Грција може да ги отвори границите со Македонија?

Грција размислува да ја отвори границата со Северна Македонија. 

Владата го разгледува прашањето поврзано со можноста за отворања на копнените граници за државјаните на соседните земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Портпаролот на грчката влада Стелиос Пецас ја потврдил информацијата на МИА.

„Ова е елемент што се разгледува во овој момент на состанокот што е во тек и одговор на ова прашање ќе има кога ќе заврши состанокот. Прашањата што се поврзани со административни одлуки преку заеднички министерски одлуки, што се издадени, а истекуваат во следните денови, исто така ќе се оценат, за да се дадат соодветни насоки, за нивно обновување или прекинување“, е одговорот на Пецас.

Одлуката донесена на 15 јули 2020 година, со која грчките власти објавија забрана за влез на грчка територија на лица од конкретните земји, меѓу кои од од Северна Македонија важи до утре.

Советот на ЕУ објави ажуриран список на трети земји чии граѓани имаат право да патуваат во ЕУ од 1 август, во кој повторно не е вклучена ниту една земја од Западен Балкан, вклучително и Македонија.