Го имам најсилното оружје во битката со тумор на мозокот: Надица од Скопје искрено за нејзината животна борба

Надица од Скопје има 33 години, и не ги крие, напротив, горда е на своите години, и на сето тоа што го има поминато низ нив. 

По професија е магистер Инж. архитект и иако нема многу работено во полето на архитектурата сепак таа е нејзината љубов уште од раните школски денови „кога учевме ОТП и навистина би сакала еден ден да и се вратам и посветам на нејзе (архитектурата)“, вели Надица Димитровска, девојката која е полна со живот, љубов и надеж, девојката кој го пропатувала светот, но вели како дома никаде не е, девојката која зрачи со позитивна енергија и мисла, девојката, чиј животен пат ненадејно e поплочен со трнње, пат по кој одлучно и храбро чекори.  

-Луѓето што ме познаваат знаат дека шест ипол години бев надвор од нашата земја, работев како стјуардеса во Катар Ервејс, а од 2017 година, кога компанијата отвори седиште во Скопје и се отвори линија Скопје-Доха добив можност да работам за нив во својата земја, а воедно и да си се вратам дома, сепак кај и да појдеш пак дома ќе си дојдеш, а верувајте сум го пропатувала речиси целиот свет, но никаде не е како дома, нашата чудесна земја со толку многу богатства и убавини, истакнува Надица на почеток од интервјуто за Женски магазин. 

„Паметам како вчера да беше“, со овие зборови Димитровска започна да раскажува за нејзината животна борба со туморот на мозок и патешествие, или како што таа вели голгота по болничките лавиринти

- Мојата борба со туморот започна точно на 24.06.2019 (понеделник) памeтам како вчера да беше. Целиот свој живот сум се бавела со спорт и сум била многу активна. Во мај 2019, инспирирана од  мојата потпора во животот мојот еден и единствен брат Александар, а покрај него и Смиле (кумот) и Величе (снаата) како и целата екипа тркачи кои ги запознав покрај нив, го истрчав својот прв полумаратон на Скопскиот Маратон. Покрај трчањето, возење велосипед, ролери, бев активна и во теретаната ЕmpireState Building, а сето тоа ми претставуваше и издувен вентил после стресниот работен ден, бидејќи работата во авио-компанија е доста стресна и напната. Така беше и таа недела, трчање, возење велосипед, пешачење на Водно и стандарден понеделнички авијациски ден, откако го испративме со колегите авионот, седнавме во канцеларијата да одмориме, осетив само како да почнав да тонам, ми се појави нагон за повраќање, јака главоболка и вртоглавица, едвај чекав да дојде време да си одам дома и да ви кажам искрено не ни знам како стигнав до дома тој ден. 

„Стомачен вирус е, ништо не ти е“

Ја викнав мајка ми да дојде за да биде покрај мене бидејќи навистина до тогаш ми се немаше случено такво нешто. Легнав и не знаев дали јас се вртам или собата ми се врти, буквално како да се возите на најлудиот релер-костер па не знаете каде се наоѓате. После тоа следеше константно повраќање, бев буквално кaкo во кома, не можев ни очи да отворам, а слушав се што се случува околу мене, притисокот низок 50/70, пулсот 50, температурата 35. Бидејќи сето ова не престануваше мајка ми повика брза помош, меѓутоа кога мајка ми им ги кажа симптомите и кажа колку години имам, и' кажаа дека имало стомачен вирус тој период, па сигурно тоа сум имала, па и' кажаа по телефон кои лекови да ги купи во аптека... Сепак, бидејќи се укажуваше дека сепак не се работи за вирус, за да ги потврдиме нашите сомнежи повикавме приватна лабораторија да дојдат да земат примерок од крв и да видиме дали навистина е вирус во прашање, и како што и претпоставувавме не беше вирус. 

Сето ова траеше 3 дена, на третиот ден брат ми и мајка ми не можејќи повеќе да ме гледаат како неподвижна лежам во кревет, ме дигнаа во раце и ме однесоа кај матичната докторка. Таа кога ме виде само кажа носете ја одма на ургентно. Ме однесоа во 8-ми Септември и лекарот што ме прими одма побара КТ на глава и да ме стават на инфузија. Во сета таа несреќа единствената светла точка беше Др. Јасна Петреска неврологот кој таа вечер беше дежурна, која и покрај лошите вести кои ми ги соопшти т.е дека имам тумор на хипофизата, до ден денес таа е посветена на мене и мојот случај и секогаш е тука кога ми треба, слободно можам да кажам единствениот доктор на кого му верувам во нашава држава. 

Со железни чизми по македонските болнички лавиринти

Така почна моето патешествие или јас што би рекла голгота по болничките лавиринти и нашето здравство за кое што ако немаш познати луѓе и чекаш за мој термин ќе поминат месеци и месеци, а испитувања и резултати се потребни што е можно побрзо за да може да се бара решение. Ајде сите испитувањата се завршија за помалку од месец дена па следуваше следен шок кога почнав да барам неврохирург за да ме оперира, ај што никој не сакаше да се нафати на операција и ми викаа да си чекам уште да порасне туморот се изнаслушав работи како пиј кафе и кока кола низок ти е притисокот, ти си феномен девојче, чекај уште не ти е оштетен видот, кога ќе имаш проблем со него тогаш дојди па ќе видиме па и до тој степен да ми кажат „ајде бе ништо не ти е дигни рачна“... Нема врата на која не тропнав дали приватно дали државно здравство, секаде беше истиот пристап и одговор. Среќа што имам многу блиски пријатели во Турција кои успеаја да ми ги најдат најдобрите доктори. Ги пратив сите испитувања и снимки што ги имам и веднаш ми одговорија дека треба да се оперирам и да не губам повеќе време. Taкa добив датум за операција се спакував и заедно со мајка ми се упатив за Турција.

Операција во Турција долга пет часа, “çok zor” 

Операцијата ми беше извршена на 21.09.2019. Немам зборови за условите и пристапот кој што го имаат таму докторите и целиот персонал кон пациентите, мислам дека се светлосни години пред нас, таму само наидуваш на професионалност и човечки однос, а не како кај нас на големото ЕГО на докторите. Проф. Др. Пинар, неврохирург, заедно со својот тим ме оперираа тоа саботно попладне. Во принцип операцијата треба да трае од 2 до 2.5 часа но кај мене не беше така, мојата операција траеше скоро 5 часа. 
Кога др. Пинар излегла од операционата сала на мајка ми и моите блиски само им рекла “çok zor” што значи многу тешко.

Процесот на опоравување кај Надица, се' уште трае 

Меѓутоа и покрај се', благодарение на мојата мајка кралица и моите блиски таму кои деноноќно бдееја над мене, и сета поддршка и љубов која ми ја дадоа успеав да ги пребродам и тие денови. Нормално се' не се заврши тука, следеа низа компликации кои ги носи оваа операција очекувани но, и такви неочекувани, да не ве заморувам со медицински терминологии само ќе кажам дека и се' уште сум во процес на опоравување. Но мојата докторка во било кој момент да и се обратам е секогаш достапна и ме советува што понатака и е моја поддршка, нормално, не можам да одам на контроли секој месец во Анкара но, за се' што ми беше потребно тука беше мојата докторка Јасна која постојано ја следеше мојата состојба.

Со позитивна мисла им пркоси на симптомите кои се нејзин постојан сопатик

Главоболката е мој постојан сопатник кој никако не сака да ме напушти хахахаха, дури ни таблети за болка не помагаат, тука се и вртоглавиците, понекогаш умор и малаксаност, слабост во мускулите, несоници... и секојдневно пијам хормонскитерапии, а имам и режим на исхрана. Има денови кога ќе се разбудам и ќе си кажам сама на себе ајде денес ќе направам ова или ова меѓутоа кога ќе застанам на нозе сфаќам дека нема да можам...

„Трчав оваа година (на Скопски маратон) ќе трчам и наредната ќе се опоравам и ќе застанам на нозе“ 

Паметам уште лежев во болница во Анкара кога се отвори пријавувањето за ВизЕр Скопски маратон 2020 и лежејќи така решив да се пријавам си реков „трчав оваа година ќе трчам и наредната ќе се опоравам и ќе застанам на нозе“. А искрено да ви кажам и одложувањето од Мај за во Октомври добро ми дојде бидејќи сето ова тогаш ќе беше невозможно, тогаш и немав дозвола од мојата докторка за било какви физички активности. Во август кога некако се отворија границите и почнаа да летаат авионите отидов на контрола која требаше да биде во март, но Ковид-19 се' поремети, и јас како и ред други бевме оставени без никаква лекарска поддршка, сами свои доктори... 

Иако изминатиов период не бил воопшто лесен за неа, сепак со добра волја и мотивација, со слоганот „Јас имав операција на мозокот, кој е твојот изговор?“, Надица ја трчаше полумаратонската трка на ВизЕр Скопски маратон 2020

Контролата помина добро но сепак ми кажаа дека ќе треба уште време за комплетно опоравување, а и тогаш добив зелено светло да се активирам малку физички, без поголеми напори и одредени вежби кои ми се дозволени. Кога го слушнав тоа решив да не го откажам своето учество на Скопскиот маратон. Почнав да пешачам на кејот по малку и подтрчнував и почнав да вежбам во рамките на тоа што ми беше дозволено,а многу ми помпгна и тоа што скоро целиот летен период го поминав на Попова Шапка.

Тешкиот пат по кој Надица уште оди, беше дополнително отежнат поради пандемијата, а во целата ситуација останала и без работа, но безрезервната љубов и поддршка од нејзините најмили и дава волја, мотивација и позитивна мисла

Како што рековте и самите периодот воопшто не беше лесен покрај операцијата и сите компликации кои што ги имав и се' уште ги имам, талкање по комисии за боледувања кое е страшно искуство и не му го посакувам никому, се случи и Ковид-19 а истовремено во целата таа ситуација останав и без работа. Меѓутоа и покрај се' јас не се предадов отсекогаш сум била позитивна личност, дури и кога ми било најтешко, сум имала насмевка на лицето. Но без моето семејство мојата мајка, мојата гордост, мојата сила и инспирација, мојот брат, внуците, Величе која целиот полумаратон беше покрај мене и ме мотивираше, најблиските роднини и пријатели, целиот овој тежок пат кој уште го одам, сето ова без сите нив ќе беше многу потешко. Силната волја која што ја имам, позитивната мисла, борбениот дух и безрезервната љубов и поддршка која што ја примам од моите најмили и најблиски ми овозможија да успеам во ова. 

На што овој животен предизвик ја научи, што и' даде, а што и' одзеде

Ме научи дека е вистина тоа што го кажуваат постарите, здравје прво па се' останато. Ме научи да не го трчам животот, да не дозволувам мали секојдневни проблеми да влијаат на мене и да не дозволам да имам стресови заради тоа, бидејќи не сме ни свесни колку целиот тој стрес кога ќе се акумулира во нас, може да ни наштети и работите да не ги потискам и чувам во себе туку да ги исфрлам и кажам. Да знам кога да кажам НЕ, и да си посветам време на себе. Се додека се има здравје другото полека ќе си дојде, само мора да се верува и да сме позитивни. Позитивната мисла, силната волја и многу љубов за  да се продолжи напред се најјакото оружје во животните битки кои ги биеме. Семејството е мојот носечкиот столб кој заедно со мене ја водат оваа битка, секако тука не можам да ги изоставам и моите најблиски пријатели.

А кога сме кај тоа што ми одзеде, на шега кажувам имам едно делче помалку во мозокот - го немам туморот хахахахаха, и не така комично ми ја одзеде и работата за жал, ама да сме живи и здрави, па за се' друго ќе си се наредат работите. Но затоа ми даде уште една голема животна лекција и искуство од кое научив многу работи.

Порака од Надица до жените кои се соочуваат со вакви и слични животни патишта:
„И во најтешките моменти мора да имаат барем една мала искра на надеж“

Да се сакаат себе си прво, секогаш да се ставаат себе на пиедесталот, насмевката секогаш да го краси нивното лице, никогаш да не се предаваат и да не се откажуваат, дури и во најтешките моменти мора да имаат барем една мала искра на надеж која ќе ги турне да продолжат понатака. Се' што ни се случува во животот е со некоја причина дури и лошите работи кои ни се случуваат се за некое поголемо добро во иднина, јас секогаш се водам со таа мисла.

*Љ.Иванова