Ја чекам вистинската жена: Интервју со Игор Џамбазов

Добивај вести на Viber

Сите најдраги стихови од неговите блуз приказни, стиховите од поп-хитовите кои ги напишал за пријателите и некои сосема непознати на јавноста, минатата година ги собра во книгата „Улица диши длабоко“, негова седма по ред. Маестралниот актер, шоумен, писател и музичар Игор Џамбазов во искрениот муабет за „Женски магазин“ открива што го пишманило да му се врати на театарот, и како успеал да се одбрани од политичките притисоци. Со љубов зборува за татко му, маестро Александар Џамабзов, за сеќавањата на мајка му Анче и дедо му Петре, за сите жени кои му недостасуваат, и за она што го прави најбогат, мирниот сон и пријателите.   

* Како ги бираше песните за книгата „Улица диши длабоко“?

- Кога ги собрав сите на едно купче сфатив дека имам напишано премногу. Селекцијата траеше подолг период. На крајот одлучив да ги ставам сите стихови за моите песни, песните со Гуру Харе и бендот, текстовите што сум ги напишал за нашите најголеми музички ѕвезди како “Нокаут“, Тамара, Тијана, Ребека, Елена, Калиопи, но и текстови кои многумина прв пат ќе ги прочитаат, а мене ми се особено драги. Тука се и неколку мои поетски обиди кои беа издадени во мојата прва книга “Тоа сум јас“ која за жал одамна не е во продажба.

* Изјави дека во насловот на книгата го додаде зборот Улица затоа што насловите на твоите песни личат на графити. Кој наслов-графит носи најсилна порака и приказна?

- Па мислам дека има повеќе, но токму насловната песна “Диши длабоко“ е таа која носи најсилна и најздрава порака. Тука се и “Каква е оваа ситуација“, “Во бестрага“, “Да си жив и здрав“, “Мразам плејбек“, “Нема спас“... Секоја од нив со своја посебна порака.

Партнери се во претставата „Брачна игра“ - Игор со Весна Петрушевска 

* Дали ти некогаш си напишал некој графит?

- Не, но израснав заедно со генерацијата која од графитите направи уметност. Тоа е времето кога секое утро по скопските фасади изникнуваше по еден нов, незаборавен графит со силна порака. На пример, најпознатиот на сите времиња секако е - “Бурек, да...“Да не го заборавиме и антологискиот “Дрога? Не, благодарам!“ Па утредента некој одоздола допишал - “Имам“...Убедливо најдобриот графит што сум го видел беше во Белград, во времето кога се распаѓаше комунистичкиот режим во Европа, кој гласеше - “Пролетери од сите земји...извинете...“

* Како и кога настана насловната тема „Диши длабоко“, има ли приказна за таа песна?

- „Диши длабоко“ е напишана 2000 и некоја во Кочани. Поточно во местото Гратче, тоа е она прекрасно езеро над Кочани со боја на маслинка. Напишана е за човек што се вика Зоки, таму попознат како Бисе. Тој и јас, цел живот се викаме “Брату“. И кога ќе дојдев таму на гости, а тој ќе почувствуваше дека нешто не е во ред со мене, ќе го изговореше своето веќе легендарно “Диши длабоко, брату...“.На крајот на ова лето, свиревме со бендот токму во неговиот град на “Деновите на кочанскиот ориз“. Но, Бисе не се појави. Сепак го видов. Во мобилниот на наш заеднички пријател. Како прска со црево во некој двор, во некоја Англија, во некоја туѓина. Држи се, брату...

* Претходно, изјави дека нема веќе да заиграш во театар. Што те пишмани?

-  Не знам што ме пишмани, ама знам зошто се вратив. Просто, затоа што таму припаѓам. Тоа е театарот на дедо ми и мајка ми, театарот на моето детство,а и на моите најголеми театарски успеси. И едноставно добив непристоен предлог кој не можев да го одбијам. За тоа се најзаслужни тогашните директори Дејан Пројковски и Тони Михајловски. И на крајот на краиштата каков маж сум јас ако си стојам на зборот...хехехехеее...

* Како се чуствуваше кога за прв пат застана на театарската сцена на премиерата на „Брачна игра“ по толку години пауза?

- Да бидам искрен, не беше така лесно како што претпоставував. И физички и психички. Некогаш кажав дека има три работи во животот кои никако не се забораваат. Возење велосипед, секс и глума. Во секој случај беше превозбудливо за мене. И се уште е. 

* Ти доаѓа ли маестро Џамбаз на претстави, што вели тој, како регира на твоето враќање во театарот?

- Тој беше посреќен од мене. А најмногу - горд. Во право си. Маестро Џамбазов сѐ уште доаѓа на сите мои премиери, важни концерти, промоции. Сѐ уште ги снима сите мои појавувања на телевизија, без разлика дали станува збор за некој спот, интервју или најобична реклама. Најмногу се радувам што ќе биде присутен и на промоцијата на “Улица диши длабоко“, затоа што книгата му е посветена токму нему, на мојот татко кој ме убеди да пишувам стихови.

* Дали се уште се грижи за твојата здрава исхрана, ти купува ли маџун и витамини? 

- Маџун, домашен ајвар, расолница, витамини, овошје, зеленчук, хималајска сол и природен шеќер од стевиа...

* Кои се најдрагите спомени и совети кои ги паметиш од мајка ти Анче и од дедо ти Петре? 

- Се трудев да ги запомнам најубавите совети. И мислам дека успеав да ги сочувам до ден денешен. Од нив двајца научив како навистина се сака театарот. Со посветеност и професионализам. Иако секој од нас има свои “жолти минути“, па така за 35 години во театарот нормално е да се случат и некои грешки кои за среќа не влијаеа многу на мојата кариера.

* Како успеа да останеш настрана од политичките случувања и ниту еднаш сите овие години партиски не се обои? Имаше ли притиосци да станеш дел од „нивните“ или од „нашите“, како се бранеше од нив? 

- Со едно големо и одлучно “Не“. Во последните петнаесетина години имав такви понуди од политички партии, кои ако ги прифатев немаше да морам да работам ништо со години. Тоа се суми од кои на обичните граѓани ќе им се заврти во главите. Но, останав доследен на мојата конечна одлука. Поважен ми е мирот, отколку полното ќесе. Мирно спијам, тоа ми е најважно. И денес тврдам дека уметниците се борат против неправдите во општеството само со едно оружје - уметноста. Оној што ги прочитал моите книги, што ги гледал моите претстави и концерти знае добро за што зборувам. И уште нешто : политиката е за луѓе кои не се разбираат како луѓе.

* Во наше претходно интервју изјави дека следната книга ќе биде роман за едно македонско семејство. Почна ли да го пишуваш?

- Почнав многу одамна, но тоа е процес што ќе трае повеќе години. Пишувам голем и сериозен роман за мојата земја, за менталитетот на мојот народ, за несреќите кои го следат низ историјата, како и за фактот дека ние сме всушност добри и благородни луѓе, талентирани за многу работи и секогаш подготвени за нови предизвици. Пишувам за сите оние нешта кои нас Македонците не прават неуништливи.

* Како си со здравјето, ги надмина ли проблемите по опреацијата на таканаречената „пушачка нога“?

- Јас сум добар со здравјето, ама како здравјето да не е добро со мене. Па, ете не знам. Се трудам да ги почитувам препораките на моите лекари. Редовна терапија, физичка активност, откажување од цигарите и алкохолот. Да бидам искрен, некогаш ми успева, некогаш не. Се уште уживам во секое седнување со друштво, со гитара, со добра ракија, добар муабет, и песна. Тоа е за мене единствената терапија. Тоа е она што ми докажува дека сум се уште жив. Но, имам толку многу обврски што овие моментно се се поретки. Но, кога ќе дојдат им се радувам како дете.

* Кога не си во театар, не пишуваш, не свириш, што правиш?

- Токму тоа што ти го кажав како одговор на последното прашање. Кога ќе дојде човек на мои години, со сето искуство на кое ме научил животот, тогаш сфаќам дека мојата најголема инвестиција во животот се моите пријатели, другари, колеги, познаници. Се радуваме заеднички на секоја наша средба и сакаме ова никогаш да не престане.

* Што најмногу ти фали од минатото, во твојот живот, и воопшто, што ти фали од нашето заедничко живеење?

- Ми недостасуваат многу работи. Луѓето кои ми значеа повеќе од се, а веќе  ги нема, ми недостасуваат летувањата во “Градиште“, зимувањата во Маврово, ми недостасува бифето на Драмскиот театар од неговите најсјајни денови, ми недостасуваат сите жени заради кои не сум можел со години да ги тргнам пепрутките во стомакот кои се разлетуваа секогаш кога ќе ги видев. Ми недостасува мојот град кој за жал повеќе го нема.

* Во претходно интервју ми изјави дека ти треба сериозна партнерка, ја нарече жена за добро утро. Дали ја најде или се уште ја бараш?

- За жал, не ја најдов. Не сум ни сигурен дали повеќе ја барам. Изгледа чекам самата да се појави. Ама ако. Ќе чекам. Трпението е моето второ јас.

Милица Џаровска