„Ја излези стара мајко“ настана во нашата куќа во Охрид: „Силви бенд“ открија интересна приказна

Силви бенд наскоро ќе го промовираат својот осми по ред студиски албум, „Како во сон“, на кој меѓу новите поп-песни, се наоѓа и една уникатна преработка. Влатко и Силви Плевнеш ја обработија традиционалната песна „Ја излези стара мајко“, за која неодамна дознале дека настанала токму во семејната куќа на Плевнеш во Охрид.

Силвана Мучиќ- Плевнеш, ни раскажа дека нејзиниот сопруг Влатко, кој е роден и израснат во Охрид, кога слушнал за оваа приказна, со радост ја преаранжирал песната во поп-денс верзија, а таа со мерак ја испеала.

- Во семејната куќа на Плевнеш, во стариот дел на Охрид сега никој не живее. Тоа е нашата летна резиденција. И сосема случајно, минатото лето, еден повозрасен човек кога нè виде како излегуваме од куќата, нè застана и ни рече: Знаете ли дека во вашата куќа настанала песната „Ја излези стара мајко“? Токму на ова пенџере. Бевме зачудени, затоа што никој досега од нашите блиски не ни ја кажал оваа приказна, можеби не ја ни знаеле. Човекот ни раскажа дека убавата  мома, која во тоа време живеела во оваа куќа, се вљубила во младото момче, а тоа е Осман Бег.  Таа ја повикувала својата мајка да излезе на пенџерето и да го види момчето во кое лудо се вљубила“, раскажа Силви за Женски магазин.

Од оваа легенда, вели таа настанале и стиховите: „Ми помина Осман бегот, умрев за него“, и „Ќе ме носит во Охрида, мила мајчице“.

Силви и Влатко за оваа песна снимија и спот со романтично сценарио токму на плажа на Охридското езеро и на Свети Наум, од чије снимање ни испратија и фотографии.

Силви се сети на уште една приказна, која не е поврзана со онаа за песната, но станува збор за нејзината мајка од Ниш, која починала пред седум години.

- Мојата мајка често нè посетуваше во Скопје, а една средба пред седум години никогаш не можам да ја ибришам од мислите. Таа доаѓаше и претходно кога Деа беше мала да ја чува, а потоа секогаш кога можеше. На мајка ми наеднаш ѝ се слоши, а подоцна дознавме дека имала мал мозочен удар. Во таа ситуација, со Влатко се договоривме дека е најдобро да добие болничка нега во Ниш, поблиску до нејзиниот дом. Сакавме што покоро да ја превеземе во Србија со болничко возило, но долго време не можевме да најдеме, вртевме телефони по повеќе болници. Тогаш многу ми помогна нашиот пријател, д-р Емил Угриновски, кој за само 45 минути откако му се јавивме обезбеди болничко возило, и заедно со мајка ми заминавме за Ниш. Таа за жал почина една недела потоа“, се присети Силви.

Пејачката додава дека на албумот кој ќе се промовира, соработуваат и со нејзиниот брат Бобан Мучиќ, како и со нејзинит како што вели побратим, Џон Илија Апелгрин со кој Силви и Влатко се збратимиле пред многу години.

Милица Џаровска