Интервју со Проф. Д-р Александра П. Кујунџиски за “student-centered” пристап во МБУ

Добивај вести на Viber

Проф. Д-р Александра Порјазоска Кујунџиски е доктор на технички науки од областа на полимерното инженерство.  Од 2010 година, таа ја започнува својата академска кариера на Меѓународниот Балкански Универзитет, а во моментот таа е декан на факултетот за инженерство и во исто време е проректор за наставни прашања на универзитетот. Нејзиното претходно работно искуство во индустрија, во секторот за истражување и развој на нови производи, ù дава можност да ги пренесува практичните знаења и искуства. Подрачјето на нејзина научно-истражувачката работа се материјалите, ставајќи посебен акцент на полимерните материјали. Проф. Александра Порјазоска Кујунџиски е учесник во неколку научно-истражувачки проекти и е автор на многу трудови публикувани во научни списанија и презентирани на меѓународни симпозиуми, конференции и конгреси.


*  Меѓународниот Балкански Универзитет ја започна новата студентска учебна година овој месец. Како изгледаше почетокот, колку студенти брои Универзитетот, колку факултети функционираат во склоп на МБУ и за која наставна програма има најмногу интерес?

Значајно за почетокот на оваа учебна година на МБУ, за студентите, но и за наставниот кадар, не е само почетокот на редовната настава и активностите поврзани со неа, туку и т.н. “extra-curriculum” активностите, како што се: организирање и учество на разни работилници и обуки, посети на компании, учества на конгреси, конференции и симпозиуми. Како поголеми настани во ко-организација на МБУ, одржани со почетокот на учебната година би ги издвоила Конгресот на Меѓународни Источни Европски Студии (CIEES 2019) и Светскиот Конгрес на претприемачи, кој се одржа во хотелот Double Tree by Hilton.

Оваа учебна годинапреку 500 студенти решија високото образование да го стекнат на МБУ, на некој од факултетите, односно студиските програми на првиот, вториот и третиот циклус на академски студии. МБУ е интегриран универзитет, во рамките на кој функционираат 7 единици, со 18 студиски програми од додипломските и 10 програми од постдипломските студии. Широкиот спектар понудени профили и нивната атрактивност, професионалноста и ангажираноста на наставниот кадар за подигнување на квалитетот на образованието, придонесоа бројот на студентите да расте секоја година, така, оваа учебна година тој број достигна скоро 2500 студенти. Во последните неколку години студиските програми за кои постои најголем интерес се Компјутерско инженерство и Архитектурата, како и студиската програма Психологија во рамките на Факултетот за хуманистички и општествени науки. Сепак, МБУ прави постојани напори да го зголеми бројот на студенти и на останатите студиски програми, со ревидирање и ре-брендирање на постоечките програми со цел зголемување на нивната атрактивност, но и со отворање нови наставни програми кои ќе го следат трендот на побарувачката на пазарот на трудот.


*  Што го прави Меѓународниот Балкански Универзитет различен од останатите универзитети во земјата?

Една од предностите со која МБУ како високообразовна институција се издвојува од останатите универзитети во републиката е двојната акредитација добиена од Одборот за акредитација и евалуација на Р. Северна Македонија и Советот за високот образование на Р. Турција. Тоа значи дека наставните програми ги задоволуваат барањата и стандардите на високото образование на двете држави. Од 2013 година, нашите наставни програми се вклучени во каталогот на студиските програми на акредитираните високообразовни ентитети во Турција.

Друга карактеристика што го прави рaзличен од останатите универзитети, е фактот што МБУ е непрофитна установа, која преку доделување стипендии се обидува на средношколците да им пружи еднаква можност за квалитетно образование, а со тоа да го намали одливот на млади талентирани луѓе надвор од државата и да го зајакне капиталот на професионалци во регионот. Досега имаме обезбедено стипендии за повеќе од 1000 талентирани средношколци. Класификацијата на студентите за стипендија се остварува преку испит за стипендии, а од минатата учебна година доделуваме 100% стипендија за тројцата најдобри матуранти од секое средно училиште во Р. Северна Македонија.

МБУ е меѓународен, во вистинска смисла на зборот, со академски кадар и студенти од различни земји, Македонија, Турција, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Северна Америка, со што го развива мултикултурниот, мултинационалниот и мултирелигиозниот карактер на универзитетот. Ние сме позитивен пример за мултиетничка средина во која беспрекорно и хармонично функционираат сите сегменти на еден високообразовен систем.

Посветеноста на академскиот кадар на МБУ во образовниот процес, преку воведување нови и иновативни методи на учење, давајќи посебен акцент на реални примери од праксата и студии на случајот, преку соработката со бизнис секторот, како и со вклучување на студентите во научно-истражувачки проекти, при последното академско рангирање на универзитетите од страна на Jiao Tong универзитетот, т.н. Шангајско рангирање, МБУ беше класифициран како најдобар универзитет во земјата, во областа на наставата и учењето. Овој успех го издигна МБУ на уште повисоко ниво, етаблирајќи го како важен образовен центар во земјата, но и околните држави. 


*  Зошто Меѓународниот Балкански Универзитет е вистински избор за младите?

Покрај богатата понуда на студиските програми, нешто по кое МБУ е препознатлив е изведувањето на наставата на англиски јазик, а тука би потенцирала и дека целата комуникација и коресподенција се изведува на англиски јазик. Со тоа, образованието понудено на МБУ се здобива со меѓународен карактер, за што зборува и големиот број матуранти од другите држави кои го избираат нашиот универзитет за нивна понатамошна едукација.

За оние студенти кои не го владеат англискиот јазик, имаат можност во период од еден или два семестри да ја посетуваат Школата за англиски јазик, која е исто така дел од МБУ, а на потенцијалните студенти им се овозможува и посета на летна школа за англиски јазик, каде преку интензивна настава, со најсовремени наставно-научни методи студентите се здобиваат со потребните компетенции за разбирање, пишување и говорење на англискиот јазик.

Тука се нуди одлична можност за мобилност на нашите студенти и академскиот кадар преку проектите за размена, како Erasmus+ и Mevlana, но и договорите за билатерална соработка.

Со реализирани повеќе од 150 договори за соработка, нашиот универзитет има остварено сериозен линк со бизнис заедницата, со компании од западноевропските земји, кои со заеднички проекти им нудат на студентите на МБУ можност за остварување пракса, разни обуки, стажирање, а најчесто и вработувања. Над 90% од нашите дипломци го остваруваат своето прво вработување во првите шест месеци од нивното дипломирање.


*  Како изгледа студирањето на МБУ, наставата и наставните програми и на кој начин студентот ја добива конечната оценка по одреден предмет?

Како што веќе споменав, наставните програми од првиот, вториот и третиот циклус на студии на МБУ се организирани во рамките на седум факултети, покривајќи голем дел од научно-истражувачките подрачја, од техничко-технолошките, општествените и хуманистичките науки. Едукацијата на МБУ има таканаречен “student-centered” пристап, кој ги зема предвид посебните потреби за учење, интересите, аспирациите и културолошката разноликост на индивидуалците или групата студенти. Наставата на универзитетот се остварува преку теоретска и практична настава, спроведена од високо-образуван и меѓународно респектиран наставно-научен тим, а многу често дополнето со презентирање на најновите достигнувања и искуства од гости предавачи, звучни имиња од академијата, но и од сферата на бизнисот, учества на меѓународни конференции, семинари, работилници, работа на терен, т.н. field trip, и летни школи.

Присуството на студентите на предавањата и вежбите на МБУ е задолжително и тоа е неопходен предуслов за да се оствари правото на полагање испит од соодветниот предмет.  Перформансите на студентот во рамките на еден предмет се следи во текот на целиот семестар, во текот на наставата и сите пропратни активности. Конечната оценка се оформува земајќи го предвид успехот на студентот постигнат на испитите, како и реализираните задолженија, сметајќи ги тука и семинарските и проектните задачи.  


*  Имате еден од најмодерните универзитетски кампуси на овие простори. Колкав е капацитетот на истиот и што сè им нуди на студентите?

Нашиот универзитет се протега на површина од 20 000 m2, а располага со најсовремена инфраструктура во земјата и пошироко. Образовните активности се одвиваат во амфитеатри, предавални, лаборатории, студија, кои се опремени со софистицирана и модерна техничка опрема, следејќи ги светските трендови на употреба на современи методи и алатки кои го олеснуваат процесот на наставата и учењето. Во прилог на ова оди и фактот што преку безжичниот пристап до Интернетот, на вработените и студентите во секој момент им се достапни информациски сервиси, како провајдери на бази на податоци, електронски списанија, и слично, неопходни за непречено одвивање на академските активности. Дел од практичната настава за студентите на Факултетот за инженерство се одвива во техничката и компјутерските лаборатории, додека студентите од Факултетот за ликовни уметности, различните видови и техники на печатење ги  совладуваат во т.н. дигиталната соба. За организирање настани од пошироки размери, каде се предвидува присуство на поголем аудиториум, универзитетот на располагање има конференциска сала, со капацитет од 500 седишта, снабдена со аудио систем, како и опрема за симултан превод.  


*  Какви други активности и ангажмани им се нудат на студентите во рамките на МБУ?

Студентите на МБУ имаат прилика да се стекнат со посакуваните компетенции, не се само со активностите предвидени според наставниот план и програма, туку и преку дополнителни ангажмани, како учества на различни работилници и проекти, организирани од страна на универзитетот.

Традиционално, на крајот од секоја учебна година, студентите од наставните програми по Архитектура и Графички дизајн, во соработка со нивните професори и асистенти, организираат изложба на најдобрите творби создадени во текот на целата учебна година. Својот талент и знаење студентите на нашиот универзитет имаат прилика да го презентираат и на изложби и настани организирани од разни професионални друштва и здруженија од Северна Македонија и регионот.

Преку вклучување во научно-истражувачки проекти, академскиот кадар се обидува на своите студенти да им всади основи за различни стратегии за решавање на реални проблеми, да ги запознае со методологиите на научното истражување, елементите кои треба да ги содржи еден научен труд, но и со техниките на академското пишување. Да им укаже на потребата од самонадградување и проширување на вештините и знаењата преку таканареченото доживотно учење (lifelong learning).

Приматот на МБУ е квалитетното образование, а во таа насока и продуцирање на мотивирани, амбициозни, самокритични индивидуи, со желба за самонадградување и напредок, а кои со своите знаења, вештини и компетенции секогаш успешно делуваат на потребите и предизвиците на глобално ниво.