфаќаат секојдневниот стил на живеење.
* На твоето патување во Америка објави фотографија од плажата во Малибу, сликана во сличен црвен костум за капење како Памела Андерсон од серијата „Чуварите на плажата“. Зошто токму слика во нејзин стил, дали Памела и таа серија ти се инспирација?
- Па,фотографијата настана сосема случајно. Ја паметам серијата, ама ликот на Памела и нејзиниот живот никогаш не ме инспирирале. Ако вие велите дека има сличност, таа е случајна.
* Има ли маж со кого со во врска, а ако нема, каков би требало да биде тој што ќе ти го освои срцето?
- Не е тоа супермаркет за да набројам производи кои ми требаат. Ама, ако треба да издвојам некоја особина тоа треба да биде човек со традиционални вредности.
* Велиш дека насловот на твојата емисија ти стана прекар, Елена-Живот со стил. Кој е твојот стил на заведување?
- Видете, жените се разликуваат најмногу од мажите според начинот на размислување. Битно е да изгледаат уредно, визуелниот изглед помага, но магијата е во главата на жената.
* Кој дел од тебе го сметаш за најсекси?
- Мозокот.
* Според некои истражувања на Универзитетот во Колорадо, убавите жени потешко успеваат. Работодавачите, на убавата жена може да и се восхитуваат, но нема да ја сфатат сериозно. Како ти го коментираш ова, и дали си се соочила со слична ситуација?
- Не се согласувам. Дали Џеки Кенеди, Грејс Кели или принцезата Дијана не ја сфаќале сериозно?! Прво, убава жена е релативен концепт. Сите ние сме убави, грди, срамежливи, дрски, обични и спектакуларни. Зависи од денот. На жената кога и е денот, нема работодавец што не би ја сфатил сериозно.
* Дали си размислувала да ја смениш професијата, и ако не би била автор на ТВ емисии и водител, што би работела?
- Отсекогаш сум била креативен тип на човек. Мојата кариера постојано е поврзана со радио, ТВ емисии, мода, стил, па никогаш не сум размислувала да ја променам професијата. Меѓутоа, ако не би ме гледале во улога на автор и водител, дефинитивно би била во уредувачка политика на некој медиум каде би го пренесувала своето знаење и би создавала одлични проекти.
* Често патуваш во Хрватска кај својата сестра и внуките. Дали тие ти будат мајчински чувства?
- Морам да се пофалам дека сум горда тетка на две прекрасни девојчиња Лара и Дора. Тие моментално се мојот свет. Би сакала да ја искусам и другата страна од животот, секако дека би сакала да се реализирам во улога на мајка која сметам дека е најважната улога на секоја жена. Ако веќе ме прашувате си посакувам најмалку две деца, бидејќи се вистинско богатство.
Милица Џаровска