Ружица М. Брчиоска, АРЕА за новиот албум: Ние сме во чекор со времето, не остануваме како што сме биле претходно

„Ареа“ е во чекор со времето во музичкиот израз. Потврда за тоа е новиот албум „Љубов е„ кој го промовираа вчера, во присуство на медиумите, соработниците и пријателите.

Изданието содржи 11 песни, од кои само три се познати на јавноста.

Вокалот на бендот, Ружица Милошеска Брчиоска посочува дека албумот е посебен и поради фактот што го работеле долго време.


-„Љубов е“ музички се надоврзува на претходните албуми на „Ареа“. Стилот, не да не е непроменет, но е препознатлив. Нормално, сега употребуваме нови звуци, повеќе има електроника отколку на претходните албуми. Ние сме во чекор со времето, не остануваме како што сме биле претходно. Овој албум е значаен за нас затоа што оваа година ни е јубилејна. „Ареа“слави 30 години присуство на македонската сцена и ете на публиката ѝ подаруваме еден албум, Да се израдуваат нашите фанови коишто нѐ следат со години. Како што велат: „Пораснавме со „Ареа“. Но и јас, и ние од бендот, пораснавме со групата, зашто почнавме со музика на млади години - открива Ружица..

 Насловот на изданието, всушност е иницијалната каписла за создавање и опстојување на групата. Љубовта кон музиката, без калкулации, компромисни решенија е тоа што ги поврзува Ружица која е задолжена и за текстовите и нејзиниот сопруг Ивица Брчиовски, кој е автор на песните и проектот.


Кога се работи искрено, квалитетот не изостанува, но и фидбекот на публиката. Љубовта е причина и за постоењето на бендот во оваа формација 

- Мојот сон уште од малечка беше да пеам. Јас сум самоука пејачка, не сум школувана. Универзумот посакал, се аспектирале некои ѕвезди, да се сретнеме со Ивица и да започнеме музичка кариера и заеднички живот. Ивица ми го исполни сонот не само да станам мајка, туку и пејачка – открива пејачката.

Плод на нивната љубов е ќерката Елена, архитект по професија, која на албумот ги пее придружните вокали и ја дизајнираше обвивката со Андреј Исајлоски

- Ќерката Елена не сакаше да стане пејачка затоа што ние ѝ бевме преку глава цел живот со музика. Таа се сврте кон архитектурата, меѓутоа, еве за чудо, последниве неколку години пројави желба да патува и да настапува со нас и многу лесно се вклопи во групата. Многу убаво пее, свири гитара, но уште не почнала да создава свои песни. Но, верувам дека никогаш не е доцна – вели Брчиоска.


Јубилејот 30 години на сцената, групата ќе го одбележи со повеќе концерти во различни градови.

- Нас ни е важно што ние имаме публика којашто ни посветува внимание. Секогаш кога настапуваме некаде во некој град, имаме наша публика. И тоа ни е најважно. Благодарност до медумите, кои кога сме блеснувале со нешто ново, ни посветиле секогаш внимание. Но, голема благодарност и до спонзоротМИ-МАК ДОО Гостивар, спонзори на спотот за темата „ Јаве и сон“ кои ја сакаат и ја поддржуваат рок музиката- велиРужица 

С.А.Н

Фото: Вангел Тануровски