ИЗНЕВЕРЕНА ЉУБОВ

Добивај вести на Viber

  Во летниот период кога студентите се слободни, работат хонорарно. Освен што заработуваат за да го подигнат својот студентски стандард, корисно го исполнуваат своето слободно време. Така беше и оваа година, некои студенти заминаа в странство да работат разни хонорарни работи. Јас продолжив да работам во фризерскиот салон. Марко ми се придружи оваа година и се вработи в банка. Бевме исполнети и времето ни поминуваше исполнето. Се договоривме да отидеме на викенди кај моите в село или некаде на плажа да се сончаме.

  Весна го исплати Кире. Таа работеше и дополнително. Имаше постојани муштерии, кои секогаш беа задоволни од неа и ја наградуваа. Пред да се вселиме во станот, таа реши да го реновира велејќи ми: „Сестро и така сме под кирија, уште месец-два ќе почекаме. Морам да се ослободам од злото. Ќе фрлам сè она што остана од Кире. Минатото треба да се заборави, а посебно она што ме потсетува на него. Имам уште малку пари, но сакам да го средам станот како јас што сакам и ќе се вселиме. Не е сè до парите, ќе се заработат“.

  Таа ангажира фирма за реновирање. Архитектот ѝ направи нацрт за станот. Таа се воодушеви. Се договорија за една недела да почнат со реновирање.

  Јас одев во фризерскиот салон и секојдневно се гледав со Александра. Многу ја сакав бидејќи беше добра и искрена. Но, во врската со Велибор беше посесивна. Од почеток почнаа со многу љубов и почит, но таа беше љубоморна. Сакаше да го контролира Велибор, да ѝ каже за секој негов чекор, што прави, каде оди, со кого оди. Тоа не му се допаѓаше нему.

  Во фризерскиот салон, на пауза, разговаравме со Александра. Не можевме да ѝ докажеме да прекине со љубомората и да се воздржи да не приговара. Ако не ја советувавме досега да молчи, ќе беа разделени. Инаку, беа забавни и со Марко се дружевме со нив.

  Во меѓувреме, кај Велибор во фирмата се отворило место за информатичар и го покани Марко ако сака да отиде да работи кај нив. Марко прифати. Велибор му вети дека ќе му помогне. Така и бидна. Марко беше многу задоволен од работата.

  Марко со Велибор станаа многу блиски. Една вечер, бевме излезени со Велибор, Александра не дојде, имаше вирус и лежеше в кревет. Малку повеќе се напивме и Велибор почна да си ја отвора душата: „Не сакам да се разделам со неа, но уште кога бевте кај мене, во куќичката, да ловиме риба, забележав дека е љубоморна. Свесен сум дека ти ја подучуваш и сакате да ѝ помогнете заедно со Марко. Јас, исто така, сакам да ми успее врската, но, љубомората е болест. Вашата врска е комплетна затоа што сте усогласени“.

  Велибор додека зборуваше, ме гледаше в очи. Беше како рането животно. Марко веднаш го заврти разговорот и почна да го прашува нешто за работа. По некој ден, Марко ми се јави на мобилен и ми рече да излезам од дуќанот. Излегов ѝ ми кажа: „Милка, слушај ме добро и не паничи. Велибор вчера налетал на бившата девојка. Била бремена и требало да се породи овие денови. Кога ја видел се вчудоневидел. Раскинале и заминала в странство, а не знаела дека е бремена. Кога дознала, не сакала да му каже на Велибор. И вчера се виделе случајно, разговарале и му признала дека детето е негово. Тој веднаш реагирал и ѝ понудил брак. Таа работи таму, а и за него има работа. Велибор инсистира јас да бидам кум. Морам да прифатам. Те молам Александра, подгответе ја, ќе и се јави Велибор“.

  Го „затворив“ мобилен и почнав да се тресам. Се вратив во фризерскиот салон и седнав. Чекав Александра да отиде в тоалет и набрзина им кажав на останатите. Сите се вознемирија, но Весна списка да се соземеме, така што сите молчевме, со вештачки насмевки на лицето. Се врати Александра и Весна започна разговор со неа. Ѝ зборуваше како не треба да верува во врската, дека секогаш се случуваат ненадејни работи. Александра почна да се брани и да се чуди прашувајќи: „На што мислиш Весна? Од каде муабетов?“ Се вмеша и Миа и другите вработени и сите зборуваа општо, дека ниедна врска не е сигурна, а таа само креваше раменици.

  По извесно време, заѕвони мобилниот на Александра. Почна да разговара, а Весна ѝ стави лексилиум в уста, ѝ даде вода да се напие, ѝ ја стегна устата да ја голтне таблетата и ја седна на столица. Таа бледнееше, а Весна го зеде мобилниот на Александра и му рече на Велибор: „Доволно, ние ќе и објасниме“. Таа беше в шок. Ѝ дадовме кока-кола со цевче и ѝ го масиравме вратот. Ја легнавме на троседот за муштерии и со вода и со мраз ѝ го масиравме лицето.

  Таа почна да плаче, но Весна ја тешеше и ѝ објаснуваше: „Проблемот со ова разделба е во тоа што никогаш нема да ги пронајдеш одговорите на сите прашања, што те мачат. Нема потреба да трошиш време размислувајќи „што ако...“, знаејќи ја причината за разделбата. Почекај некој ден за да сфатиш дека врската е завршена, престани да се надеваш залудно, признај си дека се е завршено и сврти се кон иднината“. Вечерта, јас и Марко ја испративме. Влеговме дома и ѝ раскажавме на мајка ѝ. Ја смирувавме сите и полека заспа. Мајка ѝ остана со неа.

  Излеговме со Марко. Сите се чувствувавме изиграни, но причината е голема. Марко почна да зборува: „Милка, љубов е кога се тресеш на допир на јагодиците на прстите додека љубовта се „движи“ низ внатрешноста на подлактицата или „скита“ низ телото како истражувач – а треба да истражува жена, да се запознае секоја нејзина доблест и маана, да се знае секоја тајна на нејзиното тело, секоја скриена бенка. Да се љуби значи се гледа нејзината кожа додека ѝ се шепнуваат слатки копнежливи зборови. Љубов треба да биде поезија напишана по телото“. Престана да зборува во еден момент и продолжи: „Моите не се дома. Вечерва си кај мене“.

АНОНИМНА