Градот за Нова година по излогот се (пре)
познава.
Накитен, безличен, блескав или обичен, со фантазија, по традиција, од навика, раскошен, сиромашен, како во светските метрополи, од вашето детство или слика на суровата реалност.
Го одминувате или ви привлекува внимание, буди љубопитност, подзастанувате, се восхитувате, се чудите, лошо реагирате, размислувате-да доаѓа Нова година во Скопје или сепак не.
Нова година ги брише годините, вкусовите, стиловите, подеднакво ги полни и ги празни џебовите, ги зголемува надежта, оптимизмот, фантазијата и желбите, сонот некогаш го претвора во јаве, тоалетата се меша со пижами, тишината со џумбус, фолкот со класичната музика, студенилото не допира до вас, зашто топло ви е во срцето, со познати или непознати луѓе околу вас, што биде нека биде, утре е нов ден, пардон, нова година.
Не треба да глумите како Вивиен Ли од „Однесено со виорот“, можеби во следниот миг, на чекор до вас, е вашиот Клерк Гејбл, иако американската приказна нема среќен крај, за вас можеби ќе биде среќен почеток во новата 2020 година.
Ѕирнете во излогот на вашиот град, сега, за празниците, можеби ќе ви се допадне вашиот лик во одразот, кој раскажува за една година на среќни моменти, разочарувања, успони и падови, радост и болка, нова работа или нови пријатели. Блескавоста некогаш крие тажна приказна, но нели и со шминката истакнувате или покривате физички недостаток или лош ден.
Дами, послушајте го советот на легендарната Коко Шанел: Изгледајте најубаво, кога ви е најлошо! Нели, Нова година е идеална прилика за тоа?
За некого 2019 година беше долг и мачна, за некого беше среќна и пролета за миг, ама сите во светот ќе бидеме една година постари, можеби помудри или поблесави, се ќе се види на социјалните мрежи.
Нашето или европското семејство и понатаму остануваат центарот на нашата сила, енергија, среќа и благосостојба. Вреди секој компромис, а суетата ја оставаме на сцената на шоубизнисот.
Празници се ближат, празници се ближат...
Лејла Сабит