ИНТЕРВЈУ НИКОЛОВСКА И АНДРИЈЕВИЌ: НЕОПХОДНА Е КОНТИНУИРАНА ЕДУКАЦИЈА НА ГРАЃАНИТЕ ЗА ПРИДОБИВКИТЕ ОД КАПИТАЛНО ФИНАНСИРАНОТО ПЕНЗИСКО ОСИГУРУВАЊЕ

Добивај вести на Viber

Денес, 15-ти септември - Денот за пензиска свесност e одлична можност да ви претставиме две дами, секоја посебна на свој начин, професионалци во областите на нивните експертизи. Идејата е преку нив да ја запознаеме пошироката јавност со основните поими во пензиското осигурување и да го доближиме терминот „капитално финансирано пензиско осигурување“. Но, и да ја потенцираме изградената свест и позицијата на компанијата за интегрирањето на двете деловни жени во топ менаџментот.

М-р Марија Николовска е Директор на Секторот за продажба и маркетинг во Триглав пензиско друштво АД Скопје. Како психолог по едукација, а маркетер и продажба – повокација, таа ја има добитната комбинација да го раководи овој сектор во Компанијата. Ирис Андријевиќ е Директор на Секторот за инвестиции во Триглав пензиско друштво АД Скопје. Како сертифициран CFA – Chartered Financial Analyst, таа е аналитичкиот гуру во компанијата, одличен познавач на движењето на пазарите во светот на вложувањата и парите.За компанија во којашто работат велат дека ја издвојува корпоративната култура, посветената работа на секој поединец во сите сектори што поттикнува чувство на припадност, агилна средина која се карактеризира со иновативност и проактивност во постапувањето во дефинираните процеси.

Менаџирате со клучни сектори од кои директно зависат перформансите на Триглав пензиско Друштво АД Скопје, кое е дел од Групација Триглав и најмладото Друштво за управување со задолжителни и доброволни пензиски фондови на македонскиот пазар. Кој беше мотивот да го прифатите предизвикот во оваа индустрија и како започна вашата приказна?

Николовска: Во капитално финансираното пензиско осигурување сум од почетокот на самата реформа. Предизвикот да сум во оваа индустрија е голем од повеќе аспекти: Да се информираат што повеќе членови за своите права и  можности, да се постапува согласно законските рамки на делување и да се етаблира пензиското осигурување на повисоко ниво. Овие предизвици се и мој мотив и инспирација во секојдневното функционирање со цел да го пренесам знаењето и искуството на соработниците и на членовите.

Андријевиќ: Инвестирањето е моја пасија уште од факултетските денови, а од моето прво вработување па сè до денес, ја имам можноста за негова практична примена. Финансиските пазари не се едноставни, тие секојдневно се менуваат и постојано треба да бидеме во тек со сите промени што се случуваат. Во насока на продлабочување на моето знаење го прифатив предизвикот да го полагам испитот CFA (Chartered Financial Analyst) којшто претставува ригорозна и сеопфатна студиска програма во областа на управувањето со инвестициите и анализа на финансиските пазари. Сите овие последователни чекори полека ми ја отворија можноста да бидам дел од ново пензиско друштво на пазарот. Предизвикот беше голем, но во исто време бев сигурна дека овој чекор ќе го надополни моето теоретско и досега стекнато практично искуство.

И така започна една сосема нова приказна...

Може ли да ни го доловите капитално финансираното пензиско осигурување низ призмата на вашите работни задачи и одговорности? Како тоа популарно може да се претстави?

Николовска: Триглав пензиско друштво АД Скопје е основано 2019 година и со неговото влегување во понудата за пензиско осигурување се воспостави дополнителна конкуренција на пазарот во државата, која е во корист исклучиво на членовите и на целокупниот пензиски систем.

Маркетинг на пензиски фондови подразбира активности чија цел е рекламирање на Друштвото и фондовите, информирање и склучување на договори за членство како и склучување на договори за исплата на средства. Нашиот примарен фокус се агентите, нашите соработници и членовите. Со клиентот сакаме да воспоставиме близок и одговорен однос, создавајќи опкружување во кое исклучително се култивира персонализиран пристап и поддршка која трае во текот на целиот период – од членство до користење на пензијата. Тоа во практика значи дека  сеопфатно ги следиме нашите агенти – преку континуирана комуникација, континуитет на обуки, ја почитуваме нивната индивидуалност, пристапуваме заедно на терен, го откриваме потенцијалот за развој на секој агент поединечно и го насочуваме. Агентите се нашето огледало на терен, и заедничката цел е остварена само ако имаме задоволни членови, а нивното задоволство понатаму  ја поттикнува нивната свесност и создава внатрешна мотивација, за користење и на доброволното пензиско осигурување.

Андријевиќ: Средствата ги инвестираме во портфолио на инструменти дозволени согласно законските и другите прописи од областа на капитално финансираното пензиско осигурување, како и насоките наведени во инвестициската стратегија и инвестициската тактика на фондовите. Инвестициските одлуки ги носиме врз основа на детални анализи за движењето на финансиските пазари и финансиските инструменти и зад истите стои група на професионалци членови на Инвестицискиот одбор на Друштвото. Инвестирањето на средствата го вршиме со цел да оствариме највисок принос во полза на членовите на фондовите со кои што управуваме, при што секогаш правиме баланс меѓу приносот и преземеното ниво на ризик во постигнувањето на посакуваната цел, а крајната цел е да се обезбеди сигурна и стабилна пензија за среќни и безгрижни пензионерски денови. Начинот на инвестирање мора да биде внимателен, да ги следиме светските практики и трендови, но и што е можно повеќе да ги антиципираме можните ризици. Тука секако ја имаме и поддршката од групацијата Триглав во рамките на која редовно комуницираме и го споделуваме искуството и знаењето.

Едно е академската и стручна расправа на темата, ама сосема друго е кога тоа треба да се објасни на „обични смртници“. Со кои прашања најчесто се соочувате кога сте на терен?

Николовска: Има многу, но тука би издвоила неколку кои континуирано се повторуваат низ годините, како на пример: Кога можам да си ги подигнам парите? Правото на користење на средствата од индивидуалната сметка во Вториот столб се стекнува со остварување на право на пензија во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување. Тоа значи пензионирање на возраст од 62 години за жена, односно 64 години за маж, со остварен работен стаж од минимум 15 години.Понатаму, прашање од типот: Од што ќе зависи висината на мојата пензија, како член во прв и втор столб? Одговорот е дека Вие ќе добивате пензија од два извора: од првиот столб и од вториот столб. Висината на пензијата од прв столб ќе зависи од должината на работен стаж, висината на платата и полот. Висината на пензијата од вториот столб ќе зависи од висината на средствата на  индивидуалната сметка во задолжителниот пензиски фонд.

Сигурно се соочувате со прашањата поврзани со сигурноста на средствата, како: Колку се сигурни моите пари? Или: Дали приносот зависи од обемот на средствата за управување на фондот?

Андријевиќ: Одговорите на вакви и слични прашања се дека покрај тоа што средствата се управуваат со примена на висока одговорност на секој поединец во процесот на инвестирање, системот се темели и на строги интерни и регулаторни контроли, дефинирана законска рамка за инвестирање и управување со ризиците, чување на средствата од страна на банка-чувар, како и континуиран надзор од страна на регулаторот, а тоа е Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување(МАПАС).

Што се однесува до приносот на Фондот, тој зависи од начинот на инвестирање на средствата преку позиционирање на изложеноста кон одделни класи и типови на финансиски инструменти, применетите техники во инвестирањето, а не од износот на средствата под управување. Како старо правило на инвестирање, повисок ризик значи и повисок принос, но и поголема потенцијална загуба. Затоа се стремиме да го изнајдеме оптималното ниво на соодносот помеѓу ризикот и приносот со цел остварување на долгорочен бенефит за членовите на фондовите со кои што управуваме.

Анализите говорат дека расте пазарот за пензиско осигурување. Која е вашата визија за Триглав пензиско друштво АД Скопје во наредниот период?

Николовска: За императив, добра илустрација е познатата Дарвинова мисла која вели: „Не преживуваат најсилните видови, ниту најинтелигентните, туку оние кои се најприлагодливи на промените“. Заради комплексното и конкурентско окружување, успехот сè повеќе се разбира како способност да се прифатат промените и брзо да се прилагодите на нив. Во таа насока, посветено работиме и на креирање на позитивни промени во доменот на делување кои ги следи  имплементирање на нови начини на комуникацијаи пренесување на деловните активности во дигитална форма.

Tоа e одлика која нè карактеризира како Друштво и како тим. Воедно, и поддршката од Групацијата е навистина уникатна и преставува дополнителен мотив да се развиваш и да напредуваш. Како тим се стремиме едукацијата на населението да ја издигнеме на повисоко ниво и да го доближиме начинот на размислување на развиените земји со значителен процент на граѓани кои ги користат услугите на доброволното пензиско осигурување.

Андријевиќ: И покрај тоа што сме најмладо друштво, веќе постигнуваме значајни финансиски резултати на пазарот на пензиското осигурување. Имаме тим со којшто се гордееме, секој со свој уникатен придонес во областа во која што работи. Друштвото во мојата визија го гледам како рамноправен конкурент во доменот на  пензиското осигурување, препознатливо по својата стабилност и подготвеност за брза реакција на сите промени и предизвици кои што нè очекуваат. Покрај подигнување на свеста на оние коишто ќе ги користат бенефитите на пензиското осигурување во иднина, како што напомена и колешката Марија, се стремиме за развој на домашниот финансиски пазар и за изнаоѓање на нови можности за инвестирање кои би можеле да ги употребиме за да постигнеме уште подобри финансиски резултати за нашите членови.

Во компанија од оваа деликатна сфера на делување, секторите на продажба и маркетинг и секторот за инвестиции се тесно линкувани, како поврзани садови. Како тоа функционира во практика?

Николовска: Секој склучен договор од член подразбира успешна продажба која подоцна се преточува во прилив и инвестирање на средства. Бидејќи продажбата е во директна зависност од остварените резултати, односно од начинот на управување со средствата.

Андријевиќ: Нашата цел е остварување на највисок принос за членовите, кој подоцна сам по себе придонесува за нови задоволни членови. Испреплетеноста на целите на двата сектори бара добра координација меѓу тимовите што ја прави работната атмосфера многу поинтересна.

Како е да сте деловни жени на топ менаџмент позиции, како се справувате со обврските?

Николовска: Деловна жена на менаџмент позиција е предизвик и задоволство. А, менаџерирањето на обврските е дел од секојдневието кое вклучува добра организација на времето, посветеност и многу љубов кон работата.

Андријевиќ: Модерниот корпоративен свет е полн со предизвици кои секојдневно го ставаат во искушение балансот помеѓу личниот и професионалниот живот. Сепак со добро планирање и добро организирање на работните процеси, работните обврски ги завршувам во текот на работниот ден, што ми остава доволен простор да се посветам на најблиските.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) (02) 3224 229, mapas.mk

Триглав пензиско друштво АД Скопје е дел од Групација Триглав, една од најголемите осигурително-финансиски групации во ЈИ Европа. Со работа започна во 2019-та година и во неговиот фокус е грижата за интересите на членовите на фондовите со коишто управува преку постигнување што подобар инвестициски резултат.