Магија

Добивај вести на Viber

Да немаш, а да имаш.

Да си на дно, а да се искачиш на врвот.

Да си несреќен, а да станеш среќен.

Да те мразат, а да те засакаат.

Да губиш, а да добиеш.

Да го гледаш секој, а никој тебе.

Да сонуваш, а сонот да стане реалност.

Секому му треба трошка магија во животот.

Некому на почетокот, а некому на крајот од годината.

Некогаш е само збор, некогаш желба, некогаш вистина, а некогаш фантазија.

Еден момент, еден ден, една година или цела деценија.

Магијата не ја прави само магионичар, на сцена или во филм.

Најчесто ние сме магионичари на нашата судбина, а некогаш судбината ни ја крои некој друг.

Ама, ете, сите со нетрпение ја чекаме новогодишната магија.

Тогаш градот мириса на печени костени, портокали и цимет.

На секој чекор украсени излози, украсени домови, се слуша детска смеа.

Почнуваат турканици, се полнат кафулиња и ресторани, секој е со задоволство виден гостин.

Семејството е центарот на вашиот универзум, наместо кафе, пиете топол чај со мед или греано вино со пријателите.

Никој не мисли на проблеми, сите мислат на новогодишните радости.

Во тоа е магијата. Да ве однесе со мислите и позитивната енергија некаде далеку, а всушност домот ви е Македонија.

Празници се ближат...  


Лејла Сабит