Луѓето се едни на други потребни како поддршка и како терапија: Ивана Петерс специјално за Женски магазин ја открива и најинтимната новогодишна желба
Ивана Петерс, попозната како Ивана Негатив е една од пејачките која има најмоќен вокал во регионот. Енергијата која ја споделува со публиката на сцена е неверојатна и доколку сте на нејзин настап не може, а да не останете имуни и да не танцувате во ритам на песните кои ги изведува.
На професионално поле е и повеќе од остварен пејач, од кој и многу музички надежи учат, додека приватно е мајка на тинејџерка, која ѝ е највредно нешто во животот и некој на кој е особено горда.
Неодамна имаше настап во во еден локал во Скопје, каде настапи на сцената заедно со познатиот рокер и член на жирито во „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид, а нејзината посета ја искористивме и екслузивно за Женски магазин откри интересни детали, како од својата кариера, така и од својот приватен живот.
Доколку сте биле обожавател на групата Тап 011, не е можно да не ја знаете Ивана, која своите почетоци, кога е кариерата во прашање ги имаше токму во таа група заедно со Гоца Тржан. Како што ни откри од тоа време носи само убави спомени.
„Тоа беше време на растење, време на откривање на себе, созревање - музичко и во било која друга смисла, и тоа ми е еден од најбезгрижните период од животот.“ – ни посочи Ивана, а потоа додаде дека групата Негатив е она што е нејзино, нешто во што најмногу се пронаоѓа:
„Негатив е нешто што е мое, мое. Тој е дел од мене и јас сум дел од Негатив. Го оформив за време на бомбардирањето и тоа има некоја тежина. Прво ги направивме моите песни, па дури потоа се вклучија момците во тоа, сега работиме заедно, а текстовите ги правам јас. Тоа е некоја лична приказна. Негатив сум јас, мојот бенд е секогаш тука со нас.“
Иако со својот бенд е најсвоја, Ивана никогаш не ја исклучува можноста да настапува и со други бендови, како што настапи со бендот на Ѓорѓе Давид, со кој има и дует.
„Сѐ е поинаку кога настапувам со други. Беше поинаку и кога бев во Тап, сосема поинаква енергија и приказна, мојот бенд „Негатив“ има некоја долгогодишна интимина и ние сосема поинаку соработува на сцена, иако ми е комплетно уживање и кога настапувам со други бендови. Сега кога сум гостин со овие момци, навистина супер свират и ја чувствувам таа енергија на сцена и тоа ми е доволно. На Давид се сеќавам буквално од другарството и од нашето долгогодишно познанство настана ова и притоа да не свират така, јас не би можела да настапувам со нив. Тие навистина ја имаат таа некоја искреност во свирењето музика и енергија.“
Кога ќе ја сублимираме целата нејзина кариера, Ивана Петерс има безброј хитови зад себе, а сега за Женски магазин откри и кои песни ѝ се омилени, поточно со кои песни е емотивно поврзана.
„Во Негатив имаме многу песни кои не сме успеале да ги презентираме. Луѓето најмногу го паметат првиот албум и ги паметат „Танго“, „Чаробни напитак“ и некои други. На вториот албум има песни кои не се комерцијални, но кои имаат некоја лична тежина, кога сум поминувал низ некои периоди во животот, кога ја изгубив баба ми... Едноставно, кога ми се случуваа некои од тие работи ми се случија најубавите текстови, кои за мене се најубавите текстови. И музички многу интересни аранжмани, со оглед на тоа што момците беа многу млади тогаш, имаа 19 години кога се собравме. Но, можам да кажам дека од тој втор и трет албум дека ја сакам песната „Изненади ме“, ја сакам „Танго“, зошто тоа е песна која е вонвременска и секако ги сакам оние почетоци - „Ја бих те сањала“, „Бајку“.“
Дека е отворена за соработка и за пренесување на своето знаење на помладите пејачи, говори и фактот што Ивана е дел од музичкото натпреварување „Ѕвездите на Гранд“. Неколку години работеше со кандидатите на Јелена Карлеуша, а од минатата сезона е во тимот на Светлана Цеца Ражнатовиќ и ги подготвува нејзините кандидати. Со оглед на тоа што дека имала можност да работи со двете ривалки, не можеше, а да не ѝ го поставиме прашањето како е да се работи со Карлеуша, а како со Цеца?
„Мене ми беше убаво и со едната и со другата. Јас сега уште соработувам со Цеца, со Јелена беше поинаку. Тие се сосема различни личности и енергии. Имаат поинаков пристап, иако и двете се многу посветени, мислам дека Цеца е малку попристапна, кога се пробите во прашање и времето кое го поминува на тие проби, но и двете се борат како лавови за своите кандидати. Јелена ја познавав подолго, така што со неа бев послободна на почетокот, но Цеца сосема ме разубеди, ние сме тука некаде со годините и што вели Ѓорѓе Давид таа е партнер, таа е лав, така што многу ми е интересно и често се случува да мислиме и кажеме исто нешто кога на некој нешто му објаснуваме. Ние сме потполно неспоива комбинација, никогаш се немавме сретнато во минатото, а сега ми е сосема океј и логично да соработувам со неа.“
Новата година ќе ја дочека работно, а откри и каде нејзините обожаватели ќе имаат можност да го слушаат нејзиниот моќен вокал.
„Ќе работам. Мојот басист има бенд кој се вика „Мутант“. Тие се бенд кој кога ќе ги земат инструментите не ги пуштаат со часови и секогаш прават забава. Затоа и ги повикаа, а потоа ме прашаа дали јас ќе сакам да бидат гостин на нивната новогодишна забава, па така јас ќе одам со нив во Херцег Нови. Таму ќе им бидам шлаг на торта.“
Иако нејзината ќерка сѐ почесто оди на нејзините настапи, за новогодишната ноќ, најверојатно нема да бидат заедно.
„Ја повикав да дојде со мене, сега ќе видам што одлучила, бидејќи има 16 години - дали ќе оди на некоја забава или што ќе смисли, или ќе дојде со мене. Сѐ почесто ја носам со мене, порано тоа не ја интересираше толку. Има таа свои активности. Ќе видиме што ќе биде оваа година, но изминатите две години е надвор од дома.“ – ни кажа низ насмевка Ивана, која воедно ни ја откри и нејзината новогодишна желба:
„За мене лично на приватен план имам некои работи кои ќе ми се остварат на почетокот на годината според план и програма. Сакам да се завршат тие некои песни кои почнавме да ги работиме со Негатив, поточно да ги снимаме, бидејќи ние веќе имаме многу песни. Мислам дека сакам да биде мирна година, тоа е сѐ што сакам - една нормална мирна година.“
Како јаготка на шлаг, Петерс испрати и посебна новогодишна честитка до нашите читатели, во која порача дека не треба да заборават да се сакаат со блиските луѓе.
„Прво да се забавуваат добро, да најдат сродни души, без разлика дали во љубовна или другарска смисла, бидејќи сметам дека луѓето се едни на други потребни како поддршка и како терапија и како сѐ. Да се држат заедно и да се сакаат.“
Ивана Мисајловска
фото: Принтскрин / Инстаграм