Готвам со љубов, а сѐ на Инстаграм се одвиваше спонтано: Ива Крстевска искрено за својата страст кон храната

„Сѐ започна со рецептот за мексиканско бурито кој го имав споделено на Инстаграм стори минатата година и неочекувано кога отворив по некое време на инстаграм имав повеќе од 100 пораки од луѓе кои бараа рецепт, начин на подготовка итн. Искрено ми беше чудно како тоа луѓе кои не ме следат го приметиле тоа, но профилот ми беше јавен и за еден ден откако го објавив јавно рецептот ме заследија повеќе од 150 лица“, вака ја започнува својата инстаграм сторија Ива Крстевска од Битола која има над 14.000 следбеници на својот профил.

Крстевска вели дека сѐ се одвивало спонтано, па, по објавениот рецепт за мексиканско бурито започнала секојдневно да добива пораки од следбениците за идеи за следен рецепт. Таа вели дека жали што на инстаграм не ставала нови објави, туку повеќе ставала стори, се вклучувала во живо додека готвела и правела видеа од рецептите што ги подготвува и така ненадејно бројот на следбеници и се зголемувал.

„ Секој ден бев во комуникација со моите инста пријателки со кои разменувавме идеи за ручек, совети за домаќинство, со некои и се запознавме“, открива Ива.

По првиот пат кога забележала дека рецептите се интересни за јавноста, била поактива и ставала и фотографии од домашниот ентериер, нејзините следбеници достигнале бројка од 5.000 лица. Таа за себе вели дека отсекогаш на социјалните мрежи имала многу пријатели и следбеници, уште од постоењето на „Пријатели“ и „Hi5“.

Крстевска за зголемениот број на следбеници децидно вели дека не потрошила ниту денар на своја промоција на социјалната мрежа Инстаграм, туку со свој труд, посветеност и љубов кон готвењето успеала да ја дуплира бројката, односно да има трипати поголем број на следбеници, но дека врвот го достигнала за време на карантинот.


За љубовта кон готвењето Ива посочува дека ја наследила од нејзината мајка. „Уште како мала ја гледав мајка ми како со огромна љубов ја подготвува трпезата и секогаш сакав да и помагам. Растена сум во фамилија каде што семејните собири беа секогаш големи и секогаш трпезата се зголемуваше. Сакам големи семејни прослави, бидејќи според мене храната е таа која го зближува семејството и заедницата, прави сплотеност меѓу нас и колку дневни обврски и да имаме кога ќе седнеме на трпеза сите, тие 20 минути среќа и благодет не се менуваат за ништо“, искрена е Крстевска.

Додава дека цела оваа инстаграм платформа и е хоби, но дека со нејзината страница за храна има склучено неколку договори за маркетинг, имала остварено и сеуште остварувала приходи.

Оваа 27 годишна Битолчанка е магистер по правни науки и одлично зборува 7 јазици. За себе вели дека е амбициозна и обожавателка на патувања, запознавање на нови култури а пред сѐ на традициналните јадења на другите држави.

Како и сите луѓе во светот пандемијата на коронавирус влијаела и врз Ива и нејзините планови: „Пандемијата ни го смени начинот на живот на сите, никој нѐ одмина, таа сите нас не направи поинакви индивидуи, од корен ни ја промени перцепцијата на живот. Врз мене карантинот влијаеше позитивно, затоа што цел тој период бев 100% активна на инстаграм, споделував рецепти, моменти од текот на денот како го поминувам, споделував идеи за игри, книги, серии мои предлози за како да го поминат времето дома забавно моите инста пријатели. Пандемијата ми го промени животот т.е. навиките, поголемата претпазливост кога сме надвор и страв од сѐ она што не опкружува едноставно го гледаме како небезбедно, но, потоа станува навика. Пандемијата ни ги откажа и сите патувања кои што ги имавме предвидено за оваа година, од Поситано каде што требаше да го поминеме мојот роденден и преубавата Барселона која исто така ја откажавме, се надевам кога се ова ќе заврши ќе одиме на тоа патување. Но, сепак најважно од сѐ е да сме здрави, живи и безбедни сите, животот е пред нас и треба да останеме здрави со јак имунитет за да се спротиставиме на овој силен непријател, за да можеме повторно да ги вратиме животите во нормала.

Ива со читателките на Женски магазин го сподели својот омилен летен ручек, полнети зелени пиперки со урда.

Потребни намирници:

-1кг зелени благи пиперки

- 400- 500гр урда

- 3 јајца

-црн бибер по желба

Начин на подготовка:

Најпрвин во длабок сад ја ставаме урдата и јајцата и добро промешуваме. Пиперките ги полниме со претходно подготвената смеса од урда и јајца, ги ставаме на намачкано тавче, потоаставаме вода во тавчето до средина на пиперките и печеме 30-40 минути на 200 степени.

Доколку сакате може да додадете домати на кругови над пиперките, по желба. 

Пријатен апетит!


Наталија Миланова