Го победив ракот, го избрав животот: Ѓургица Грнчарова за својата животна борба со канцер на дојка

„Победа! Да! Победа над болеста која уништи милиони животи, и која тивко ги „убива“ и блиските околу болниот. Гласно, категорично, гордо со цело срце велам и се смеам: Јас го победив ракот. Го избрав животот“, вака искрено и со неизмерна среќа во очите, вели Ѓургица Грнчарова за Женски магазин.

Оваa триесет и тригодишна млада жена, го помина трнливиот и мачен пат со борбата против најголемиот убиец во 21  век, канцерот. Ѓургица за Женски магазин ја сподели својата секојдневна борба, животот со болеста, но и по неа.

„ Моментот во кој здивот ти застанува, да ги слушнеш резултатите од биопсијата. Чекаш, минути, тие не минуваат,  не пак часовите и деновите во неизвесност пред да направиш биопсија. Дојде и 14:00 часот, ја отварам вратата кај лекарот за да ми ги соопшти резултатите, со нозете влегувам, со срцето стојам во место, со умот молам бога да не е најлошто. И.... тоа е, тука е, во мене е, се развил - активирал. Го гледам сопругот кој беше со мене, пожолте, му се смени фацијалната експресија, а јас веќе не можев да мислам,  не мислев, издишав длабоко а лекарот продолжува да зборува, вака треба да направите, онаму да одите, итно е... Ушињата слушаат, но не дослушуваат како да престанаа да работат. Излегуваме од ординацијата вртиме по телефони, таму онаму, ... а мајка ми, што да ѝ кажам нејзе? Како да и кажам дека е потврдено ќерка ѝ има рак на дојка. Ја ублажувам состојбата за да не е преку телефон, кога ќе стигнам дома ќе и кажам се‘.
Седнав на ѕид пред ординацијата, молчиме, но зборуваме се‘. Ме теши Борче, сопругот, ми вели ќе средиме се‘, ќе го надминеме и ова. Ние можеме“, вака започна нашиот разговор, искрена до срж, бидејќи како што нагласува таа, сака дамите да знаат дека не се сами, дека можат и ова да го надминат, да победат и да му се радуваат на животот.


Почна мојата, но и борбата за живот и на моите најблиски


„ Оние кои ме знаат ќе кажат Џу, (така ме викаат најблиските) е силна, таа ќе го преброди и ова. Бидејќи тие знаат дека кога ми беше најпотребен мојот херој, мојот татко не’ напушти ненадејно и јас останав без него.
Понекогаш си помислувам дека животот за некого е мајка а за други маќеа, но се сецнувам и веднаш се присетувам на тоа колку е убаво да си жив, да чекориш напред, да се бориш, да се смееш, да си вљубен, да живееш.

Велат дека Бог ги тестира најсилните и затоа токму ним им ги дава најтешките животни лекции, јас повеќе од три години се борам и ќе продолжам да се борам бидејќи сакам да живеам“, вели Ѓургица.

Со нашиот разговор таа ни призна дека се присетила на операцијата во ноември 2017, сподели како се чувствувала тогаш по операцијата, кои терапии ги поминала, но гордо вели: „Најлошото помина, го нема, го отстранија“, и продолжи да ја раскажува својата животна приказна:

„За овие три години борба, би можела да напишам цела книга. Но би издвоила само неколку делови, бидејќи знам колку им е потребна поддршка на сите останати кои се борат со проклетата болест, но и за сите оние кои се во кругот на семејството на болниот.

Поддршката од сопругот ми беше прва, мојата потпора за борба, што поминав јас, помина и тој, кога имав тегоби од хемотерапијата тој ми помагаше ме креваше и држеше. Ми поддаваше, но пред се’ ме трпеше. Да, да ме трпеше бидејќи борбата која ја водат болните е макотрпна, тешка, проклета, таа борба ниту еден ден не ми ја пререче Борче, ниту за миг не ми кажа ниту пак осетив дека му е доста дека тој повеќе не може да ми помага.  Од денот кога заедно дознавме дека канцерот е тука, до операцијата, по неа, примањето на хемотерапијата, па зрачењето, моментот кога си ја исшишав косата, тој постојано беше до мене“.


Грнчарова, категорично вели дека на почетокот и било тешко да прифати што ѝ се случило и зошто баш нејзе, а денес и сама знае да се пошегува на своја сметка.

„Никогаш нема да заборавам како ме гледаа пријатели или помалку блиски со сожалување, поточно со незнаење за болеста. Демек гревче, не драги мои, канцерот на дојка доколку го откриете навреме можете да го победите. Гордо да застанете пред него и да му се спротиставите.

Пак ќе се навратам, морам бидејќи е така, поддршката од најблиските, свекрва ми, мајка ми, свекорот, брат ми, деверот, другарките(најблиски), колегите ми беа многу битни, моја најголема поддршка, но и се‘ уште ми се важни. Јас сум борец, секогаш сум била таква, таква и ќе бидам“, продолжува со својата приказна Ѓургица и потенцира дека работата исто така и помогнала во надминување на болеста:

„Иако можев после операцијата да останам на боледување целосно, да бидам дома, јас во првата прилика кога телото не ми беше изнемоштено од хемотерапијата ја користев да отидам до канцеларијата и да сработам нешто, да се чувствувам корисна, да ми се исполни времето со друго, не само со болеста.

Ја користев буквално секоја прилика за да прошетам, да се дружам, да работам, морам да напоменам, сите оние кои ја победиле болеста или пак во моментот се борат со неа знаат дека терапиите те изнемоштуваат, те соборуваат, те прават слаб“, потенцира таа и ги охрабрува дамите кои се борат со оваа подла болест да не се предадат, и доколку можат да продолжат со работа.


Храбрата жена, апелира до пациентките да се придружуваат до советите на лекарите и ги советува да консумираат само здрава храна, да избегнуваат шеќери и да не веруваат во се‘ што ќе прочитат на интернет.

„Сакам ова мое споделување на мојата приказна, борба и живеење да биде поттик повеќе за сите оние кои се преплашени од самата дијагноза, бидете горди, бидете силни и храбри, канцерот на дојка можете да го победите, може да се лекува. Сакам да им бидам поддршка, но и да упатам апел до сите оние блиски на болниот дека мораат да бидат трпеливи, да имат сила понекогаш и повеќе од пациентите. Да, претпоставувам дека ви здосадуваме, ви тежиме, но нема друг начин овој е единствениот по кој мора да чекориме заедно, за да се радуваме заедно и во иднина за надминување на канцерот, за победата наша заедничка, за сите наредни години во убавини, родендени, свадби, крштевки... Љубовта, трпението, силата, бога, близината, желбата - доколку се тука ќе се надмине убиецот на 21 век, ќе му ја „отстраните главата“, ќе го сопрете, нема да дозволите да ви го уништи животот“, вели Грнчарова.


Ѓургица, исто така потенцира дека голема поддршка добила и од целиот тим на онкологија, медицинските работници, сите биле прекрасни и дека им се голема поддршка на пациентите.

„Радувајте му се на животот борете се за него, борете се за да бидете здрави за да можете да уживате во него, но и да делите и ширите љубов за да можете да добиете од неа и вие.

Јас сум човек, кој ако има можност би помогнал секому, и пред мојата борба со ракот на дојка, но по операцијата, повеќе сум фокусирана на помагање на жени, девојки кои се борат со оваа болест. Контактирам со повеќе сродни души, кои после мене беа оперирани, со задоволство им давам совети за употреба на суплименти во исхраната, со што можат на природен начин да го зајакнат имунитетот, дека е добро за нив редовно да пешачат, доколку можат но да се потрудат во целост да избегнуваат (кај што се може) стресни ситуации и секогаш да имаат позитивни мисли“, споделува младата жена која го победи канцерот на дојка и истакнува дека скоро секој ден се слуша со дами кои сакаат да ја слушнат да ја прашат како таа ја победила болеста, и барале совети, но и ги бодрела.

По скоро три години од операцијата Ѓургица Грнчарова е децидна: „Ракот на дојка ме промени во подобра смисла, сега секогаш на прво место сум јас, моите потреби, да бидам јас задоволна. Многу ретко може нешто да ме изнервира или се трудам да не се нервирам. Сакајте се, сакајте, делете љубов и насмевки, сакајте го животот, бидејќи вреди да се живее!„.


Н.Миланова