Интервју со Павле Камилоски: Годинава ќе имаме уште една спектакуларна Мала Италија патува

Добивај вести на Viber

Извонредните италијански песни во изведба на Павле Камилоски и оваа година ќе нè однесат на музичко патување. Целовечерниот концерт, „Мала Италија патува 2“ ќе се одржи на 19 септември во 20.00 часот во големата сала на Македонска Опера и Балет. Оваа година, во придружба на Павле Камилоски, на големата сцена ќе настапат балетски уметници, како и светски познатиот диригент, Христо Христов, а како специјален гостин ќе настапи реномирана македонска пејачка, што ќе биде изненадување за публиката. По минатогодишниот успешен концерт, ова културно воздигнување го поддржува Извршниот продуцент Катерина Стевковска и Министерството за култура.

Прашање: Од кога трае љубовта и поврзаноста со музиката? Дали музиката е нешто што Ве води уште од младоста?

Павле Камилоски: Музиката отсекогаш тлеела во мене, но очигледно не сум бил свесен за својот потенцијал и надградба за него... По се изгледа во тинејџерските денови сум бил срамежлив да го споделам мојот порој кон неа. Но, нема никогаш да заборавам како по дома ја пеев „O sole Mio“ . Пред 6 години работев на брод. Пловејќи по разни дестинации пристигнавме и до крајот на светот наречен Ушуаја, бев фасциниран од убавината која ја видов... Си викав само Господ знае зашто сум дојден до крајот на светот.  Еве зашто, се организираше crew talent show, се пријавив и си ветив себеси ако победам, кога ќе се вратам дома, во Скопје ќе почнам да го школувам гласот. И така и се случи, освоив прво место. Од тогаш, до денес работам и инвестирам во усовршување на своите вокални способности. Така што, тоа е еден порој кој гори, како некоја стихија која тлее во нас и која не можеш да ја сопреш.

Прашање: Кога првпат сфативте дека музиката треба да биде Ваш водич и нешто на што ќе го посветите својот живот?

Павле Камилоски: Животниот пат по кој сум требал да одам, за да стигнам до музиката е угостителството и хотелиерството, така што повторно би додал дека ништо не е случајно на овој свет. Почнав да работам многу млад во ресторанот на татко ми. Оттаму ја наследив таа професија. Полека почнав да учам и да се надградувам во угостителството. На 21 години, со полн куфер соништа и 100 збора англиски заминав за Америка да работам на брод, полн со желба за нови животни искуства, предизвици и надградување во работата. По патот кој чекорев и пловев ми се отворија многу видици и хоризонти, имав неколку сигнали кој ми укажуваа по кој пат треба да се движам. Едноставно не верував, не обрнував внимание, ја игнорирав и ја потиснував. Кога решив дека повеќе нема да работам на брод, и да си го исполнам она што си го ветив со моето прво застанување на сцената, тоа беше пред 5 години во музејот на град Скопје. Таа вечер едноставно се „инфицирав“ со музиката и пеењето. Чувствата и емоциите кои длабоко во мене тлееле конечно испливаа на површина, тоа беше чувство на ослободување, бескрајна среќа, радост и исполнување во целост. Бев обземен со желбата да пеам и размислував да најдам начин, како повторно да ги пренесам  чувствата и емоциите. На 29ти април 2015 година ја организирав првата Мала Италија во Скопје. Покрај талентот и надградбата, самото организирање бараше потреба од голем влог и заложба. Се разбира од огромна важност беше и моралната поддршка од моите најблиски. Тоа ми беше уште поголем мотив за понатамошно усовршување. Мојата кариера се движеше во доменот на угостителството и хотелиерството и се фатив во костец со новиот предизвик, пеењето. До скоро, паралелно ги исполнував и двата света (пеењето и работата). Се до момент каде што телото почна да ми дава сигнали дека е време да одлучам по кој пат ќе чекорам, бидејќи и двете работи си бараат 100% посветеност и фокусираност. После многу борби сам со себе го одбрав патот кој срцето ми го покажуваше, пеењето.

Прашање: Важите како најпосветениот изведувач на италијанска музика и романтични теми, од каде произлегува љубовта кон овој вид музика?

Павле Камилоски: Како многу мал почнав да појавувам интерес не само за италијанската музика, туку воопшто за музика која има тежина, музиката на Џејмс Браун, на ББ Кинг, Френк Синатра, Дин Мартин, Лучано Павароти. Како што растев и созревав со самото работно искуство и одењето од една кон друга светска дестинација, тоа придонесе да ги истенчам сетилата за слух и чувството за естетика. Тука почнав да појавувам интерес за италијанската култура, нејзината музика, храната, виното, архитектурата, модата... така што се почна од безвремениот глас на Павароти и неговите наполитански песни, а конкретно за медитеранската музика, мислам дека не постои човек кој не ужива да ја слуша. Би сакал да додадам дека уживам да ги интерпретирам и евергрините на Синатра и Дин Мартин кои допрва следат .

Прашање: Со минатогодишниот концерт „Мала Италија патува“ создадовте огромно уживање за љубителите на музичката уметност кое нема да се заборави. Што може да очекуваме од концертот на „Мала Италија патува 2“  кој ни претстои?

Павле Камилоски: Бескрајно сум благодарен што на минатогодишната „Мала Италија патува“ во толкав број беа дојдени љубители на ваков вид музика и кои по третпат ме поддржаа во проектот создаден од љубовта кон звуците на класиката, медитеранската музика и безвременските музички творештва. Мојата иницијатива беше да воведам нови и поинакви вечери во Македонија. Особено ми е драго што нашето Министерство за култура овој пат имаше слух и поддршка за нејзината традиционалност. Со тоа придонесоа за подигнување на ваков вид изведи од светски размери. Мала Италија полека но сигурно е веќе прерасната во традиција и овој пат, на 19ти септември во Македонската опера и балет со исклучително задоволство ќе ви ги пренесам новите мотиви на кои секојдневно работам. Оваа Мала Италија ќе биде поразлична, со свој печат и многу изненадувања.

Прашање: Кој е тимот кој ќе биде дел од сцената оваа година, дали имате специјални гости кои ќе Ве придружат?

Павле Камилоски: Тимот на Мала Италија оваа година кој ќе ме прати е камерниот оркестар предводен од диригентската палка на маестро Христо Христов од Бугарија а како специјален гостин, еден од најдобрите женски вокали во Македонија што ќе биде изненадување за публиката. Исто така, на сцената ќе застанат и балетски уметници и секако целокупната техничка поддршка. Сценограф Зоран Николовски и Асистент Сценограф Сашо Стојановски, Аранжер Илија Пејовски и Сашко Николовски, Режисер Љупка Јакимовска и како главен и извршен продуцент - Катерина Стевковска.

Прашање: Кои се Вашите идни планови? 

Павле Камилоски: Секако дека имаме планови за во иднина, но сепак повеќе сакам да зборувам за нештата кои се веќе реализирани. Мала Италија имаше придвижување и прогрес, наредниот проект е планиран за блиска иднина со нова тематика и нови изненадувања.