ГОЛЕМИ ФИЛМСКИ ИМИЊА ВО МАКЕДОНИЈА
Продуцентската куќа Сестри и Брат Митевски, како македонски продуцент започна со снимањето на филмот „Сирена во Париз“, белгиско-француско-македонска копродукција, мјузикл и еден од најочекуваните кинематографски настани во Франција, во режија на Матијас Малзју, француска музичка суперѕвезда.
Во филмот игра шпанската актерка, Роси Де Палма, ѕвезда на европската кинематографија, музата на Педро Алмодовар, која минатиот викенд пристигна во Битола на снимање.
Снимањето на „Сирена во Париз“ во Македонија ќе трае шест седмици од кои една во Битола, во битолската клиничка болница. „Д-р Трифун Пановски“ каде веќе интезивно се снима, а останатото време во Скопје, во студиото 3ХФХ. Потоа целата екипа продолжува со снимање во Франција.
Како дел од актерската екипа е и Ерик Кантона, француски актер и поранешен фудбалер на Манчестер Јунајтед, кој ќе дојде на снимањето во Скопје, а во филмот играат и Лабина Митевска, Роман Борaнжи, Алексис Михалик, Никола Авине, Лара Бејер и други.
Снимател на филмот е белгијанката Виргиние Сант Марин, која веќе има традиција на успешна соработка со продуцентската куќа Сетри и Брат Митевски, таа во Македонија ги снимаше и двата филма на Теона Стугар Митевска, „Јас сум од Титов Велес“ и „Господ постои името му е Петрунија“.
Филмот е продуциран и ќе биде дистрибуиран од СОНИ, а македонски продуцент е Лабина Митевска, со Сестри и Брат Митевски Продукција.
Дејството на филмот се случува во Париз. Поради обилните врнежи се случуваат големи поплави на Сена и мистериозни исчезнувања. Една ноќ Гаспар Снег, меланхоличен музичар, е привлечен од волшебен глас на ранета, но убава млада сирена. Решен да ја спаси, Гаспар не знае дека ќе започне со големи авантури, кои преку моќта на љубовта и музиката, може да го поправат неговото скршено срце. Сирената во филмот на секој што ќе се вљуби во неа му го крши срцето и тој умира. Но, Гаспар и онака има скршено срце, па не стравува да се вљуби во неа.
Агенцијата за Филм на Република Северна Македонија со задоволство истакнува дека покрај сите други карактеристики кои ја прават Македонија привлечна дестинација за снимање многу битна е и успешната примена на мерката за Право на поврат на вложените средства која всушност привлекува големи филмски имиња да соработуваат со македонски филмски професионалци.
На почетокот на Октомври и големиот НЕТФЛИКС доаѓа во Македонија да снима дел од новата мини серија „Во Ноќта.
Во периодот кој следува, односно од утревечер, 14 септември па до 21, Битола ќе биде во центарот на филмските збиднувања, Друштвото на Филмски работници ќе одбележи голем јубилеј, 40 издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Свеченото отварање ќе биде во знакот на Педро Алмодовар, односно со неговиот нов филм „Болка и слава“. На Фестивалот ќе приуствува и реномираниот шпански кинематографер и прв пријател на режисерот Педро Алмодовар, Хозе Луис Алкаине.