ИТАЛИЈАНСКИОТ ЈАЗИК – привлечен избор за учениците во основните училишта

Деновиве се актуелни анкетите за избор на задолжителен втор странски јазик кои основните училишта ги доставуваат до родителите на идните шестоодделенци од нашата земја. Притоа, веќе трета година по ред, италијанскиот јазик е еден од понудените странски јазици кои идните шестоодделенци можат да го изберат во рамките на нивното основно и средно образование. За таа цел, Здружението на професори по италијански јазик од нашата земја започна кампања за промоција на италијанскиот јазик низ македонските градови. Во рамките на кампањата, професорите по италијански јазик го потенцираат фактот дека наставните програми за италијански јазик во основно образование се целосно ориентирани кон комуникација и во центарот на наставата се става практичната страна од изучувањето на италијанскиот јазик во комуникативни ситуации од секојдневието на децата. 

Катедрата за италијанистика при Филолошкиот факултет Блаже Конески од Скопје потврдува дека досега дипломирале над 400 професори по италијански јазик од сите градови од земјава кои конечно добиваат можност да ја вршат својата професија во рамките на основното и средното образование кај нас. Досега, веќе неколку години, италијанскиот се изучува како трет странски јазик во повеќе гимназии низ Македонија, но во моментов, италијанскиот јазик веќе е задолжителен изборен втор странски јазик во основни училишта во Битола, Струмица, Куманово, Св.Николе, Гостивар, Маврово, Струга, Центар Жупа и Делчево.

Зошто да се избере италијански јазик? Бидејќи тоа е јазикот на италијанската култура, на италијанската мода, на италијанската калчо лига, на вистинската италијанска пица и паста, на италијанската музика. Дали некогаш сте се запрашале кои италијански зборови ги употребуваме ние во македонскиот јазик? Сигурно не ве изненадува фактот дека зборовите чао, браво, паста, манџа, воља, итн потектуваат потекнуваат токму од италијанскиот јазик, што значи дека секој од нас во себе негува љубов кон Италија.