Имаше широка душа и често се шегуваше: Григор Копров за Марина Туцаковиќ

 Згасна животот на Марина Туцаковиќ на 67 години. Згасна и перото од кое произлегоа многу пишани зборови, строфи и текстови, испеани од најголемите ѕвезди во поранешна Југославија. На почетокот на 2018 година ѝ беше дијагностициран малигнен тумор на дојката, по што набрзо беше и оперирана. Но, короната и го одзеде последниот здив. Семејството, пријателите , соработниците се збогуваат од Туцаковиќ на социјалните мрежи , со емотивни пораки во кои ја опишуваат како човек и професионалец.

И македонски автор Григор Копров, го врзуваат многу спомени за неа. Марина Туцаковиќ беше присутна во Охрид на неколку изданија на „Охрид фест-Охридски трубадури“ како специјален гостин и член на жири на фестивалот. 

-Ми беше чест што беше мој гостин. Бескрајно ја почитував како текстописец. Неверојатно ја чувствуваше мелодиската линија на секоја песна. Ја збогатуваше со одбрани зборови, строфи и создаваше неверојатни текстови. Тие и даваа посебна тежина на песната. Соработувавме неколку пати. Освоивме и награда на фестивалот во Будва. Во миговите на дружба зад сцената, открив дека е и фантастичен човек. Имаше широка душа и често се шегуваше. Искрено сочувство до семејството. Жалам што си замина од овој свет, а верувам дека имаше уште многу да покаже и да даде. Жалам што музичката сцена изгуби таков текстописец – вели Копров.

Марина Туцаковиќ оследните денови ги помина во КБЦ Драгиша Мишовиќ, каде што беше префрлена во вторникот, 14 септември, кога ѝ се слоши и беше ставена на респиратор, по констатацијата дека е позитивна на корона вирусот.

Таа започнала да пишува текстови за песни на деветнаесет години, главно поп стихови, а подоцна и турбо - фолк нумери – осмислувајќи ги текстовите на песните коишто денес се балкански и светски хитови.

Родена е на 4 ноември 1953 година во Белград. Дипломирала на Економскиот факултет.. Беше во брак со Александар Фута Радуловиќ. Имаа два сина Милан и и Милош кој ненадејно почина во 2008 година. Марина никогаш не се опоравила целосно од тоа, и во една прилика признала дека размислувала за самоубиство.

Туцаковиќ ја започна својата кариера соработувајќи со групата Зана, за којашто го напиша текстот „Додирни ми колена“, кој беше објавен во 1982 година и веднаш стана хит. Инаку, таа соработуваше со музичари од српското говорно подрачје. Цеца, Драгана Мирковиќ, Јелена Карлеуша, Лепа Брена, Здравко Чолиќ, групата Зана, Тоше Проески, Џеј, Жељко Самарџиќ, Аца Лукас, Саша Матиќ, но и со хрватските ѕвезди Северина, Нина Бадриќ, Масимо Савиќ и Оливер Драгојевиќ. 

(С.А.Н)


Фото: Охридски Трубадури/Youtube/screenshoot