ИСКРЕНО со Ивана Кнез: Половина општество е во бракови од кои сака да избега
Пред да започне пандемијата со коронавирус, очи си извадивме еден со друг. Трка по пари, туркање во бездна на секој кој нешто прави, почнува или завршува, трка со времето, без да погледнеме длабоко во себе и во очите на другите околу нас. Коронавирусот ни даде и одржа таква лекција која веројатно ќе ја памтиме дур сме живи... Сега некако не си ги вадиме очите туку гледаме (кој како) да си помогнеме. Дома во изолација да видиме дека семејството навистина е свето, дека нашето тело сака оддишка од акумулиран стрес, дека невидливиот непријател не е наивен и дека за справувње со него треба сплотено.
Модната дизајнерка Ивана Кнез важи за дама која има цврсти ставови и кон животот и кон луѓето. А, незината течна мисла знае како да ја канализира во вистински зборови. Незината животна филозофија е во помагањето на луѓето и животните, во гледање на нештата објективно и реално, во мотивирање... Со неа разговараме за моменталната ситуација во која сите се наоѓаме, а секој од вас ќе се пронајде во интервјуто.
* Што е она што Ве вади од такт во поглед на ситуацијата со коронавирусот?
- Што не постои адекватен извор на информации. Со постоењето на социјални медиуми и појавувањето на стручни лица од секаков можен аспект, започна да се предизвикува комплетна хистерија помеѓу луѓето во светот, Европа поточно. Еден влече друг тегне, некако на ниту еден не можам да му верувам. И агресивниот конзумеризам на информации од страна на поединци, со исклучителен субјективен настап кон дадени моменти, и посебно нагласување на се што не чини. Мислам, ако сакате да почнам да набројувам што се не чини во државава, можам да напишам десет тома со опус на Каренина, а еве сепак одбирам да го потенцирам тоа што е добро. Знаете, ако го нагласуваме позитивното медиумски и вербално, а работиме на поправка на тоа што не функционира и е негативно, ќе започнеме да одиме по еден пат за систематизација на општество. Помалку разговор, повеќе дела. Од поединец до врв на држава.
* Каква лекција ни одржа невидливиот непријател?
- Дека се е манипулативно, дека информацијата може да помести планети, без разлика дали е вистина или не. Дека со многу малку можеме многу, дека половина општество е во бракови од кои сака да избега, дека инфлуенсерките си беа и останаа (чеховска пауза), дека сме зависни од кафани и цела нација ни живее за денот кога повторно ќе го полни Дебар Маало и дека за жал ништо нема да се промени по ова. Тој што бил на пат кон себе надградба само ќе продолжи по истиот, а тој што живее за локално подигнување на пиедестал ќе продолжи да зема кредити за да покрие кафански сметки и да го видат со бемвето од отворен прозорец.
* Дали се свртевме во изолација на вредностите кои сме ги изгубиле или потонавме во уште поголема духовна беда?
- Индивидуално е. Се‘ и сешто произлезе по Фејсбук и Инстаграм периодов, дури и забележав во даден момент дека и мене ме повлече таа масовна хистерија, па за среќа запрев и продолжив со постирање на тоа што до тој момент го правев, позитивни информации и апел за заштита на животни. Знам дел кои и тоа како ќе излезат како нови луѓе од сево ова, а знам и дел кои потонаа уште подлабоко во интимни стигмати. Знам и поединци кои беа и ќе останат гасеници, ништо повеќе и ништо помалку од тоа.
* Што треба според вас да се направи за да се зачува менталната снага оти луѓето веќе попуштаат со нервите?
- Психолог. Знам неколку што работат онлајн и на телефон. Цврсто верувам дека треба да се работи на оној дел од телото кој не функционира, ако те боли глава одиш на невролог, ако те боли душа одиш на психолог, а не на бајачка. И не бараш совет од пријател кој што е во десет пати поголеми Г.... од тебе. Совет се слуша од некој кој постигнал најмалку дупло од тебе, човек кој е среќен сам со себе, а за жал таквите се се’ поретки.
* Што Вие правите во изолација? Како го доживувате карантинот?
- Работам, готвам, садам овошје, зеленчук и кактуси, работам хуманитарно, иако одбрав да не кревам многу џева за тоа, но секоја чест и капа долу за пар луѓе кои и тоа како постигнаа резултати на таа тема локално. Секоја вечер правам анализи на светски пазари, ме интересира многу што ќе се случува пост оперативно. Промената на светскиот конзумеризам има едно бело и едно црно сценарио, па вагам секоја вечер по економскиве форуми. Ако ви кажам дека медитирам и вежбам ќе звучи елитистички, а немам допирна точка со ниту една елита. Јас се повлеков пред една година комплетно од Скопје, и го најдов својот личен мир, и не постои нуту една пандемија за која ќе го дадам истиот.
* Дали сега имате поинакво гледиште во поглед на инспирацијата при творењето и создавање на она што го работите?
- Да, но не заради пандемијата туку заради личните приоритети. Јас го променив концептот на работа и производство уште на сам старт на 2020, и се вратив кон сопствените ставови и гледишта за уметноста комплетно. Нешто за кое што сметам дека можеби требаше одамна да го сторам, наместо да се борам со ветерници локално и да се водам по потреби на фрустрирани индивидуи, а не реализирани луѓе. Интуицијата е секогаш во право, за жал таа лекција ја повторував неколку пати во животот, ама овен во хороскоп, со глава воѕид, не знам еднаш да згрешам, морам сто пати. (да, знам дека има соодветен термин за ова)
* Дали модата може да изигра некаква улога во поглед на ситуацијата?
- Да може, огромна улога. Големи компании можат да конвертираат дел од производството во наменско и да произведуваат заштитна опрема за таму каде што е потребно, но трошоците за производтство да се покриени од државата финансиски, и ова го мислам за кај нас бидејќи ние не сме синдикатски споени во единка, туку сме сите приватни бизниси кои и тоа како ја чувствуваат економскава катастрофа. Малите бизниси да бидат исто така покриени од државата за основните давачки, за да можат да земат здив и да работат на креативи за потребите на здраството и за понатамошен развој на целиов систем на моден дизајн без да чувствуваат притисок за тоа како ќе преживеат, или дали треба да донираат или не. Сметам дека во функционално општество ниту еден бизнис не смее да биде засегнат од пандемија или било каква непредвидлива катастрофа. На крајот на денот за тоа ви плаќаме давачки, бидете фраери и предвидете ги проблемите за да може тактички да ги решите. Кога можат други држави да излезат од ова, не знам зошто не би можеле и ние. Инфлуенсерите да се фокусираат на подигнување на позитивниот дух кај нивните следбеници, да се потенцира се што е добро и квалитетно и да започнеме со нега на македонски брендови. А потршувачите пак, во иднина да размислат за тоа дали не е веќе време да се конвертираат кон локалните брендови, да ги поддржат македонските компании со купување на локални дизајни, и на крајот на денот доколку не се задоволни од истиот, да се отвори една платформа за виртуелна комуникација, со R&D на високо ниво, како би можеле сите заедно да си го подобриме квалитетот на живеење. Ти на мене, јас на тебе, око за око, ама со цел овој пат. А не да си вадиме очи за џабе.
* Велите „Намасте”…Дали филозогијата на зборот се менува во поглед на моменталната состојба?
- Никако, јас и понатаму се поклонувам со моето срце за тебе и твоето за мене. По ова за мене ќе има уште поголемо значење, сега повеќе од било кога се надевам дека сите ќе ја сфатат вредноста на личниот мир и личното здравје. Стресот и трката за пари не‘ прегази. Доста е.
* Ваша порака…
- Не дреми на социјални медиуми. Не читај вести на 15 минути. Мора да разбереш дека немаме доволно време на земјава, утре може да не постои. Кажувај те сакам што е можно повеќе, гушкај го оној што е покрај тебе најмногу на свет, јади вкусно и квалитетно, локална и сезонска храна, купувај од бабичките на пазар, насмеј му се на комшијата, не го мрази дека има поубав автомобил од тебе, не знаеш што се‘ друго него му тежи на срце можеби таа насмевка ќе му го направи денот вреден за живеење. Чувај си ја душата, чувај си го телото, твое е, не мора пред време да старее, од тебе зависи. Ако знаеш дека утре нема да се разбудиш, што ќе направиш денес? Клише прашање, ама ти го размрдав желудникот, признај.
Небојша Толески