Храбрите родители ги пуштаат децата сами на зимување: Кога е вистинската возраст?
„ Дали да го пратам моето дете на зимски одмор без мене, кога е вистинската возраст, ќе се снајде ли самото? „Ова се најчестите прашања на мајките и воопшто на родителите кои се во дилема дали да се одделат од децата на неколку дена, и грижата за време на зимувањето да им ја препуштат на спортски тренер, едукатор или наставник. На оваа тема разговаравме со детскиот психолог Христина Стефановска, наставничката Елица Атанасовска- Стојаноска и спортскиот тренер Мишко Мартиновски.
Според Мартиновски, тренер по пливање од ПК „Пингвин“ од Олимписки базен од Скопје, и наставник по физичко, децата е најдобро да се пратат на зимување што порано.
„ На зимските кампови децата спортуваат, учат да скијаат, се дружат, но истовремено се учат на здрави навики и на самостојност. Најмалото дете што сме го носелe имаше пет години. Тоа е за голем поздрав, за храброста на родителите кои ни ги доверуваат своите дечиња. Имало и такви кои знаат да заплачат, да ги бараат родителите, но затоа сме ние таму и "мајки ,татковци,баби и дедовци". За сѐ што им треба сме таму да им помогнеме да ја поминаат таа криза која трае најмногу 2 дена, а потоа заборааваат. За да работиш со деца треба да им бидеш и другарче, а сепак да бидеш и авторитет. Откако децата ќе се вратат дома, родителите честопати знаат да ми кажат : "Ни врати ново дете“, објасни Мартиновски, кој три пати во годината организира активен одмор со деца од различна возраст, еден зимски во јануари, во Пампорово, Бугарија, и два летни, во Грција и во Дојран.
„ Кога е вистинско време родителите да ги пратат децата сами на зимување, со наставник или со спортски тренер ќе зависи од многу работи. Една од нив е тоа дали детето посетувало предучилишна установа, во колкава мера е социјализирано или не итн. Додека насекаде во светот Монтесори школите органиираат кампови за деца од 2 години нагоре што е сосема здраво и педагошки издржано, генерално кај нас децата се подготвени за зимување веќе од својата навршена седма година т.е по завршување на прво одделение“, вели за Женски магазин детскиот психолог и психотерапевт Христина Стефановска. Според неа, придобивките кои едно дете ќе ги добие со зимски одмор во придружба на наставник или на тренер се разновидни: социјалиација, поттикнување на независност, самостојност и грижа за себе, развој на моторика, креирање на самодовербата, издржливоста на надворешни влијанија, истражувачкиот дух и способноста за снаоѓање во простор која воедно ја зголемува и интелигенцијата на детето.
Христина Стефановска
Елица Атанасовска- Стојаноска 13 години работеше како одделенски наставник во основно училиште во Скопје, а сега е наставник по дополнителна настава на македонски јазик во Париз, Франција.
Според нејзиното искуство, вистинска возраст за осамостојување на детето не постои.
„ Сѐ зависи од подготвеноста на детето само да се справи со дадените моменти. Во тие моменти важна е подготовката од страна на наставникот, но најважна е домашната поддршка. Пред секое одделување од родителите треба добра подготовка на детето, која ќе биде од самото негово раѓање, за негова самостојност, а не една недела пред зимскиот одмор. Затоа што подготовката за толку кратко време е стрес за детето. Сите навики кои ги нема стекнато треба наеднаш да ги стекне и со самото тоа се јавува одбивност и страв од непознатото. Во моето искуство годините не играле голема улога. Деца од помала возраст многу поубаво се прилагодувале, за разлика од деца кои биле повозрасни и кои воопшто не биле самостојни и обратно“, ни изјави Атанасовска- Стојановска и додаде оти при одделувањето најважна е поддршката и довербата која родителите му ја даваат на наставникот. „Со нивната сплотеност и посветеност целта е постигната“, вели наставничката.
Елица Атанасовска- Стојаноска
Според неа, секој човек има момент кога му недостасуваат најмилите. Таква е и ситуацијата со децата. Во такви ситуации најчесто прво разговара со детето, потоа се труди да го вклучи во повеќе активности со другарчињата. „ Тоа се активности кои му помагаат за негова социјализација, но најважно истите му помагаат да го преброди дадениот момент. Сѐ на сѐ, мислам дека тоа е прекрасно искуство. Нема ништо поубаво и поголема награда од тоа, кога по враќањето родителите се воодушевени од т.н. "нови" деца. Социјализирани деца со стекнати нови навики кои ги практикуваат во секојдневниот живот“, изјави одделенскиот наставник.
Милица Џаровска