Храбрите жени гордо го носат светот во своите гради: Интервју со трите главни актерки од „Врба“, Камка, Сара и Наталија

Добивај вести на Viber

„Мајка не раѓа, мајка сака“, едноставната, но топла и вистинита порака на режисерот Милчо Манчевски во филмот „Врба“ веднаш ја освои целата домашна јавност. Пред да почне да ги полни нашите кина, шестиот филм на Манчевски доби богати критики на Филмскиот фестивал во Рим. Трите главни женски ликови, Донка, Родна и Катарина имаат различнен сензибилитет, различни судбини, но иста желба и копнеж, да станат мајки. Од средновековното време на Донка, до денешното на сестрите Катарина и Родна многу нешта останале исти. Врбата, која е во принцип жална и тажна, знае да донесе и среќа. И верувањата, дури и во чуда, истрајноста, борбата и мислата на една жена дека сè би направила и сè би истрпела за својата љубов и за своето дете. Ова се дел од темите на кои мубетевме со трите дами кои се најзначајната алка во филмот, Камка Тоциновски, Сара Климоска и Наталија Теодосиева.

Камка Тоциновски

* Приказната за „Врба“ веднаш се лепи за срцето на нашиот народ. Како странската публика ја доживеа, какви беа реакциите во Рим?

Камка: Во Рим имаше стоечки овации, искрени честитки и многу расплакани лица. Критиките беа убави, па можеме да кажеме дека не ги оставивме рамнодушни.

Катарина секако е впечатлив, лик за кој се зборува по гледањето на филмот. Каква жена е таа според тебе, и какво беше искуството да се глуми со малиот Петар Царановиќ во улогата на Кире?

Камка: Катерина или Света Катерина како што сакам јас да ја викам е синоним за мајка. На Катерина ѝ припадна последното поглавје од филмот, она кое треба да нè охрабри никогаш да не се откажуваме. Кое испраќа недвосмислена порака дека мајка не раѓа - мајка сака. Таа е среќниот крај на овој драматичен еп, како што ќе го нарече италијанската критика овој филм. Катерина е онаа која одново и одново се исправа пред сите сомнежи и стравови. Сакам да работам со деца, секогаш ме изненадува нивната искреност. Поради контекстот и нашиот однос во сценариото не ни беше дозволено многу да другаруваме, а јас едвај чекав да го видам на сет. Дете како дете, не можеш да не го сакаш. Петар беше примерен како вистински професионалец. Мил и шармантен, успеа на сите да им измами насмевка.

* Што те прави среќна приватно, кога не работиш?

Камка: Мали нешта, понекогаш и глупави. Добар филм или серија, добра книга или природа. Моите внуци и моите кучиња, тие ме прават најсреќна.

* Најзначајните твои улоги пред „Врба“?

Камка: Пред Врба работев на филмовите на Владимир Блажевски, Столе Попов, Даријан Пејовски, Игор Иванов Изи, Стојан Вујичич, Али Замани, Антонио Митриќески, Иво Трајков, на српската серија „Беса“ во режија на Душан Лазаревиќ и Љубомир Божовиќ, како и на повеќе кусометражни филмови.

* Кои ти се тековните ангажмани и следни планови?

Камка: Ја очекувам премиерата на „М“ на Вардан Тозија, филм кој го снимавме ова лето. Се надевам и на втора сезона од серијата „Беса“ и да ја заиграме претставата „Бесачи“ на Јавор Грдев која неодамна ја имаше својата премиера во Македонскиот народен театар.


Сара Климоска

* Каков е ликот на Донка според тебе, како интимно го доживуваш, наоѓаш ли сличности со неа?

Сара: Донка ја доживувам како една многу храбра жена која што поминува преку сѐ и сешто и преку секого за да ја оствари нејзината најголема желба – да стане мајка, но единствено не може да се соочи со судбината која што константно оди против нејзината волја. Јас се препознавам во Донка во многу нејзини карактерни особини. Се препoзнавам во нејзината искрена волја и неизмерна оддаденост за да го оствари својот сон. Но, освен што се препознав, Донка и ме научи на тоа што значи трпеливост, лојалност, соочување со средината, борба и ме освести за тоа какви сѐ не предизвици може да ни донесе животот.

* Во народот уште од старо време не престана да се верува дека врбата освен што е тажна, носи и несреќа. На Донка и на Милан во филмот им се случуваат клучни весели, но и тажни мигови токму под таа врба. Дали си лично суеверна, има ли нешто во тие стари верувања?

Сара:  Јас лично не сум ниту религиозна ниту суеверна, но ја разбирам потребата на луѓето да бараат најразлични алтернативни решенија кога имаат некаков проблем. Ако мене би ми се случил некој сериозен проблем, кој не би бил решлив преку стандардна медицина, веројатно и јас би се обратила на други места. Врбата во филмот ја разбирам како симбол на тага/среќа, плодност/неплодност и среќа/несреќа. Таа се провлекува низ цел филм за да нѐ потсеќа на тоа против што сѐ можеме да се бориме, а против што не сме моќни.


Наталија Теодосиева

* Ликот на Родна оддава впечаток на сонувач, романтичар но и реалист. Што е најубавото кај неа, во кој дел најмногу уживаше играјќи ја, познаваш ли други слилчни „Родни“ во денешно време?

Наталија: Родна, пред сѐ е девојка која многу сака да љуби, полна е со љубов и страст. Покрај тоа е многу тврдоглава и своја, и баш овие нејзини карактерстики ме купија и јас ја засакав. Она што мене ми беше најслатко играјќи ја е токму моментот кога таа решава, во едни чудни околности, да ја даде својата љубов на еден кроток човек што го видела од тераса. Онака баш како гром од ведро небо! Познавам многу „Родни”, мои другарки. Тоа е се храбри жени кои точно знаат што сакаат, кои својот свет го носат гордо во своите гради, па и најголемите грешки поправени полетно ги носат со нив.

* На прес конференцијата изјави дека си отворена за критики и коментари по филмот. Кои се најубавите кои ги слушна, има ли негативни и кои се?

Наталија: Се разбира дека сакам да ја слушнам секоја критика, тоа ми е омилениот дел. Ќе речам дека повеќето од коментарите беа и повеќе од позитивни, луѓето кои се допрени од филмот многу чесно и отворено го искажуваат тоа. Нашиот филм не е направен да му се допадне на гледачот по секоја цена, нашиот филм е многу искрен и длабок и така веројатно сам си ги бира гледачите. Коментарот кој најчесто го слушам е дека публиката е воодушевена од актерската игра на секој од нас кој играв во „Врба“ и сум сигурна дека секој ќе се сложи со тоа.

* Имаше ли и претходно искуство, соработка со Милчо Манчевски и на кои улоги си тековно посветена? 

Наталија: Пред премиерата на „Врба“ ја имав премиерата на „Втора шанса“, каде исто играм една од трите главни ликови, во режија на Марија Џиџева. Имам претстави на репертоар и во Драмски и во МНТ (Крал Иби, Макбет...). Пред неколку години имав соработка со Милчо на комерцијални реклами. Следниот мој ангажман е претставата „Плоштадот на хероите” во режија Мирјана Медоевиќ.

Милица Џаровска