Искрено со Снеже Велков: Дарко ме видел на ТВ и посакал да му бидам девојка, тогаш поверував во љубов на прв поглед

Добивај вести на Viber

Ако ја види Снеже Стојковска, девојчето кое пред Тв камерите започна со емисијата „Ред хот“, денешната Снеже, која сега се презива  Велков вели дека би   ѝ удрила шамар и би ја гушнала за поддршка. Снеже е еден од најпозитивните ликови во нашата јавност. Не е телевизиски активна во моментов, но е популарна на социјалните мрежи, што е интересен феномен. Со хаштагот БлескАј ги мотивира оние што го следат нејзиниот динамичен ден кој започнува во шест наутро. Мајка е на два сина, и веќе 17 години вљубена во Дарко Велков, според многу нешта различен од неа. Инстаграмот за Снеже постои за нејзините цели и идеи и не ѝ е извор на заработка, туку задоволство. За сите свои животни задоволства, од љубовната приказна со сопругот, синовите, работата во семејната фирма, готвењето, Снеже зборува во Женски магазин.

* Неодамна наполни 40 години. Веруваш ли во изреката дека четириесетите се новите 20-ти, важи ли за некој кој е активен и живее здрав живот како тебе таа изрека?

- Би рекла вака, дваесеттите си постојат за да бидат токму тоа дваесетти, тогаш можеш да лудуваш, да правиш грешки, да експериментираш, да носиш одлуки за кои и да сносиш последици нешто многу не си засегнат. Слободен си да си тераш по свое а и да згрешиш имаш доволно време да ги поправиш нештата.

Во четириесетите пак си имаш одговорности, возраст кога не бива да се однесуваш детски, имаш знаење кое те ограничува да правиш глупости и доволно искуство да не мора да експериментираш. Од друга страна веќе си изградил некоја слика за себе во околината и добро би било да се држиш до неа или да ја надоградуваш, не бива да се руши.

А ако зборуваме за енергијата ја имам за тоа што мене ми одговара, не си ја расфрлам на неважни работи како порано. Чувам и живци и енергија само за работи кои навистина вредат. Можеби сè уште се двоумам во тоа што точно сакам ама знам точно што не сакам!

* Велосипедот и вежбањето наутро се твој начин на живот, како ти поминува еден обичен ден?

- Активно и забавно. Утрото е мое. Од 6:00 се пие кафе на раат прво па ако времете е погодено возам некои 19 км надвор а ако времето е непогодено тогаш вежбам еден час дома. И тоа сè, се  случува додека домашните спијат... Веќе од  8 часот почнува гужва и галама, турканици и брканици  на време да се стигне во школо, да се подготви работниот ден и да се тргне во нови победи.

Маркетинг менаџер е мојата позиција во http://vrabotuvanje.com па генерално денот протекува активно и креативно со мојот тим и со клиентите...

Пладнето е слично на утрото со збрка, гужви, кој да земе дете од школо,, како да се стигне на два состанока а измеѓу и да се руча и слично.

Вечерта, пак идеме на домаќински активности, нешто креативно да се зготви да се прочита некоја книга или да се одгледа некоја серија...А заспивањето ми е редовно околу 22:30 рутина си е рутина...

* Нешто различно на ТВ програмата понуди со проектот „ВИП на еден ден“, зошто престана да се емитува?

- Проектот престана да се емитува исклучуво заради светската пандемија. До последно не се предававме. Всушност последната епизода беше снимена пред затворањето на светот. Последната приказна која ја реализиравме всушност беше и најголемиот зафат -трансформацијата на Славчо кој имаше 221 кг и го однесовме во болница во Истанбул каде му го скратија желудникот и тоа  се случи на 13 март 2020. Веќе на 15 Март 2020 светот се затвори а авионот од Истанбул беше еден од последните кој слета во Скопје пред да се затвори истиот...

После ни ги затворија најголемите пријатели на емисијата, стоматолозите кои беа срцето на емисијата во трансформацијата на учесниците, па не ставија на дистанца, па се воведоа маските кои ги покрија насмевките, всушност ни ја одземаа сржта на емисијата (гушкање, насмевки, зближување, дружење) и тоа беше јасен сигнал дека емисијата не може да продолжи да се емитува.. Но се надевам на реактивирање на истата. Во подобри времиња..

* Популарна си на социјалните мрежи, актуелна во медиумите, а не се појавуваш во медиум, зошто те нема пред камерите, имаш ли планови за нов ТВ проект?

- Актуелноста веројатно значи дека дошло време да се вратам пред камерите. Верувам дека  ќе се поклопат коцките и многу скоро ќе имам нешто конкретно да споделам со публиката.

* Што е Инстаграмот за тебе, работа, задоволство, забава, се заработува ли пристојно од него во твојот случај конкретно?

- Мојот профил постои за мои цели и идеи.Тука си ја споделувам креативноста, пишуваниот збор, прочитаните книги, рецепти, моите начини на себемотивација и вежбање, со надеж дека тргнувајќи од себе некому можам да му бидам мотивација или инспирација. Комуницирам со оние кои ме следат, со пријателите и колегите. Инстаграмот ми е задоволство пред сè, мое место за мои приказни, да кажам нешто јасно и гласно а да си бидам свое на своето. Не ми е извор на заработка а верувам дека е одличен начин за да се стигне до приходи.

* Како настана хаштагот „БлескАј“, и кога за тебе можеш да кажеш дека за првпат заблеска?

- Заблескав среде пандемија во јуни во 2020, кога сè беше тмурно, мрачно, затворено и тажно. Тогаш одлучив дека на сите ни фали зрак надеж, зрак светлина, на сите ни фали блесок.. И не чекав на никој да ми го креира или даде, решив  дека секој индивидуално мора да си каже БлескАј, за да заблесакме сите и да го победиме сивилото..И тргнав секое утро со точакот да блескам јас и да ги терам и сите да блескаат заедно со мене. Оти само така блесокот има смисла. И ете така се создаде една убава енергија и фала им на сите кои во БлескАј гледаат инспирација и мотивација...

* Во роденденскиот пост ги спомена сопругот и синовите. Дали си строга мајка, како се справуваш со тинејџерскиот период на постариот син?

- Ален има 15 години и е прва година средно. Дарин има 10 години и е петто одление. Не би рекла дека сум строга да поставувавм услови и правила, забрани и казни. Сопругот тука повеќе е задолжен за почитување на редот и законот во куќата ..Јас имам еден систем кој вика - ги терам сами да донесат одлуки, и сами да бидат свесни за последиците од истите. Од типот ако само наутро се успиеш сам си ги носиш последиците од тоа што ќе задоцниш, не оправдувам јас кај класниот, сам ќе си кажеш (па тука проработува па срам ми е па незгодно..). Исто доколку замолам нешто да ми помогнат, а тоа не го сторат, само потсетувам дека следниот пат кога нешто ќе побараат од мене да бидат свесни дека нема да се оствари. Зборувам постојано, потсетувам, не критикувам туку ги терам да бидат подобри и најважно, да знаат да почитуваат. Не сум им другарка и не сакам така да се поставам, јас сум мајка  и треба да имаат доверба во мене како мајка, другарите се нешто друго...

Големиот син повеќе е поврзан со татко му и сега тој му е водич низ машкиот свет. Си имаат машки муабети и теми за кои јас сум запознаена ама деталите се резервирани за татко му. И ги оставам да биде така.

*Сопругот Дарко ретко го спомнуваш јавно, како се запознавте, како започна вашата приказна?

-Се запознавме во 2005. Нашата приказна почна кога Дарко Велков тогаш млад бизнисмен ми беше гостин во „Ред Хот“, на темата Работа преку лето. Е, тогаш поверував во љубов на прв поглед... Подоцна дознав дека неговото гостување било договорено со мојот тогашен продуцент, бидејќи Дарко ме видел на телевизија и си посакал да му бидам девојка, не било ништо случајно ни судбинско. Јас за кратко после неговото гостување заминав за Перуџа, Италија, како стипендист на катедрата за Италијански јазик и книжевност, престој кој траеше месец дена и тоа беше фин тест за тоа дали може нешто да се случи меѓу нас...А, признавам имав една одлука додека бев во Италија дали да заминам за Рим или да се вратам во Скопје. Го одбрав Скопје, сè понатаму е приказна која трае веќе 17 години...

* Кои се оние особини кои сметаш дека на тебе ти недостасуваат а тој ги има и ги надополнува во вашето секојдневие?

- Мојот сопруг е темелен, трпелив, детален, тивок, одмерен, умерен со точно утврдени цели. Па секогаш е тука за да го усмери мојот креативен ум и да ме приземји ако фантазиите ме летнат некаде во нереални замисли, да ја искулира мојата лудачка енергија наутро, да ми прости кога заспивам на сериите навечер. Ама и да разговара со мене во изнаоѓање на решенија во подобрување на нашата заедничка приказна. Јас сум креативна, тој е практичен. Јас кратка и јасна тој темелен и детален. Јас веган тој месојад. Јас ниска тој висок.Ј ас плава тој црн. Јас гласна и насмена тој тивок и сериозен. Едниот син личи на него другиот на мене. 50-50 сме, мислам фер е. (се смее)

* Твојата ТВ приказна започна во емисијата „Ред хот“, ако денес ја сретнеш Снеже од тоа време, што би ѝ рекла?

- Прво ќе ја гушнам таа Снеже Стојковска (моминското презиме)па ќе ѝ удрам еден шамар. За две работи, прво гушкање за да знае дека никогаш не е сама, а шамарот да научи да ги поднесува нештата стоечки. За сè друго заслужва аплауз..

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива