Изолацијата не треба да се сфати како казна, туку како превенција: Одблиску со Марија Бошковска Јанковски

Добивај вести на Viber

На вториот ден од Големиот христијански празник Велигден се запознаваме одблиску со директорката на Централниот регистар на Република Северна Македонија, Марија Бошковска Јанковски. Марија, за читателите на Женски магазин, открива кои обичаи и традиции ги негува за Велигден, како се справува во време на пандемија на коронавирус и како и дали состојбава со која се соочува земјава, но и светот влијае на нејзината работа.


* Процентот на жени на високи позиции во Македонија, е далеку од европскиот просек. Какво е чувството да се биде на позиција, какво е Вашето искуство како жена која има лидерска позиција? Се соочувате ли со предрасуди, омаловажувања?

- Во принцип се согласувам со вашата констатација дека процентот на жени на високи позиции во Македонија е под европскиот процес но, мора да се признае дека оваа состојба полека се менува во последните години. Република Северна Македонија има законска и институционална рамка за постигнување родова рамноправност, позитивно искуство со родовите квоти со кои се дојде до 40% жени во Собранието на РСМ и 30% во локалните совети, позитивна пракса од примената на концептот на родово одговорно буџетирање,  како и солидни резултати со мерките за поддршка на повеќе категории жени но, истовремено увидувајќи ја потребата за натамошно унапредување на родовата рамноправност од повеќе аспекти се дојде до нова пракса од страна на  СДСМ и коалицијата со програмата "Можеме" со тандем на носители во сите изборни единици, маж и жена за целосна родова еднаквост за предвемените парламнетарни избори..

Сепак, ние сме се уште доминантно традиционално општество во кое жената имала подредена улога и во главно нејзината улога била сконцентрирана во и околу домот. Стекнатите навики и предрасуди тешко се искоренуваат но, работите се менуваат. Мене ми претставува особен предизвик, чест и задоволство да раководам со институција како што е Централниот Регистар на Република Северна Македонија. Централниот Регистар е сервисно ориентирана институција која е од витално значење за одвивањето на деловните активности во земјата, со преку 300 вработени и канцеларии во 27 градови низ државата. Раководењето со оваа институција е предизвик за било кого, независно од полот. Она што морам да го истакнам е фактот дека ние жените имаме вродена интуиција посебно во однос на интер-персоналните односи, што е огромна предност но, и предуслов за секоја раководна функција.  По однос на предрасудите или омаловажувањата, можам да ви кажам само едно. Јас сум по природа голем борец и работник, а секој кој се обидел да ме омаловажи или потцени само на основа на пол тоа го сторил само еднаш. За среќа морам да кажам дека во најголем дел од случаите мојот однос со колегите но, и со надредените секогаш се засновал на взаемна почит и разбирање.


* Дали и колку Вашата работна позиција Ви остава простор и време за приватноста, може ли подеднакво добро да се справувате на двете полиња, или сепак работната позицијата бара поголема посветеност?

- Ова е тешко прашање. Работењето на вака одговорна позиција неминовно остава траги на приватниот живот. Моето формално работно време никогаш не завршува пред 17:00 часот, а за жал голем дел од работата носам и дома од што не се поштедени ниту викендите. Тоа остава многу малку време за приватниот живот но, тоа време се обидувам да го искористам квалитетно со најтесното семејство и со пријателите. Тука морам да истакнам дека имам огромно разбирање и поддршка од мојот сопруг без која никако не би можела да го постигнам сето ова за што сум му бескрајно благодарна.


* Дали и какви потешкотии Ви донесе пандемијата во работата?

- Пандемијата секако не погоди сите. Сметам дека во моментов нема ниту една институција ниту пак компанија од приватниот сектор која не е афектирана од пандемијата. Морам да истакнам дека ние, согласно ИСО стандардите со кои сме сертифицирани имавме однапред изготвени планови за континуитет во работењето во случаи на временски непогоди, катастрофи и пандемии. Веднаш по прогласувањето на пандемијата од СЗО, прогласувањето на вонредна состојба во државата и мерките и препораките на Владата, го активиравме кризниот штаб во институцијата кој ги координира сите активности. Ги преземавме сите потребни мерки и чекори за да ги заштитиме клиентите но, и нашите вработени притоа да го обезбедиме непрекинатото работење.Сепак услугите на Централниот Регистар како сервис на деловната заедница и граѓаните се достапни 24 часа. Со оглед на фактот што голем дел од вработените работат од дома координацијата на активностите е еден од главните предизвици но, засега со користење на електронските платформи успешно се справуваме се во насока да излеземе во пресрет на сите засегнати страни . Од друга страна најголем дел од услугите кои ги нуди Централниот Регистар може да се добијат по електронски пат, што во голема мера не става во подобра позиција од останатите институции и ја намалува потребата од директна интеракција со клиентите.

Но морам да истакнам дека сум особено горда што во овој период во кој сите се соочуваме со досега невидени предизвици во однос на тековните активности, ние како институција успеавме да го одржиме и темпото на имплементација на развојните проектни активности кои се насочени кон исполнување на нашата визија за  трансформирање на институцијата во целосно сервисно ориентирана организација. Во таа насока во завршна фаза сме на имплементација на регистарот на вистински сопственици, заедничката платформа за отпочнување на бизнис во соработка со УЈП и АВРСМ и новиот портал на Централниот Регистар во насока на модернизација и зголемување на палетата на услуги кои ги нудиме со посебен акцент на електронските услуги. Во меѓувреме подготвуваме и целосно нов развоен циклус со кој се предвидува зголемување на опфатот на услуги кои ги нудиме, целосна дигитализација на нашето работење и интеракција со клиентите но, и понатамошно подобрување на деловната клима во земјата. Ова е особено важно имајќи предвид дека корона вирусот неминовно ќе остави траги и ќе го измени начинот на кој функционираме, со ограничување на потребата од директна физичка  интеракцијата и ние како институција сакаме спремни да се соочиме со сите предизвици.


* Како го поминувате времето во изолација?

- Тука сакам да пренесам една порака... Порака до граѓаните во врска со КОВИД 19:

Тоа што е најважно во овој момент за нас како граѓани на РСМ, а со тоа и на глобално ниво е да се придржуваме на препораките на СЗО и МЗ, т.е. да внимаваме на личната хигиена и одржување на физичката дистанца, самоизолацијата и останатите препораки.

Почитувајќи ги препораките ние како граѓани ја зголемуваме нашата индивидуална свест, а со тоа и нашата колективна свест. Високото ниво на индивидуална и колективна свест е нашиот генератор за добро психо-социјалното здравје. Само со високо ниво на колективна свест можеме да ја победиме пандемијата предизвикана од  вирусот Sars Covid 2.

Факт е дека целосната оваа ситуација претставува еден егзоген стресор кој што не одбира ниту возраст, ниту пол и истиот има интензивно влијание врз нашето физичко здравје но, и психолошкото и емотивното здравје пред се, а со тоа и во нашето општо функционирање.

Би сакала од мое лично гледиште да упатам еден апел за висок праг на толеранција на фрустрација,  рационализација во моменталното функционирање, користење на позитивни одбранбени механизми за справување со конфликти, затоа што временски не можеме да предвидиме колку ќе трае, искористување на слободното време во позитивни аспекти од нашиот живот и позитивен пристап кон епилогот од целосната ситуација. Несакајќи вонредната состојба ни наметнува да го искористиме слободното време и за подлабока интроспекција на нашата личност и затоа верувам дека не чекаат подобри времиња, дека ќе излеземе помудри, позрели и поздрави, со подобар кодекс на однесување и ќе стекнеме одредени навики на однесување кои што ќе ни помогнат во иднина уште подобро да егзистираме. ЖИВОТОТ Е УБАВ и затоа препорачувам #Седи дома.

Изолацијата не треба да се сфати како казна, туку како превенција, со осмислен план. Што би ни годело во изолација кога ќе останеме дома? Верувале или не, времето може да се искористи квалитетно.

Лично, времето на изолација го користам во средување на домот но, и да изгледам и добар филм или серија како голем љубител на седмата уметност. Но, морам да истакнам не ми е досадно и секогаш си имам работа. Дури и во време на изолација се уште имам литература купена, а не прочитани, за жал. Но, сигурна сум ќе им дојде редот.


* Како ги поминувате Велигденските празници?

- Потекнувам од семејство каде што се почитува традицијата. Ги сакам сите празници, слави, имендени, родендени, прослави бидејќи  тоа се моменти кога ќе можеш да си ги видиш сите роднини и пријатели. Велигден или Воскресение Христово ми е посебен празник. Поздравот Христос Воскресе, Вајстина Воскресе е најсилната порака во Христијанството. Веќе сум 11 години во брак и како и секоја домаќинка и јас станувам пред изгреј сонце на Велики четврток и вапцам три јајца во црвена боја, а останатите на Велика Сабота. Ги имам испробано сите техники на фарбања на јајца но, не можам да се пофалам со некоја умешност или да извојам. Користам едноставни техники во боење на велигденски јајца. Но, сепак ми се најдраги оние фарбани јајца на мајка ми во разни бои со лушпи од кромид и декорации од растенија од детството. Многу малку време поминувам во кујна и подготовка на храна иако сум голем гурман. Но, знам и јас неколку рецепти ( на рака се бројат). Најблиските ја обожаваат мојата позната "Јупи торта" која е прекрасна и не одзема време воопшто.

За Велигден сум секогаш дома односно со фамилијата на семејни посети но, оваа година сме навистина дома сами почитувајќи ги препораките на Владата на РСМ. 

Да, знам дека е мачно. И мене ми фалат дружбите на сонце, во кафуле. Ми фали слободата на движење која ја имав за да можам во моментот да одлучам и да одам да се прошетам. Ми фали Скопје раздвижено и насмеаните лица на луѓето. Ми недостигаат, седнувањето на кафе, дружбите во маалските кафанчиња со моите, најблиските пријатели, собиранките итн.

Ова ќе биде најдолгиот период за седење дома, има начини за уживање и по дома затоа останете сите позитивни и уживајте во Велигденските празници. .

Ќе помине и ова, #Седи дома.


Н.Миланова


Малку време имав за радостите на празникот Велигден: Одблиску со Нина Ангеловска