Интервју со Огнен Неделовски пред промоцијата на романот за тинејџери: Ние си легнувавме во 19.30, не се грижевме за политика и ги сакавме Прле, Тихи и Марија
Убаво е кога човек за себеси може да каже дека луѓето долги години ги пеат песните кои ги создал. Таква е приказната на Огнен Неделковски, познатиот автор кој напиша многу евергрини, од омилената веселбарска „Розо моја“, преку „Тајно моја“ на Тоше, до роденденската детска химна „Роденден“ (е денот). Неделковски по професија е драматург но вели дека кога требал да се одлучи со што ќе се занимава, сакал да побегне од сенката на татко му, познатиот автор Велко Неделковски и затоа почнал да пишува текстови за песни.
Неговото детство и вистинските вредностите за кои учел додека растел се инспирација со љубов да му се посвети на романот за тинејџери, „Ловци на лажни вести од зграда 39“, а ќе се промовира утре, на кровот на ГТЦ од 19 часот.
*Ја најавивте промоцијата на новиот роман „Ловци на лажни вести од зграда 39“, што ве инспирираше да им ја посветите токму на тинејџерите?
- Во февруари годинава Детскиот културен центар „Карпош“ распиша Конкурс за оригиналнo прoзно дело за тинејџерска возраст во жанрот на роман. Во насоките на конкурсот беше потенцирано дека „Особено внимание ќе биде посветено на дела што се забавни, достеливи, поучни, поттикнуваат креативност и критичко размислување.“ Тоа ме заинтригира и ја започнав пишувачката авантура во непознато, која траеше цели два месеци. Се одлучив за една релативно нова и мошне актуелна тема: медиумската писменост. Но, решив да не попувам, туку да создадам ликови на тинејџери, кои ќе бидат ловци на лажни вести и ќе почнат да делуваат во своето опкружување, со цел да ги препознаат и ловат лажните вести кои се дел од нивното секојдневие. Во Македонија има многу малку наслови за тинејџери (особено за овие најновите!) и тоа ми беше голем предизвик. Како дипломиран драматург и сценарист, сум пишувал најразлични форми (сценарија за филм и телевизија, раскази, радиодрами, реклами...), но, првпат се фатив во костец со романот како најдолг литературен вид. Искуството беше интересно и напорно, но можам да кажам дека секојдневно многу се забавував додека го пишував. Притоа се потсетив на зборовите на мојот професор по драматургија, Горан Стефановски, кој знаеше да ни рече: „Пишувањето е рударска работа, тука нема инспирација.“ И навистина, како во рудник, секое утро станував и со часови пишував на мојот лаптоп. Дисциплинирано, посветено, упорно, самоуверено, до исцрпување... Веројатно тоа е рецептот за пишување романи. Знаете, јас сум научен да пишувам набрзина (текстови за песни итн) и ова ми беше необично напорно. Неизвесноста е присутна при создавањето на секое уметничко дело и многу се иазрадував кога дознав дека жири комисијата го препознала мојот труд и го наградила романот со единствената награда. На 18 септември на кровот на ГТЦ ќе биде неговата промоција и се надевам дека тој ќе им се допадне на сите тинејџери, но и на нивните родители.
*Која е накратко приказната и пораката на романот, што се случува во таа зграда 39?
- Во една зграда во едно наше маало, тројца тинејџери (Дени, Вале и Сашко) демаскираат лажни вести. Се судираат со маалските креирачи на лажни вести од разни генерации и низ сопствената проверка на факти, се обидуваат (и најчесто успеваат) да откријат што е вистина во сето тоа, а што е само плод на маалските озборувања. При пишувањето користев многу марифети од сценаристичкиот занает, со надеж дека еден ден од овој роман ќе создадам и интересна ТВ серија. Доколку постои интерес, кај издавачите и кај читателите, во план ми е да напишам цела серија романи (со различни заплети) со моите тројца ловци на лажни вести. Секако, ако бидам доволно дисциплиниран и истраен во идејата. Се надевам и дека ова дело ќе биде интересно и во други земји и ова нека биде еден повик до преведувачите на разни јазици да го стават „Ловци на лажни вести од зграда 39“ во својата агенда. Инаку, и јас некогаш живеев во една зграда којашто имаше број 39 и од која имам безброј спомени.
*Кои се вашите најубави спомени на тинејџерските денови, која е највредното нешто што сите ние го имавме во нашето растење и созревање а го немаат денешните деца и тинејџери?
- Растев на две различни локации. Во центар, позади Универзална сала и во Топаанско поле, каде што во 1978 година татко ми доби стан од тогашната ТВ Скопје. Тинејџерските денови ги поминав во една зграда, која се водеше на две различни улици, со голем тревник и две клупи, во која живееа најразлични луѓе, од сите профили. Таму ја црпев инспирацијата за „Ловци на лажни вести од зграда 39“. Секако, романот е модерен и е посветен на денешните тинејџери, но, некои навики, карактеристики и чувства се вечни и непроменливи. Имам многу спомени од тинејџерските денови и би ги групирал во неколку фолдери: фудбал, музика, поезија и љубов. Ние имавме безгрижност, а денешните тинејџери не знаат што е тоа. Растат со крвави вести, со евтини турски серии купени на кило и со погрешни вредности. Ние си легнувавме во 19.30 часот, по цртаниот филм и не се грижевме за политиката и за економијата на Југославија. А ги сакавме Прле, Тихи и Марија...
*Дали вашиот татко, познатиот автор Велко Неделковски го прочита романот, и како реагирате кога тој ќе ви даде критика?
- Одлично прашање. Кога требаше да се одлучам со што ќе се занимавам, сакав да побегнам од сенката на татко ми и затоа почнав да пишувам текстови за песни. Подоцна се запишав на драматургија на ФДУ и беше неминовен креативниот судир со него. Тој 40 години работеше во детската редакција на МТВ и созададе безброј ТВ серии за деца и возрасни, но формално немаше завршено драмски факултет. Јас постојано играв ниско на таа карта и се обидував да му продавам лекции и финти по драматургија и по филмско и ТВ сценарио. Се разбира, тој сето тоа го знаеше одлично од својата повеќегодишна пракса и разговорите беа прилично напорни и мачни. Честопати мајка ми мораше да влезе во ринг и како судија да нѐ прекине, со еден остар брејк. Му кажав на татко ми дека пишувам роман, но не му го дадов да го прочита кога беше готов. Веројатно од страв... Тој многу се израдува за мојата награда, а првиот примерок од романот беше во неговите раце. И го прочита романот. Веднаш по мојата мајка, која мораше да биде прва. Двајцата имаа само пофални зборови и беа малку зачудени од мојата авторска зрелост. Добро е што Велко не кажа ниту една критика за романот, зашто навистина овојпат не бев спремен за борба и одбрана... Веројатно почувствува дека не е време за тоа и дека овојпат моите крилја се прилично тенки.
*Напишавте текстови за безброј домашни хитови, поп, фолк, детски песни.. Постои ли песна која е токму ваша лична карта, која вас најдобро ве отсликува?
- Имам 20-тина песни на кои сум навистина горд и кои сигурно ќе живеат долго, долго после мене. Мојот опус за овие 32 години брои околу 1300 текстови за песни и тоа е навистина за восхит. Сè уште со голем ќеиф ѝ пристапувам на секоја нова мелодија, која нема стихови и сè уште сакам сите текстови да бидат мои. Најдраги ми се сите 26 текстови што ги напишав за Тоше Проески (особено „Тајно моја“ и „Сонце во твоите руси коси“), а имам и други драги авторски чеда, како што се „Штом ноќта помине“, „Розо моја“, „Запри дожду“, „Проклети да се предавниците“, „Последен танц“, „Сакам да живеам“, „Роденден (е денот што го чекаме)“... Секогаш се радувам кога луѓето ги пеат и ги сакаат моите стихови. Тоа е посилно од мене.
*Како ги поминавте деновите во времето на пандемијата, дали ова што ни се случи ве инспирираше да создадете нови хитови?
- Пандемијата ја поминав скромно, во кругот на семејството. Со страв, немир и безброј потрошени литри етанол за раце и за разни предмети и површини. Ете, доживеавме и полициски часови, како во војна... Напишав три текстови на оваа тема: „Тука сме“ за Ѓоко Ѓорчев и пријателите, „Ќе мине сѐ“ - за повеќе пејачи од Велес, а по иницијатива на новинарот Владимир Тевчев и пародијата „Назад, назад, Короно мори“ за Гиге и Бачо од „Чешит Шоу“ од Тетово. И таму кажав сѐ што имав. Се надевам дека наскоро ќе имаме поубави теми за пишување и дека светот ќе успее да се врати на својот колосек.
*Вашиот син Филип е успешен млад композитор, дали ги слуша вашите совети и сугестии, и дали воопшто бара совети?
- Филип ја подготвува својата специјализација на Интернационалниот Универзитет Еуропа Прима (некогашна ЕСРА) и моментално е фокусиран на тоа. Постојано создава некои нови мелодии и јас сум му првиот критичар и советник. Тој е многу паметно и воспитано момче и знае дека музиката не почнала ниту со него, ниту со мене. Воопшто не се срами да побара совет за разни музички дилеми од поискусни автори, па и од мене. На неговите мелодии давам сѐ од себе и ги пишувам најубавите стихови. И како дете се радувам на секоја негова нова нота.
*Освен со промоцијата на романот, со што сте во моментов окупиран, професионално и надвор од работата?
- Со мониторингот на Локалните избори. Веќе 22 години работам во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и таму се моите секојдневни задачи, како раководител на Одделението за културен идентитет. Во слободно време сум автор...
Милица Џаровска
Фото: Приватна архива