Интервју наставник Гоце Бумбароски: Дигитални учебници се „храбра реформа“ каква нема нигде во светот, нас ни треба македонски модел на образование
Неколку дена ги делат учениците од школските клупи. На први септември училишното ѕвонче ќе го означи стартот на новата учебна година, која е извесно дека ќе им донесе големи предизвици на учениците, ама и на наставниците. Покрај пандемијата и онлајн наставата која за многумина се одвиваше без физичко присуство во училиштата, годинава предизвик ќе биде и новата образовна реформа, дигитални учебници .
М-р Гоце Бумбароски е одделенски наставник при ООУ Кочо Рацин - Прилеп. Тој стана еден од најпопуларните и најпочитуваните наставници кај нас. Низ игра и на иновативен начин, Бумбароски ги учи своите ученици од неговите почетоци, од 2011 година. Тој е авторитет пред неговите ученици, но и нивен другар, што е за децата најважно. Сепак, тој е скромен и не смета дека е поразличен од своите колеги.
Со наставникот од најтрофејното училиште во Македонија, ООУ Кочо Рацин – Прилеп во ова интервју зборуваме за новата учебна година, за онлајн наставата , за најавените реформи а зборнавме „онлајн“ и за ковид пандемијата.*Се ближи почетокот на новата учебна година. Учениците се враќаат во училишните клупи со физичко присуство. Што мислите Вие, дали ова е правилна одлука во овој момент ?
-На учениците и на наставниците местото им е во училница, тоа е неспорно. Сите ние тоа го посакуваме повеќе од било која друга опција. Но прашање е дали училиштата се подготвени за настава со физичко присуство? Веднаш да Ви одговорам – Не се...
-Како Вие, како наставник се снаоѓавте во пандемијата со онлајн наставата? Кои беа нејзини предности, а кои недостатоци според Вас, доколку ги забележавте?
-Со оглед на тоа што изминатата учебна година предавав во второ одделение па со поголемиот дел од моите ученици имавме среќа да одржуваме настава со физичко присуство, но имав неколку ученици кои цела учебна година ја проследија онлајн, па со тоа “скромно” искуство можам да кажам дека предност на онлајн наставата е тоа што можете да им ја видите насмевката на учениците (при настава со физичко присуство тоа не е возможно поради маските).
Недостатоци на онлајн наставата има повеќе, па ќе кажам само дека таа беше добра алтернатива, но лошо решение.
*Што мислите за вакцинирањето, кој е вашиот став за вакцините?
Не сум доктор, но одлучив да им верувам на докторите и на науката. Прелeжав Ковид19 во Декември 2020г и сум вакциниран. Искрено досега не сум ги делел луѓето по ниту еден основ, нема ниту по однос на овој. Секој човек има право да одлучи дали ќе се вакцинира или не.
*Како дел од новата реформа во образованието надлежните најавија електронски учебници како замена за печатените. Од нив ќе учат учениците од четврто до деветто одделение во основните, но и учениците во средните училишта - Што мислите Вие, колку е подготвено нашето образование за една ваква реформа?
-Ниту една земја во светот нема воведено вака “храбра” реформа. Имаме примери во нашето соседство (Словенија) каде што има печатени учебници кои се поврзани со електронски содржини, учебници кои се надополнуваат со мултимедијални содржини прикачени на интернет.
Но, комплетно дигитални учебници (без стандардизирани, хартиени учебници) досега нема во ниту еден образовен систем. Сметам дека оваа реформа е избрзана и од моментот кога истата беше објавена наиде на негодување од повеќе релевантни фактори во Македонија. Но иако наиде на остри реакции, гледаме дека до денес нема промени во ставовите на МОН.
*Што според Вас му недостасува на македонското образование, што би промениле Вие доколку сте министер за образование, или да ве прашаат Вас?
-Велиме дека целта на образовниот систем е да всади љубопитност, имагинација, иновација, самоиницијативност и претприемачки дух и да им помогне на децата да развијат другарство.
Ако е така, тогаш моделот во кој наставникот пренесува одредени информации, а ученикот ги повторува по него треба веднаш да се напушти, и да се воведе модел што ги стимулира учениците да откриваат и создаваат свои информации.
Македонија треба да ги спрема сите деца/ученици за работа, за придонес кон заедничкото добро и за активно граѓанство.
Според мене неопходно е во основно образование одделенијата да бидат до 15-16 ученици. Тоа ќе им овозможи на учениците да развијат поголеми другарски односи меѓу себе, а и поблизок однос со наставникот. Па така на пример, на часовите по предметите од областа на природните науки ќе може секој од нив да спроведе одреден експеримент.
Во почетните одделенија на основно образование детето треба да се подготви за учење и да му се помогне да ја најде својата страст, својата пасија, интерес. Не треба да се кажува дека некој е слаб ученик, или дека не го бива за ништо. Најважно е да се лоцира проблемот, доколку го има, и да му се помагне во учењето. Така на учениците ќе им се даде можност да развијат сопствен начин на учење.
Доколку некој ученик покажува потешкотии со учењето, треба да се ангажираат повеќе наставници кои ќе работат со него за да видат каде “лежи” проблемот, а потоа и да најдат начин да му помогнат да научи.
Исто така учениците во пониските одделенија од основно училиште не треба да добиваат домашни задачи. A во повисоките одделенија пак, кога ќе почнат да ја добиваат, таа да биде многу малку и да не е преминува повеќе од 5 училишни часа неделно. Со тоа учениците ќе можат да имаат време за слободни активности за добро да се развиваат.
Бирото за развој на образованието треба наставните програми да ги направи отворени и флексибилни, во правец на давање насоки, без тоа да биде како досегашната пракса за детални наставни програми. Притоа секое училиште и секој наставник да одлучува на кој начин ќе ги спроведе насоките и што ќе вклучи во наставниот материјал, т.е сам/и да го избере/ат патот до зададената цел.
Не ни требаат други модели на образование, нас ни треба Македонски модел кој ќе се натпреварува и развива споредбено со сопствените постигнувања.
*Колку години сте дел од образованието? Што е она што ве исполнува во оваа работа?
-Во просвета работам околу 16 години, а како наставник нешто повеќе од 10 години.
Успехот на моите ученици е тоа што ме прави среќен, кога тие се успешни и јас сум.
Најверојатно од самиот почеток практикував поинаков пристап. Можеби моето животно искуство, образованието, работата со студенти и тоа што магистрирав на насоката менаџмент во образованието имаат влијание во начинот на практикување настава.
*Многупати можевме да прочитаме дека учениците од вашите часови не сакаат да си одат дома ... Што правите Вие поразлично од останатите колеги за да ве сакаат учениците - кој е вашиот пристап кој би рекле дека треба да го негува секој еден учител?
-Мојата приказна е едноставна, јас сум другар со учениците и наставните програми кои се создадени од возрасните ги прилагодувам за потребите на децата.
Но и покрај тоа не мислам дека сум различен од другите мои колеги.
*Како изгледа еден ваш час ...
-Спонтан... Часот го одржуваме заедно со учениците. Во мојата училница часот го водам јас, а не системот (МОН, БРО, ДПИ...)
*Познати сте по советите кои секојдневно ги читаме на социјaлните мрежи - колку мислите дека можете преку нив да влијаете до родителите?
-Со оглед на тоа што и јас сум родител кој секојдневно се бори со предизвиците кои му ги задава родителството, а од друга страна сум наставник, си земам за право да “поделам” по некој совет.
Секој оној што ќе ги прочита советите може да избере дали ќе ги искористи или занемари. Но, верувам дека секој посветен родител го сака најдоброто и секогаш се труди да научи нешто повеќе за правилно одгледување и насочување на својата иднина – децата.
*Што би им советувале на родителите кои се плашат децата да ги пуштат во училиште поради ковид пандемијата ?
-Секој има право да одлучува за своите деца. Поминуваме низ несекојдневни времиња, за нас непознати и мачни. Постојат семејства кои доживеаја тешки денови и изгубија драги блиски личности. Не е лесно да се вратиме во нормала, ако воопшто е можно тоа.
Сакам да знаете дека минатата учебна година училиштата беа најбезбедните места во Македонија, се почитуваа пропишаните мерки и имаше многу мал број случаи на заразени кои го пренесле вирусот во рамките на одделението/училиштето благодарение на помошниот персонал и наставниците.
*Како ви поминуваа деновите во пандемија, што е она што ве мотивира и води низ животот?
-Пандемијата предизвика еден нов начин на живот, на кој треба да се навикнеме.
Кога ќе дувнат ветрови на промени, некои луѓе градат ѕидови (мислејќи дека така ќе се заштитат), а некои прават ветерници (за да ја искористат силата на ветрот)… јас сум од овие вторите (се смее) .
Моето семејство, сопругата Ирена, ќерките Теона и Илина се мојот мотив, тие се мојата поддршка, моите двигатели за “борба” со силните ветришта кои ги задава животот...
*Ирена Ставрова