Имаа одбивност од мене, како маж во цвеќара: Аранжерот Тени искрено за Женски Магазин

Можеби да се биде цвеќар е сосема необично за еден маж, но позитивниот Тени веќе одамна ги надмина тие стереотипи. Во ваков бизнис влегува сосема случајно уште во 2011-тата, по сугестија на негова пријателка аранжерка, иако во тој момент нема никаква допирна точка со цвеќарството. После некое време решава да продолжи сам со сега своето препознатливо „Flower Atelje by Teni“

- Во текот на работата имав повеќе вработени аранжерки и од секоја учев по малку, но кога си ја сакаш работата почнуваш да импровизираш сам за да бидеш малце поразличен од другите, иако имам голема конкуренција околу мене- раскажува Тени.

Како што веќе напоменавме, луѓето што доаѓале во неговото ателје го гледале чудно, бидејќи сметале дека ова е небична професија за машко лице.

- Во почетокот имаа премногу одбивност кон мене, кога ќе видеа маж во цвеќара. Но се изборив со тоа и веќе таа одбивност е години позади мене. Сега сум препознатлив и докажан во оваа работа- искрен е Тени.

Дејноста во ателјето е цвеќето, но тој се занимава и со хортикултура, и вели дека не може да одвои посебно некое цвеќе кое нему најмногу му се допаѓа, бидејќи смета дека  секој цвет има своја убавина.

- Пораката која ја испраќам преку моите аранжмани е дека ние не создаваме само убавина, туку со секој наш аранжман создаваме емоции- додава тој.

Секако во оваа работа секојдневие се аранжманите за свадби, па на прашањето дали некогаш имал посебно барање кое било тешко да се исполни од некоја „досадна“ невеста, Тени гордо одговара:

- Сите невести си се посебни кога се работи за нивната желба или за бидермаерот што го сакаат. Скоро на сите сме им ги исполниле желбите и премногу ми е мило што до сега сите тие се презадоволни од нас. Уште повеќе се радувам кога ќе не препорачаат кај нивна другарка или познаничка која е идна невеста.

Тени со својата креативност се труди секогаш да биде поразличен од другите цвеќари, секогаш нуди поинакви „flower boxes“  што никаде ги нема, само за да биде посебен и никако „сopy-paste“ на другите цвеќари. Затоа дури и во време на пандемија на Ковид-19, неговото ателје работи турбо.

- Во време на коронавирус работиме секој ден и досега изработевме предобро. Имавме премногу нарачки за испорака за кои се зачудив и сам, имавме дури и повеќе испораки од нормално, кога немаше вирус... и тоа премногу ме радува- заклучува аранжерот Тени задоволно.

Даница Караташова