Искрено со Сергеј Ќетковиќ: Жена ми секогаш ми кажува што е исправно и ја слушам

Добивај вести на Viber

Со Сергеј Ќетковиќ секој разговор е задоволство, особено оној во живо, затоа што црногорскиот пејач и автор е поборник за враќање на стариот начин на живот и вистинските вредности. Муабетевме релаксирано во Битола, пред неговиот настап на концертот „Поп-симфонија“, каде што со многу емоции, меѓу своите хитови ја испеа и „Тајно моја“ од Тоше Проески. Сергеј доби поддршка од целата јавноста кога отворено изјави дека тој и сопругата Кристина на своите ќерки Лола и Мила им кажале дека не им се биолошки родители. Сергеј за жал, остана без оние кои нему му ја даваа најголемата поддршка, родителите. И мајката и таткото во март годинава му починаа како последица од коронавирусот, многу брзо еден по друг.

За нив, за семејството, за новите планови и за сите планови кои не му се оствариле, Сергеј сосема искрено збрува за Женски магазин. 

*За сите нас беше страшен и незисвесен овој период на пандемија. Верувам дека за тебе и за колегите исто така беше страшно да не можеш да го работиш она за што живееш и од што живееш.. Како ти поминаа овие месеци?

-  Страшно беше во смисол дека никој од нас не се надеваше дека волку долго ќе трае, сите имавме поинакви прогнози. Но, животот е таков, непредвидлив и како и повеќето мои колеги и јас (нема да кажам дека) останав без работа, но чекав некои подобри времиња за да продолжиме понатаму. Така што во изминатава една ипол година работев на новиот албум, гледав постојано нешто да работам, само да за да не ми поминува  времето за бадијала. Го посветив пред сè на семејството, и работев на некои нови проекти.


*Колку со овој нов начин на онлајн живот го загубивме вистинскиот живот, постои ли сè уште?

-  Ние сме Балканци, кај нас постои, но допрва времето ќе покаже колку сето ова драстично нè промени, затоа што на човек да му одземеш правото да се ракува, да се гушка, да се бакнува, да се дружи не е добро. Велам времето ќе покаже колку ова лошо влијаеше на нас, но пак велам од друга страна, од сето ова треба да излеземе попаметни и со малку повеќе свест за тоа дека на некои работи не можеме да влијаеме.

*Со сопругата Кристина сте посветени родители на Лола и на Мила, користат ли тие социјални мрежи, успевате ли да им го дозирате времето поминато на телефон или таблет?

-  Не користат социјални мрежи, затоа што јас сè уште им забранувам. Лола има 11 години, тоа е таа генерација која е нон-стоп на телефон, но гледам да дозирам, да ѝ забранувам колку што можам најмногу, затоа што со тоа што ќе ѝ забранам некои работи можам само да ѝ помогнам, затоа што денешните генерации и нивниот живот не може да се спореди со она што ние го имавме како деца. Колку и да се трудиме да ги подготвиме децата за овој свет, ние не сме подготвени за него, а тие се одамна веќе подготвени. Мила е помала, има 9 години, таа е поианков тип, и го користи телефонот онака по потреба, што многу ми се допаѓа, го носи телефонот само кога ѝ треба. А Лола е она- Јутјуб постојано...

*Ја започнавте прекрасната приказна „Лола и Мила“ со сликовниците чии главни ликови ги носат имињата на вашите ќерки. Потоа, приказната прерасна во видео- проект. Што ново се случува кај „Лола и Мила“?

-  Почнавме со доста нови проекти на кои работиме, еден од нив е куклената емисија „Не е а, туку молам“, на која сум многу горд, затоа што сметам дека се враќа во некои времиња во кои ти и јас можеби сме раснеле. Поразувачки е што во денешно време нема никакви едукативни емисии од типот на Бранко Коцкица или било што од тоа време. Затоа се трудам да вратам макар малку од тоа што ние сме имале можност да го гледаме.


*Долги години сте заедно со Кристина, колку таа ти помага во важните животни одлуки. Ги слушаш ли нејзините совети?

-  Мислам дека женките се попамети и поинаку ги согледуваат работите од нас мажите. Ние сме некако брзи и брзоплети и реагираме некако повеќе со хормоните отколку со паметот, па фала му на Бога имам со кого да споделувам разни ситуации, разни животни прилики и имам добар советник, сопругата секогаш ми кажува онака како што е исправно и ја слушам.

*Ти се случија неубави нешта на приватен план, твоите браќа и ти ги загубивте родителите, брзо еден по друг. Што може човек да научи во таа ситуација?

-  Не учи ништо, само го враќа филмот на некои минати денови и на времето кое можел да го потроши со оние кои се најбитни. А, животот е таков, едноставно за тие работи човек никогаш не може да се подготви и никогаш не може да биде подготвен. За жал, многу од моите пријатели останаа без најблиските, еве и на мене ми се случи тоа и тоа онака многу брзо и неочекувано. Но, поради нив, и сето она што го научив од нив мораме да продолжиме понатаму, поради своите деца, поради своите семејства.

*Твојата најнова песна „Кофер“, брзо стана хит, се чини дека немаш промашување кога пишуваш песни, веднаш ѝ се „лепат“ за уво на публиката. Постои ли некоја формула, некој тертип по кој работиш?

-Добро, тука дефиниција за хит не постои. Јас и не знам да оценам што е хит а што не е. Го пишувам она што ми се допаѓа, и мислам дека тоа е единствена формула за опстанок и за некаква долготрајна кариера. Јас од првиот ден гледам да го дадам својот максимум па публиката која ме следи во овие 20 години, всушност ова е 21 година на некоја моја музичка кариера, гледам да го оправадам сето она што сум го добил од нив, и велам дека секогаш го давам својот максимум и се трудам од година во година да бидам поинаков. На некој начин, не сосема, затоа што сепак не треба да го менуваш својот пат, а да бидеш во склад со музиката и со времето во кое живееме.


*Што ново да очекуваме во наредниот пеиод?

-Новото цеде. Работев на него толку долго, го имав целото време на овој свет, па направив некоја селекција, го наполнив куферот со добра енергија и добра музика и веќе во октомври новото цеде ќе биде достапно.

*Има ли некоја животна одлука за којашто се каеш дека си ја донел, и колку ти успева фработите да ги свртиш на своја страна, онака како што си ги замислил?

-Научив одамна дека без оглед на тоа колку јас нешто сакам или се трудам да постигнам, дека тука и не се прашувам многу, дека сè ќе биде онака како што треба да биде. Имам безброј примери дека песните од типот „Сати, дани, године“, таа песна му ја подарив на својот пријател, па потоа тој не можеше да се снајде со неа, па јас повторно ја вратив назад, па ја снимив и ете така. Песната остана како моја лична карта некаде од почетокот на мојата кариера. Така и песната „Кад би хтјела ти“ беше продадена на друг изведувач, па јас по пет години ја откупив и пак заврши кај мене. А патев многу по таа песна кога дознав дека е продадена, затоа што се се случуваше онака брзо за еден час. Јас си реков: Ја сакам, ја купувам, но се јави некој друг кој бил пред мене. Потоа ја прежалив, но знаев дека некако таа ќе ми се врати.

*Ќе имаш ли простор за одмор летово?

Ќе се потрудам. Гледам да продолжам таму каде што застанавме пред една ипол гоидина, почнавме со концертна турнеја минатата година во февруари со концерти во Загреб, во Сплит.. еве сега, имам многу закажани концерти, а до кога ќе биде тоа така не се знае. Еве, најавуваат некој нов бран... Одиме понатаму, па до каде стасаме- стасаме.

Милица Џаровска