Интервју со Наташа Андонова: Да не бев фудбалерка ќе носев униформа

Сум запознала многу светски фудбалери, но најголем впечаток ми остави Меси, поради тоа што не само што е феномен во својата работа, туку и една прекрасна и скромна личност

Најважната споредна работа во светот се чини дека секогаш потсетува на машкиот пол. Но, во случајов не е така. Фудбалот, дриблањето и давањето голови ѝ одат од рака или „од нога“ на девојката од Неготино, Наташа Андонова. За нејзиното име сигурно сте слушнале, бидејќи станува збор за најдобрата македонска фудбалерка која сега е дел од престижниот клуб Барселона. Наташа за себе вели дека е искрена, чесна, упорна и амбициозна девојка која секогаш е верна на спортот и борец во животот, а за Женски Магазин открива дел од своето секојдневние.

* Која е Наташа во приватноста, а која на фудбалскиот терен?

-Таа сум, иста и на фудбалскиот терен и во приватноста.

* Од каде љубовта кон една необична професија за жените, фудбалот?

- Необична професија или машка професија, тоа така го нарекуваат кај нас во Македонија, но во светот на оваа професија се гледа поинаку. Јас потекнувам од спортско семејство, моите дедовци, вујковци и татко ми беа фудбалери. Со татко ми уште од мали нозе бев по зелените терени, затоа што тој имаше тренинзи и натпревари и така се појави љубовта баш кон овој спорт.

* На почетокот во Тиквешанка и Борец, потоа трансфери во Германија и Шведска, па сѐ до потписите со гигантите на европскиот фудбал, ПСЖ и Барселона. На само 16 години заминувате во Германија и практично таму целосно се оформувате како фудбалерка. Како се одлучивте на тој чекор, немаше ли страв дека како девојче нема да се снајдете?

- Точно така. На многу мала возраст заедно со мојата сестра заминавме во една држава каде што тоа беше сосема нешто ново за нас, поради тоа што дотогаш не бевме одделувани од дома, но ја имавме полната поддршка од нашите родители и тие имаа доволно верба и храброст за да нѐ пуштат и поддржуваат до крај.

* Најдобра фудбалерка во Македонија веќе 8 години, а во 2010-тата и најдобра фудбалерка во Европа. Какво е чувството, која е тајната на успехот?

- Тајната на успехот е упорноста, трудот, поддршката, максимална посветеност, пред сѐ да го сакаш тоа што го работиш и никогаш да не се откажуваш, затоа што патот до успехот не е лесен и мора да си доволно силен за да ги издржиш сите препреки. И секако дека чувството да си најдобра е неописливо.

* Дали некогаш сте се соочиле со предрасуди, дека не треба или пак дека не знаете да играте фудбал, од страна на машкиот пол?

- Не, напротив. Јас мојата кариера ја започнав најпрво со машки, во фудбалскиот клуб ГФК „Неготино“ и ја имав потполната поддршка од моите другари затоа што тие многу лесно го препознаа мојот талент и никогаш немав предрасуди од страна на останатите.

* Игравте и со ѕвездата на женскиот фудбал, бразликата Марта. Што научивте од неа?

- Уште како мала ја гледав Марта на телевизија и желба ми беше еден ден да ја запознаам. Таа желба ми се оствари. Ја имав честа да ја делам соблекувалната и фудбалскиот терен со неа. Можам да кажам дека таа е пред сѐ неверојатна личност, а за фудбалските вештини на Марта не треба да се зборува. Од неа научив многу работи како на теренот така и надвор од теренот. И до ден денес таа е моја многу добра пријателка.

* Денеска ги носите боите на еден од најдобрите клубови во светот, Барселона. Што значи тоа, колку работа, а колку задоволство?

- Љубовта кон овој спорт е неизмерна работа и подеднакво задоволството.

* Го делите клубот со Меси, Суарез, Пике.. Кого сѐ сте запознале од светските фудбалери и кој ви оставил најголем впечаток?

- Сум запознала многу светски фудбалери, но најголем впечаток ми остави Меси, поради тоа што не само што е феномен во својата работа, туку и една прекрасна и скромна личност.

* Каков е животот во Барселона?

- Од сите држави во кои сум била, Шпанија ми остави најубав впечаток, поради тоа што е топла држава, топол народ, а Барселона е еден од најубавите градови во светот. Животот тука е многу убав.

* Кон што се стреми Наташа оваа сезона ?

- Цел ми е да ја освоиме Шпанската лига и се разбира да стигнеме до финалето на Лигата на шампиони.

* Кој е ваш омилен гол или омилен натпревар, а кој, пак, омилен фудбалер/фудбалерка?

- Секој натпревар и гол ми е посебно драг, а кога би требала да издвојам тоа би било голот со Франција од пола терен. Омилен фудбалер ми е Меси, а фудбалерка ЈАС.. (се смее)  

* Како гледате на женскиот фудбал во Македонија, што треба да се смени?

- Женскиот фудбал во Македонија треба буквално да се смени од корен, треба да се инвестира, условите драстично да се подобрат, да ги има истите привилегии како што ги има машката фудбалска репрезентација и нормално да ги има правите луѓе што би можеле да го сменат и подобрат сето тоа за подобро утре во македонскиот женски фудбал.

* Неостварена желба во фудбалската кариера?

- Освојувањето на Лигата на шампионите.

* Што ви недостига од родниот крај, од Неготино?

-Семејството, градот, јужниот топол народ, спомените од детството и почетоците на мојата фудбалска кариера.

* За кој тим навивавте како малечка?

- Се знае, за Барселона.

* Кога не би била фубалерка, Наташа би била?

-Па можеби би била униформирано лице, нешто од областа на воена или полициска академија.

* Цитат кој ве опишува или мото по кое се водите?

- Никогаш не престанувај да веруваш во себеси.

* Омилено хоби?

- Слободното време го користам за теретана.

* Каде и како се гледате за 10 години?

-Најважно од сѐ е да сме живи и здрави, а другото само ќе си дојде.

Даница Караташова