Ибуш Ибраимовски: Песната „Розо моја“ стана хит по 15 години откако првпат ја отпеав

„Розо моја црвена, ти во која градина расцутуваш“ одекнува на секоја веселба, забава, свадба. Фокл- нумерата која стана химна за добро расположение, е создадена пред повеќе од две децении, но стана хит многу подоцна. 

Долг е патот на „Розо моја“ не само до слушателите туку и до изведувачот. Ибраимовски кога првпат ја слушнал, ја одбил. Потоа песната им била понудена на фолк- пејачите Горан Тодоровски и Душко Георгиевски кои не прифатиле да ја пеат. 

 - По некоја чудна концинденција, композицијата повторно стигна до мене. Ја преслушав уште еднаш, и веднаш ме „уби“ текстот на Огнен Неделковски, кој одлично прилегаше на музиката на Тоде Спасовски. Ја снимив и решив со неа да настапам на фестивалот „Тетовски Филиграни“ во 1996 година. И таму наидов на некој чуден отпор. По првото пребројување на гласовите бев пласиран на петтата позиција. Но, отткако брат ми кој беше дел од мојот бенд, иницираше повторно пребројување на гласовите, излезе на виделина фактот дека сум оштетен. Грешката се исправи и ја делев првата награда - се присетува Ибраимовски. 

По победата песната останала незабележана од публиката и од медиумите.Не била во ниту една номинација за награди кои се делеле во тоа време. Дури пред 15 години се најде во конукренција за „Хит на деценијата“.

 - Последниве неколку години со овој хит ги отварам сите свадбени веселби. На моите настапи ја пеам неколку пати. Многу сум изненаден што кога ќе ја слушнат, особено младите доживуваат еуфорија. Посебно ми е драго што песната на своите концерти ја пеат и српските ѕвезди Харис Џиновиќ и групата „Амадаеус“ - открива пејачот. 

Соња Алексоска Неделковска