Интервју со професорката од „Нова“ Кристен Финк: Сакам мојот час да биде организиран хаос

Добивај вести на Viber

Нашето семејство и пријателите беа возбудени кога им кажавме дека се селиме во Македонија. Локацијата е одлична, едноставно е да отидам дома во САД, но блиску е до други европски градови така што луѓето кои доаѓаат да нè посетат може да го видат Скопје како и други европски градови. Фактот дека се селиме на неколку години е одлична лекција по географија за моите внуци и забавно е да им раскажувам за културата и животот тука

Кристен Финк потекнува од малечко гратче на југот на Ајова во САД. Оваа интелектуалка дипломирала ТВ и радио новинарство и историја, а магистрирала педагогија на „Drake University“ во Де Мојн, Ајова. Во родното место го запознава сопругот и го посвојуваат своето прво куче. Заедно патуваат низ целиот свет, а моментално се на територијата на Република Македонија. Тука, во нашиот главен град, Кристен е професорка во меѓународното училиште „Нова“. 

За Женски Магазин, таа раскажува за својот начин на живот, за своите искуства со учениците и за Скопје кое ги надминало нејзините критериуми. 

* Може ли да ни кажете нешто повеќе за вашите часови и за работата во меѓународното училиште „Нова“? 

- Во „Нова“ почнав да работам минатата година и предавам англиски јазик и општествени науки за осмо одделение. Се радувам дека следнава учебна година ќе се фокусирам целосно на општествени науки за шесто и седмо одделение. Кога предавам општествени науки се обидувам да им го приближам и „оживеам“ предметот на учениците и наместо да се фокусираме на учебници и на тестови, се трудам да им донесам документи кои биле креирани во тоа време од историски важни личности со цел да им помогнам да се пронајдат себеси во предметот. Оценките не се формираат само преку квизови и тестови туку вклучуваме и проекти, симулации и презентации. Сметам дека учениците подобро ја совладуваат материјата преку акција и дискусија отколку преку сувопарни предавања и меморирање на податоци. Ставам акцент на учењето на различни логички и аналитички вештини кои може да се адаптираат на било кој час како и да се употребат надвор од училиштето што пак им овозможува на учениците да ги употребат информации кои ги совладуваат на училиште во нивниот секојдневен живот. Тоа е многу подобар начин да се учи историја и воедно да им се овозможи на учениците да разберат како минатото има ефект врз нивната сегашност и иднина. 

* Која беше главната причина поради која дојдовте во Македонија и почнавте да предавате во „Нова“? 

- Мојот сопруг е вработен во Американскиот стејт департмент. Секои две до три години одиме во различна земја каде тој работи во амбасадa или конзулат. Кога разгледуваме каде ќе одиме вообичаено правиме проценка врз основа на повеќе критериуми меѓу кои и времето, дали може да го земеме кучето со нас и какви училишта има во градот. Скопје ги задоволи и надмина сите наши критериуми.  Кога дојдовме во Македонија веднаш стапив во контакт со одговорните во „Нова“ кое јас го препознав како училиште каде најмногу би сакала да работам во Скопје. По неколку интервјуа, бев среќна да ја прифатам работата во основното училиште. 

* Што сакате најмногу кај македонските ученици? Дали имате некој ритуал со вашите ученици? Што ве прави поинаква од останатите професори? 

- Тешко ми е да издвојам што е специфично и ми се допаѓа кај учениците од Македонија затоа што тие сочинуваат само еден дел од одделението. „Нова“ е интернационално училиште така што има ученици од цел свет. Не се фокусирам на националноста на учениците туку се насочувам кон запознавање на нивниот карактер и потреби во образовниот процес. Тоа што можам да го кажам е дека сум импресионирана од сите ученици во „Нова“, меѓу кои секако и Македонците, поради нивната желба и отвореност да пробуваат нови работи како и искрената грижа и добра волја за оние околу нив. Сакам мојот час да биде еден вид на организиран хаос. Важно ми е дека учениците ги знаат моите очекувања од секое предавање, но се чувствуваат слободни да се изразат себеси и да поставуваат прашања. Повеќето од работите кои ги правиме бараат колаборативност и активност така што често има движење и врева. Имаме распоред за седење, но го менуваме во зависност од различните активности и групирањето кое е потребно за планираната активност тој ден. Се обидувам да вклучам игри колку што е можно повеќе особено кога се подготвуваме за тест. Учењето треба да биде забавно! 

* Која е разликата помеѓу САД и Македонија од аспект на живот и од аспект на професорската работа? 

- Една од работите која ја сакам во Скопје е големината на градот. Во тек на 10-минутна прошетка можам да земам речиси сè што ми е потребно, од храна за да подготвам вечера до ново растение за мојата градина. Сакам само да потенцирам дека кажав – прошетка. Во САД речиси и да не пешачиме, секаде возиме и наместо во мали продавнички одиме во големи маркети. Исто така, тука се става фокус на семејството што пак во одредена мера недостасува во некои делови на САД. Често гледам три генерации како се излезени заедно на прошетка или баба и дедо како се грижат за внучето. Како учител можам да забележам дека таа семејна блискост се рефлектира и во грижливата природа на моите ученици. Тие се навикнати на интеракција со луѓе на различна возраст и воедно имаат чувство на емпатија кога ќе им биде претставен животот и борбите на историски личности. Бројот на мачиња и кучиња низ улиците на Скопје исто така ми е интересен. Повеќето се навистина пријателски настроени и охрабрувачки е да се види колку од нив имаат ознака која покажува дека се вакцинирани. Во САД, животните без дом се носат во прифатилишта каде може да бидат посвоени и така ние го најдоме нашето прво куче. Додека второто нè најде тука, на улицата каде што живееме. Беше толку сладок и моравме да го внесеме во нашето семејство. 

* Каде сте биле во Македонија, дали имате место кое најмногу го сакате? 

- Морам да признаам дека немам видено толку од Македонија колку што би сакала. Тешко е да се патува во тек на училишната година и поголемиот дел од одморот го користам да се видам со моето семејство. Сум била во археолошкиот локалитет Стоби, на Водно и некои од убавите градови и предели во близина на Скопје. Мојата листа на патувања кои морам да ги реализирам наскоро се: посета на тврдината Кале, на кањонот Матка, секако на Охридското езеро како и на манастирите низ земјата. 

Инаку навистина уживам кога одам во Старата чаршија и во Македонско село на Водно. Како историчар, уживам кога гледам како Македонија била во минатото и како се има сменето низ времето. 

* Може ли да ни опишете како ви почнува и завршува денот во Македонија? 

- Во тек на учебната година мојот ден почнува рано. Доколку планирам да вежбам тогаш мора да го направам тоа наутро инаку ме фаќа мрза да вежбам после училиште. Сакам да трчам или да пешачам со моите кучиња или пак да вежбам јога, во зависност од денот. Сакам порано да дојдам на училиште за да ја искористам тишината и да се осигурам дека сум подготвена за работа кога ќе пристигнат учениците. 

Во зависност од периодот, по училиште често работам со учениците на активности после училиште или спортски активности како дел од CEESA асоцијацијата чиј дел е и „Нова“ или пак уживам во ретките моменти на тишина дома заедно со моите кучиња. Се трудам повеќето денови во неделата да зготвам вечера и за среќа има многу места на пат кон дома каде можам да купам свежо овошје и зеленчук. 

По вечера сакаме да се релаксираме и да погледнеме што е ново со американската култура преку „Нетфликс“ или „Јутјуб“, а додека гледаме вообичаено сакам рачно да плетам. Исто така читаме или пак излегуваме да ги прошетаме кучињата. Морам да признаам дека понекогаш дома носам писмени задачи или тестови за оценување. Вообичаено си легнуваме порано, а за викендите сакаме да поминуваме време со пријателите, да се слушнеме со семејството, да готвиме и да завршиме сè што сме одложувале во тек на неделата. 

* Како вашето семејство и пријателите ја прифатија Македонија, каков е нивниот став за земјата? 

- Нашето семејство и пријателите беа возбудени кога им кажавме дека се селиме во Македонија. Локацијата е одлична, едноставно е да отидам дома во САД, но блиску е до други европски градови така што луѓето кои доаѓаат да нè посетат може да го видат Скопје како и други европски градови. Фактот дека се селиме на неколку години е одлична лекција по географија за моите внуци и забавно е да им раскажувам за културата и животот тука. Моите родители нè посетија минатата година и им се допадна истражувањето на градот и на државата. 

* Каде се гледате себеси за 10 години? 

- Немам претстава каде ќе бидам за 10 години! Тоа е забавниот дел на нашиот начин на живеење. Со малку среќа за 10 години би живееле на некое прекрасно место, со куче или кучиња со нас, уживајќи во животот колку што можеме повеќе. Се надевам дека ќе најдам работа во училиште каде и да сме тогаш иако можеби од училницата ќе преминам во координација на курикулумот. Кој би знаел? 

* Кој е вашиот омилен цитат за успех? 

- Мојата мантра е од познатиот американски бејзбол филм, „Посебна лига“. „Секако дека е тешко. Треба да биде тешко. Доколку е лесно сите би го правеле тоа. Тешкото е тоа што го прави добро.“ Има елементи на тешкотија секој ден, во секоја ситуација. Но, кога ќе почнам да се фрустрирам се обидувам да запаметам дека предизвиците со кои се соочувам и ги надминувам ме прават посилна личност. 

* Најважното нешто што секој ученик треба да го научи ...? 

- ... да научи како да учи. Меморирањето на податоци е лесно и во суштина не е учење. Процесот на учење вклучува употреба и совладување на многу различни вештини и оди подалеку од паметење на обични факти и учење на „вистинскиот“ одговор. Во слична насока би сакала моите ученици да научат да ги прифаќаат поразите, да прифаќаат кога не се во право и да го гледаат сето тоа како чекор на нивниот пат на учење. Многу ученици (и родители) се фокусирани на правилните одговори и на високите оценки, но во суштина напредокот (да се помине низ процесот на неуспех, работа и конечено успех) е вистинскиот индикатор за учење. 

* Како би се опишале во една реченица? 

- Јас сум специфична, но фокусирана личност која е заинтересирана за уметност, за образование, за готвење, за живеење на активен живот опкружена со семејството, со кучињата, со пријателите и со многу патување. 

Даница Караташова