ИНТЕРВЈУ СО МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ: ЧЕТИРИ ЖЕНСКИ МУ СЕ МЕШААТ ВО ФИНАНСИИТЕ ДОМА

Добивај вести на Viber

Татко на три прекрасни ќерки, Каја, Ема и најмладата Сара. Со Министерот за финансии, Драган Тевдовски се дружевме викендов. Поминавме прекрасен ден, потрошен со многу насмевки. Неговата богата агенда, ја надополнија и двата настани кои се случуваа во центарот на Скопје, „Скопје трча 10 километри“ и  „Розевата прошетка“ на здружението Борка. Придружуван од неговото среќно семејство, одговорно ги поддржа и двата настана. Насмеани и растрчани, ја прифатија и нашата покана за кафе. Семејството Тевдовски навистина е посебно. Додека Каја и Ема се тркаат која ќе биде побрза на тротинет или велосипед, Сара е таа која го окупира целото внимание. Но, сите заедно со мама Анита го бодреа додека трчаше.

* Кои се вашите најсреќни денови како татко на три деца?

- Не би сакал да издвојам посебни денови. Јас уживам во секој момент што го поминувам со Каја (6 г.), Ема (3 г.) и Сара (10 месеци). Секој работен ден ми почнува убаво, со разговорите што ги правиме со Каја и Ема, на патот од дома до училиштето и градинката. А, кога ќе се вратам од работа дома, колку и да сум истрошен, тие веднаш наоѓаат начин да ме насмеат и да ми ја вратат енергијата. Среќен сум кога со ќерките и со Анита, мојата сопруга, ќе излеземе на прошетка, во парк или на Водно.

* Како се справувате со семејните обврски како Министер со интензивно работно темпо, но и татко на три деца?

- „Тајната состојка“ е Анита. Мојата сопруга ми дава огромна поддршка. Отсекогаш било така. Ме поддржуваше и во научната кариера, магистратурата, докторатот. Ме поддржува и сега.

Сега имам можност да придонесам за креирање на едно подобро општество, за подобри услови за живот и за моите деца и за сите во земјава. Тоа носи голема одговорност. Имам голема среќа што ја имам Анита, која тоа го разбира и е моја потпора.

И покрај секојдневните обврски и набиената агенда, за моите ќерки секогаш мора да има време. Јас ги носам во школо и градинка, а кога ќе се вратам од работа, целото време го посветувам на семејството.

Неговото убаво семејство се збогати со нов член на почетокот на неговата министерска функција. Ни интензивното темпо на обврски не го спречува да биде посветен на трчањето секое утро и семејните ритуали. Сопругата Анита е неговата „волшебничка“ која го средува и најгустиот распоред, за да не трпи семејната богата кариера. Тој е добриот, а таа е построгиот „полицаец“ дома. Внимаваат на здравите навики кои уште од најмала возраст им ги пренесуваат на своите чеда.

* Каква беше Вашата реакција кога дознавте дека вашето семејство ќе биде проширено со уште еден член?

- Со Анита отсекогаш сакавме три деца. Пресреќни сме што ја добивме Сара, исто како и Каја и Ема. А за нас како родители е важно и што Каја и Ема одлично ја прифатија Сара. Тие ја чуваат, ја пазат и се одговорни постари дадички. Дури сме и изненадени што нема љубомора.

* Како вообичаено изгледа почетокот на вашиот ден? Дали ќерките, посебно најмалата знаат да ве разбудат пред алармот?

- Сара е како швајцарски часовник. Секое утро во 6 часот, таа е одговорна за будењето. Обично добивам прст во око од Сара, која весела и насмеана, сака со игра да го почне новиот ден. Алармот на часовникот е инаку наместен на 6.15, но тоа не е потребно. Потоа со Анита ги подготвуваме Каја и Ема за школо и градинка и денот може да започне.

* Имате ли време за читање пред спиење со вашите деца?

- Време за децата секогаш мора да има. Верувам секој треба максимално да се посвети на она што го работи. Но, без разлика, за децата секогаш мора да направите време.

Она во што најмногу уживам во последно време, се вечерите кои ми ги спремаат моите ќерки. Каја и Ема ми се јавуваат и велат „доста работа, дојди - спремивме вечера“. Некогаш добивам порција кекс со мармалад, некогаш јаболко, некогаш леб со намаз – но секогаш добивам насмевка.

Потоа гледаме цртани како „Wинx цлуб“, „Мистер Бин“, „Коко“, „Моана“. Ги читаме „Хајди“, „Бабичка гангстер“, „Пикси“, „Зоки Поки“, „Исидора Мун“, а сакаме и енциклопедии. Ова е секако тоа што е актуелно во моментов.

* Дали на своите деца им ја пренесувате пораката за спортување, како активност која секогаш треба да ја негуваат?

- Да, мислам дека им го пренесувам. Јас го сакам спортот и тие го гледаат тоа. Порано професионално играв фудбал. Сега трчам маратони. Каја знае да ме придружува со велосипед додека трчам покрај кејот. А, со Каја и Ема често возиме велосипед во парк. Исто така, многу често за време на викендот знаеме семејно да го искачуваме Водно.

Јас не сакам да им наметнам ништо, но доколку покажат интерес за некој спорт конкретно, ќе ја имаат мојата поддршка. За мене е најбитно да развијат здрави навики и да се среќни.

* Кои се вредностите на кои сакате да ги научите?

- Тие сè уште се мали. Три деца се. Се борат за внимание. Сакаме да ги научиме да делат меѓу себе. Да се сакаат. Да ги сакаат другарчињата. Додека живеевме во Данска, Каја одеше во градинка таму. Имаше пракса секое дете за ужинка да донесе по една овошка. Некој носеше јаболко, некој крушка, некој манго и други поскапи овошја. Сите ги ставаа во една корпа и секое дете потоа можеше да си земе овошје кое најмногу му се јаде. Мислам дека тоа е многу добра лекција.

* Стручњаците велат дека воспитувањето и чување три деца е поедноставно од едно. Се согласувате со оваа теза?

- Првото дете е целосна промена во животот. Нов свет. Еден мал човек целосно зависи од вас. Кога ќе дојде второто, се трудите да го поделите вниманието, да им дадете подеднакво внимание. Со третото веќе сте извежбани. Сте ги научиле сите финти, плус ги имате првите две на помош.

* Кој е главниот насочувач дома, Вие или Вашата сопруга?

- Јас сум „добриот полицаец“, а Анита бидејќи е постојано со нив е „лошиот полицаец“. Но, со тек на време мислам дека ќе се менуваат улогите, кога ќе станат тинејџерки.

* Семејствата со повеќе деца се посреќни, беа резултатите на едно научно истражување. Каков е Вашиот впечаток, има ли вистина ?

- Среќни сте кога го правите она што ве прави среќни. Толку е едноставно. Нема скриени формули.

За  Женски Магазин, Вики Чадиковска