Интервју Драган Илиевски, „Бимилк“: Нашата трајна заложба е постојано подобрување на квалитетот на суровото млеко!

Добивај вести на Viber

Поддршката што Бимилк им ја дава на своите фармери кооперанти е континуирана и е спроведена на повеќе различни начини, сè со цел колку што може повеќе да го стимулираме примарното млекопроизводство и да обезбедиме квалитетна домашна суровина, вели Драган Илиевски, директор на суровина во Бимилк.

Во интервјуто за Фактор , Илиевски посочува дека тие ја градат стратегијата за да им помогнат на фармерите колку што е можно поскоро да го постигнат тој квалитет, а интересот е обостран. Директорот, вели дека би можел и да гарантира дека секој фармер со мала помош во инструкции, мал дополнителен напор и минимално вложување, без одложување може лесно да го подобри квалитетот на суровото млеко за многу краток период. 


Фактор: Со кои предизвици се соочува млечната индустрија? Трендот на производство за сурово млеко е растечки, но дали е доволно? Како може да се реши овој проблем?

Илиевски: Гледано од страна на примарното производство, т.е. обезбедувањето сурово млеко, главни предизвици се, пред сè, количината на суровината и, второ, нејзиниот квалитет. Или ајде да го претставиме тоа вака: главен предизвик во млечната индустрија, кога потребите за редовната преработка се сè поголеми, е токму тоа: да се обезбеди доволна количина сурово млеко со добар квалитет, со цел да се задоволат тие потреби.

Не би рекол дека трендот на производство на сурово млеко е растечки, би рекол дека е недоволно растечки тренд. Во моментов, напротив, опаѓа бројот на молзни крави во државава, но она што дава надеж за консолидирање е фактот што расте бројот на молзни грла по фарма, што значи дека сериозните фарми, кои својата иднина ја гледаат во млечниот бизнис, се окрупнуваат и се модернизираат. Во исто време, таквите фармери се обидуваат да го подобрат генетскиот потенцијал на молзните грла во континуитет и со тоа да ги направат своите фарми попродуктивни. Долгорочно гледано, тоа е вистинскиот пат за унапредување на млечното говедарство и би рекол дека истовремено е и еден од начините за решавање на проблемот со недостигот на квалитетно сурово млеко.