ИЗВИДНИК И СУПЕР ГОТВАЧ: ЗАПОЗНАЈТЕ ЈА МАЈА ОД „ФЧЕРАШНИ НОВОСТИ“
„Фчерашни новости“ е политичка сатира, емисија во која се „пука“ и „плука“ со стил, а таа е еден од главните протагонисти во ТВ-серијалот и во новата сезона која почна минатата недела на „Канал 5“. Маја Марковска има широк спектар на интереси. Извидник е, вози велосипед и, како што вели, повеќе од сѐ на светот сака да готви.
* Како Ви се случи ангажманот во „Фчерашни“? Бевте ли на почетокот скептични за Вашето појавување пред камерите или самоуверено ја искористивте оваа можност, што би рекле старите како „родена глумица“?
- Ангажманот беше неочекуван и спонтан. Апансас ме викнаа за кратка изјава и некако станав дел од екипата. Искрено кажано, воопшто не му ја мислев затоа што имав многу помош од Мунко, режисерот на „Фчерашни“ што така ми го постави целиот концепт на снимање што не ни осетив постоење на камерата. Реакцијата на останатите, поготово на сестра ми и уште 2-3 блиски ми е доволна да знам дали е добро тоа што го правам или не.
* Возите велосипед, одлично се
снаоѓате во кујна.. Што друго не знаеме за Вас?
- Возам велосипед, ама не ортодоксно и нонстоп. Повеќе од сѐ на светов сакам да готвам и да гледам како луѓето го јадат тоа што сум го спремила. Кога готвам не сум тука, целосно се исклучувам од сѐ околу мене и ме опушта и одмара. После мене потоп, така изгледа кујната откако ќе завршам со готвење. Не ме бива за декорирање на храна. Секој обид за изгледа како да ми паднала чинијата, па сум пробала да спасам нешто.
Супермен
ми е омилен супер херој, ама не дека другите не ги почитувам, со исклучок на
Спајдермен. Љубовта кон Супермен ја овековечив со тетоважа посветена на Кал-Ел.
Исто така го обожавам Хари Потер и сум горд сопственик на стапчето на Сириус
Блек.
Извидник сум и најубавите спомени, искрени другарства за везден и љубовта на мојот живот ми се од Извидници. Сѐ уште сум дел од извидничкото движење во Македонија и ги поттикнувам сите родители да ги пуштаат своите деца во некој од извидничките одреди низ Македонија.
* Кои се Вашите интереси настрана од овој ангажман? Што сте по вокација, што друго работите?
- Вистинската работа во животот ми е извршен директор на Милиеуконтакт Македонија, здружение за одржлив развој кое што постои во Македонија од 2002 година. Работиме на унапредување на животната средина и развој на капацитети на млади и локални здруженија на граѓани. Во слободно време висам по кулинарски блогови и гледам емисии за храна.
* Дали приватно сте од оние што секојдневно бистрат политика и се во тек со сите случувања или сте оние во друштвото кои „последни дознаваат“?
- Јас сум од оние луѓе што ако ме интересира нешто има да разберам сѐ, позната како ЦИА меѓу #твитержениконзервативнаструја (се смее).
* Кој е Вашиот компромис во животот воопшто?
- Не знам како изгледа компромис, никогаш не сум направила за ништо. Еве сестра ми само што ме потсети дека не знам што е тоа компромис.
* Како ја замислувате Македонија во некој паралелен универзум?
- Како епизода од Doctor Who! Лудо, брзо, шашаво и нелогично исто како овде.
Ѓорге Стојанов