Го покриваме лицето со фереџе бидејќи е обележје на специфицната облека на народниот танц на Истокот: Марија Андева

Добивај вести на Viber

Поимот професионална танчерка подразбира многу часови поминати во сала изучувајќи различни техники. Марија Андева, сопственичка на студиото „Марбал“ каде се изучува стомачниот танц, посочува дека на нивните изведби има разиграна разновидност на музика од турската, египетската и арабската култура, која често ја зачинуваат со индијска популарна верзија.

* Воодушевувате со вашата појава облечени во костуми со многу парички кои го надополнуваат секое движење на вашето тело. Зошто го покривате лицето со фереџе?

- Бидејќи стомачниот танц е народен танц на Истокот , тој си има специфична облека, односно носија која е обележје на одреден крај.Оние костими кои се со покриен лик, таканаречено фереџе, потекнуваат од арабскиот свет, каде што културата и традицијата им наложувала така.

* Каде ја купувате облеката?

- Кога започнавме со овој танц облеката ја купувавме од Турција. Со текот на годините најдовме прекрасни жени кои можат да ни ја изработат и кај нас. Нормално, никогаш не ни се доволно, па доколку некоја девојка оди на фестивал каде што има базар на костими, секогаш нарачуваме некое парче плус.

* Постојат повеќе од 50 стилови на ориенталниот танц. Но, стомачниот е еден од најдревните и најтаинствените врсти на танцовата уметност. Дали во вашата програма на настапите тој е и најзастапен? 

- Многу дискутабилно е кога станува збор за името на танцот.Стомачен танц или танцот на Ориентот, комерцијално препознатлив како Belly Dance е сплотена комбинација на стилизирани танци од фолклорот со додадени примеси од класичниот и модерниот танц. Тоа што можете да го проследите на нашите изведби е разиграна разновидност на музика од турската, египетската и арабската култура. Но, често знаеме да додадеме и некоја индијска популарна верзија.

* Наидувате ли на љубоморни жени или непристојни мажи кога настапувате на свадба, прослава? Како ги решавате непријатните ситуации?

- Неблагодарно би било да се пожалам на нашата публика. Луѓето кои не повикуваат се најчесто особи кои ја разбираат убавината во танцот и го почитуваат како уметност. Жените обожаваат да „замешаат” со нас дури и да научат некое чекорче. Дури не би ги исклучија и мажите како компактибилен елемент за создавање на една совршено весела атмофера. Генерално можам да кажам дека сум задоволна од прифаќањето на луѓето, иако се уште имаме стереотипи и граници за померување.

* Дали професионалните танчаркиттреба да исполнуваат некои норми во однос на висината и тежината. Кои се идеални пропорции?

- Поимот професионална танчерка подразбира многу часови поминати во сала изучувајќи различни техники, а самото тоа со себе си носи дефинирање на телото. Бидејќи Ориенталниот танц обработува засебни мускулни групи односно контрола и активирање дури и на најмалите мускулчиња, како и развивање на самосвесност за своето тело, верувам дека танцот сам по себе ги ваја потребните пропорции и создава едно уникатно тело препознатливо за овој танц.

* Кога се роди љубовта кон ориенталниот танц и што беше пресудно тој да стане и ваша професија?

- Зборувајќи за себе а и за другите девојки од нашето студио, мислам дека се раѓаш со љубов кон танцот, кога ќе го чуеш ритамот и телото почнува само да се движи. Нормално подоцна кога ќе започнеш да истражуваш и да го изучуваш тоа, разбираш дека всушност ништо не си знаел. Пресудно за овој танц е да ја сакаш нивната музика. Доколку таа тече низ вените, танцот се претвора во вистинска љубов.

* Кои танцови ги изучуваат вашите членови и постои ли граница во нивната возраст?

- Во нашето студио се изучуваат најразлични форми на танцот, вклучувајќи ги стилизираните форми на арабскиот, египетскиот и турскиот стил, потоа шпанското flamenco arabe, индијските Bollywood стилови, како и фоклорните арабски форми на Baladi, Sharqi, Dabke, Shamadan. Возрасна граница нема, започнуваат дечиња од најмала возраст кои одат на натпревари, па до повозрасните кои го изучуваат рекреативно, независно кој е нивниот мотив, здравствен, физички изглед или пак за забава и дружење.

* Дали во нашата земја исчезнаа предрасудите за вашата професија?

- Повеќе би ги дефинирала како непознавање на другите култури. На почетокот беше многу понеприфатено, но, денес можам да кажам дека има голем напредок, како и разбирање и осознавање на оваа уметност што со текот на годините се надевам ќе оди во нагорна линија.Луѓето ќе го прифатат како нечија традиција и ќе уживаат во нивната музика и танц.

Соња Алексоска Неделковска