Имам многу одговорна задача: Илустраторскиот свет на Ване Костуранов претставен во Хрватска
„Неколку години пред да ја нацртам својата прва сликовница "Ѕвездено дете" имав голема желба да направам една книга за мојата мала ќерка која обожаваше книги. По неколку години се случи книгата и оттогаш, на моја голема радост, нацртав уште осум сликовници, од кои три се авторски (текст и илустрации), а останатите се соработки со македонски и хрватски автори“, вака илустраторот Ване Костуранов го започна разговорот со нас и не‘ воведе во маѓичниот свет на илустрацијата.
Самостојната изложба „Свет инспириран и неограничен од реалноста“, на македонскиот автор опфаќа избор на илустрации од сликовници, а изложбата беше поделена во три тематски целини. Ване Костуранов ја напиша, наслика и ја објави својата прва авторска сликовница „Ѕвездено дете“ во 2018 година, по што следеа и другите. По серијата авторски сликовници, ги објави и своите книги.
„Костуранов со неверојатна леснотија отелотворува уникатни, неповторливи моменти кои не изгледаат грандиозни, туку интимни, топли и човечки, поради што буквално секој набљудувач може да се поистоветува со вткаената емоција. Илустрациите на Ване Костуранов со технички суверена изведба и уметноста на пренесување на идејата, благодарение на оригиналноста, индивидуалноста и богатата имагинација на авторот, резултираат со уникатен израз кој со својот дух или каракт“, напиша кустосот Соња Шпец.
Изложбата во галеријата ја отвори македонскиот Амбасадор во Загреб, г-дин Милаим Фетаи, а на истата беше присутна и директорката на Културно информативниот центар, Наталија Поповска.
„Илустрациите на Ване зборуваат многу повеќе од зборови, ги допираат тие скриени ќошиња на човековата душа и доволно е да им се даде шанса со доаѓањето на изложбата, а се останато ќе го направат презентираните дела. Во свет полн со негативност и непотребни информации, дозволете си да влезете во светот на неизвалканите мисли и емоции отелотворени во илустрациите на исконската уметничка вокација на Ване Костуранов“, беше истакнато во поканите за изложбата.
Неодамна Костуранов ја заврши илустрацијата на новиот број на списанието Зенит, посветен на Блаже Конески, кој наскоро ќе излезе од печат.
* Во рамките на фестивалот Пази книга во Загреб, беа поставени 3 Ваши изложби. Кажете ни нешто за тоа?
- По покана на организаторите на фестивалот "Пази книга" бев избран за почесен илустратор на фестивалот оваа година и во рамките на таа титула беа организирани трите изложби со цел да се прикаже речиси целокупното мое илустраторско творештво пред загрепската публика. Во централниот дел на градот, на излогот на книжарницата и читалница "Богдан Огризовиќ", беа поставени мои илустрации и авторски сликовници. Втората изложба беше поставена во галеријата ВН (Владимир Назор), овде беше официјалното отворање на изложбата каде што беа изложени илустрации од моите три авторски сликовници и третата изложба се случи во библиотеката "Кајфешов брег", со илустрации од моите книги соработки со други писатели. На отворањето на изложбата во библиотеката "Кајфешов брег" беа присутни средношколци од ШПУД, средно училиште за применета уметност и дизајн, пред кои се претставив со моето творештво и одржавме кратко предавање за мојата работа како илустратор. Последниот ден имав предавање и разговор со студентите од класата на почитуваниот професор и илустратор од загребската Академија на ликовни уметности, Свјетлан Јунаковиќ, вели Костуранов.
* Како започна приказната со магичниот свет на илустрацијата?
- Оваа приказна започна како што почнуваат сите интересни приказни, сосема спонтано и природно. Неколку години пред да ја нацртам својата прва сликовница "Ѕвездено дете" имав голема желба да направам една книга за мојата мала ќерка која обожаваше книги. По неколку години се случи книгата и оттогаш, на моја голема радост, нацртав уште осум сликовници, од кои три се авторски (текст и илустрации), а останатите се соработки со македонски и хрватски автори, искрен е Ване.
* Еден дел од изложбите беше и оној со илустрациите од Вашите сликовници, Ѕвездено дете, Девојче и мече и Девојчето и градот. Кажете ни нешто за истите.
- Оваа изложба се случи во галеријата ВН и на неа беа изложени моите три авторски сликовници. Како автор, секогаш е убаво чувство кога ќе ги видиш твоите дела наредени едно до друго на белите ѕидови од некоја галерија. Изложбата ја отвори македонскиот Амбасадор во Загреб, г-дин Милаим Фетаи, како и организаторката на фестивалот Пази книга!, Ана Џоќиќ и кустосот Соња Шпец. На изложбата беа присутни голем број пријатели и колеги илустратори, кои навистина ме израдуваа и почестија со нивното присуство, споделува Костуранов и открива што му е најважно при илустрирање на нова сликовница:
- Кога илустрирам некоја книга имам многу одговорна задача, а тоа е преку цртежот, бојата или потегот на четката врз хартијата да успеам да пренесам нешто што се крие меѓу редови, кое не е до крај откриено во текстот и најчесто не може да се опише со зборови. Илустрацијата треба да биде надополнување на текстот, а не само негово буквално илустрирање. Овој однос помеѓу текстот и илустрацијата мора да биде во перфектна симбиоза, за да можеме да кажеме дека сме направиле успешна книга.
* Добитник сте и на први награди за Вашите дела. Колку истите Ве мотивираат?
- Целта на наградите е токму тоа, да мотивира и да го извади најдоброто на површина. Ми значат сите награди за моите дела, но сметам дека освен наградите кои се доделуваат во рамки на Саемот за книга и во поново време на фестивалот Литера, многу е важно да имаме и национална награда за илустација, која ќе ја врати илустрацијата на ниво на уметност, затоа што таму и е и местото, вели Ване.
* Што за Вас претставува уметноста и кои се откажувања ги носи?
- Речиси целиот мој возрасен живот е подреден така што местото на уметноста е секогаш приоритетно, ослободено од компромиси и финансиски притисоци. Поради тоа долги години морав да работам најразлични професии за да можам да ја одржам таа позиција и воопшто да се занимавам со уметност. Но во ниту еден момент не било прашање дали сите тие откажувања имаат смисла и дали вреди да го правам тоа што го правам, тоа е потреба која е посилна од се'. Како што кажа големиот македонски мајстор Петар Мазев, оној кој има силен уметнички извор, тоа едноставно не запира, искрен е Костуранов.
* Имавте разговор и час со студентите од Факултетот за ликовна уметност во Загреб. Кој би бил Вашиот совет за сите оние кои влегуваат во светот на уметноста?
- Се вели дека оној кој нуди совет, е речиси како да се советува самиот, па во таа смисла би порачал дека не е лошо човек да продолжи да учи, да се надоградува, да не се штеди во она што го дава од себеси за неговата уметност и најважното - посветено да работи.
* Што за Вас значи претставувањето на Вашите дела пред хрватските љубители на уметноста?
- Убаво е чувството кога вашата уметност излегува надвор од рамките на вашата матична земја, тоа е потврда за вашата работа, но во исто време и уште поголема одговорност за квалитетот на тоа што го работите. Изложбата од Загреб ќе патува во повеќе градови во Хрватска и се надевам дека уште повеќе луѓе ќе можат да се запознаат со моето творештво.
* Какво е значењето и чувството да се биде дел од монографијата "100 години струмичка ликовна уметност”?
- Монографијата "100 години струмичка ликовна уметност" е многу важен документ за градот Струмица, особено затоа што го опфаќа периодот од изолираните и скромни ликовни почетоци во Струмица, па се до најмладата генерација уметници. Овој континуитет од едновековно ликовно творештво на просторот на кој живееме е сведоштво дека уметноста е жива и бесмртна. Селектор и уредник на оваа монографија е колегата сликар Никола Пијанманов и Марјан Минов, ликовен критичар.
Неда Маретиќ