Интервју со Билјана Дилевска: Медицинската сестра е јадро на здравствениот систем, во ковид-пандемијата покажавме одговорност и професионалност
Интервју со Билјана Дилевска, главна сестра во КБ „Аџибадем Систина“
Нивната професија е исклучително благородна –
тие помагаат кога треба најмногу, тие се поддршка, од нив се очекува убав збор.
И најчесто сè се тоа во секоја смисла на значењето. Медицинските сестри се
главна алка во здравствениот систем, повеќето се жени иако секако таа професија
ја работат и мажите. Моментно професијата е пред повеќе предизвици, особено
овде во земјава од каде често едуциран кадар заминува во странство, а нови
сестри сè поретко се профилираат. За сите карактеристики на професијата, за
убавината и за начинот на кој ја практикуваат зборуваме со Билјана Дилевска,
главна сестра во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. 12 мај е Меѓународен
ден на медицинските сестри, светот оддава посебно значење на оваа професија,
особено по пандемијата со коронавирусот. По тој повод, Дилевска доби и
пофалница од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки за
најхумана сестра во 2020 и 2021 година. Прво зборуваме за улогата на медицинските
сестри во земјава, пандемијата особено го истакна нивното значење.
Дилевска: Прво дозволете ми да им го честитам Интернационалниот ден на медицинските сестри на сите колешки и колеги во државата. Последните две години и предизвикот со кој се соочи светот со ковид- пандемијата докажаа дека медицинските сестри се јадрото на здравствениот систем. Изборот на професијата медицинска сестра не значи само осум часа работа во денот туку одговорност и професионалност 24 часа, 365 дена во годината. Генерално истото важи и за сите други медицински работници. Со избор на ваква професија не сте избрале во животот што ќе работите туку како ќе живеете. Самото тоа зборува за пожртвуваноста на здравствените работници, вклучително и на медицинските сестри, како и на тежината на оваа професија. Следствено на тоа, сметам дека недоволно значење е дадено на статусот кој го имаме ние медицинските сестри во земјата, односно дека се заборава и недоволно се истакнува значењето и придонесот кој ние го имаме кон целиот здравствен систем, а со тоа и кон државата. Се надевам дека ковид-пандемијата ја докажа важноста, неопходноста и придонесот на здравствениот работник и во многу блиска иднина истото ќе биде одликувано и почитувано во мерата што ја заслужува.
* Колку младите сакаат да го работат токму ова, колку во земјава имаме кадар, во услови кога сè повеќе млади размислуваат да заминат во странство?
Дилевска: За жал, сведоци сме дека младите сè помалку се одлучуваат за оваа професија и дека многу тешко оди генерирањето на нов, квалификуван кадар кој е неопходен за функционален здравствен систем. Верувам дека тоа се должи на самиот товар и одговорноста што работата ги носи со себе. Младите не сакаат да изберат професија која би им го диктирала темпото и начинот на живот, а за кои истовремено сметаат и дека не е доволно ценета, бидејќи тоа е и генерално мислење.
Во однос на прашањето за кадарот со кој располага државата, навистина не би можела да одговорам. Јас можам да кажам со колку сестри располага КБ ,,Аџибадем Систина’’, но не и која е вкупната бројка на медицински сестри во државата. За да се располага со тие информации, број, профил, работно искуство потребно е во државата да има регулаторно тело, односно Комора на медицински сестри во која ќе може да се регистрираат медицинските сестри и на тој начин во секое време ќе се знае со колку и каков кадар располага државата. Мислам дека самото тоа го дава одговорот и на вашето прво прашање во однос на статусот на медицинските сестри, кој според мене е недефиниран во земјата.
Повторно ќе ја споменам ковид-пандемијата, која нè научи на повеќе работи, меѓу кои и на тоа дека е тешко да се организира работа кога не знаеме со што располагаме во моментот.
Што се однесува до заминувањето надвор од државата, тој тренд е особено изразен последниве години. И не само млади, туку заминуваат и искусни, профилирани сестри кои тешко можете да ги замените. Сестра не се станува кога ќе ја земеш дипломата, сестра се гради со години. Светот одамна ја препозна потребата од овој профил и државите во светот работат на регрутирање на медицински персонал. Постојат држави кои имаат цели проекти како да најдат, регрутираат и привлечат персонал и од други земји. Така што сè поголемиот одлив на квалитетен персонал од државата не е нешто што треба да нè изненадува, тоа е аларм кој треба да нè натера да преземеме сè што можеме тие луѓе ги задржиме овде. Мора да научиме да го препознаеме квалитетот, да го чуваме и негуваме - во спротивно ќе продолжи да ни се случува одливот, што претставува сериозна закана за ефикасноста на нашиот здравствен систем.
* Вие сте главна сестра во Клиничката болница „Аџибадем Систина“, какво е искуството таму, како го развивате сестринството?
Дилевска: Да, јас сум главна сестра на средномедицинскиот персонал во „Аџибадем Систина“ повеќе од 10 години, а како некој кој има речиси 35-годишно работно искуство и доаѓа од јавна здравствена установа во оваа болница морам да ви кажам дека е сосема различно. Благодарение на хиерархиската поставеност во нашата болница, разбирањето на повисокиот менаџмент за важноста на средномедицинскиот персонал развивањето на сестринство е секојдневно. Едукацијата на персоналот е секојдневна, можноста за усовршување отворена за секој вработен, нивното учество во креирањето на работните процеси и носењето одлуки во делот на сестрите е секојдневие. Нивните идеи за подобрување на процесите, поставувањето нови и повисоки цели, следење и достигнување на највисоките светски стандарди во нашата работа се нашата визија и нешто на што работиме сите заедно секојдневно. Можноста за доедукации, учество на работилници, семинари, конгреси е возможна за секој вработен во нашата болница. Ние сме првата болница во државава, па и пошироко која го доби златниот печат од страна JCI-акредитаторите. Годинава ни следи и втора реакредитација, која се надевам повторно успешно ќе ја завршиме. Самата имплементација на овие стандарди во 2016 година во нашата болница нè издвои од другите здравствени институции во државата и направи огромна разлика во начинот на пристапување кон работните задачи, одредувањето на приоритетите и грижата за пациентите. Со еден збор, за мене лично работата во нашата болница е прекрасно искуство, соработката со колешките и нивната поддршка е нешто што ме прави многу среќна и морам да кажам дека сум многу горда и благодарна на мојот персонал.
* Зошто за младите медицинси сестри треба да биде предизвик да бидат дел од вашата болница?
Дилевска: Да се биде дел од нашата болница е предвизвик не само за младите туку за сите сестри. Предизвик беше и за мене во времето кога јас дојдов да работам во „Аџибадем Систина“ пред 12 години и сè уште е така. Да се стане член на „Аџибадем Систина“ е шанса која болницата ја дава. Да се остане член на персоналот, да се постигне нешто на професионално ниво, да се напредува хиерархиски е тоа е нешто што зависи само и исклучиво од самиот вработен. Ние сме болница која умее да препознае и цени квалитет, која инсистира на квалитет во секој поглед, во секој сегмент во работењето и која постојано работи на усовршување на персоналот, воведување нови методи во работењето и следење на најновите светски трендови во медицината. Учењето нови работи, стекнувањето нови знаења и вештини од сите области се наше секојдневие и нормално е дека за секој кој се стреми кон тоа нашата болница да му е предизвик.