Ja направив пијан и беше многу селска: Андреј од ДНК за третманите за остранување на тетоважа
Исцртувањето на телото како уметност постои насекаде во светот, било застапено и во културните традиции на голем број домородни племиња, за денес да добиe едно сосема поинакво значење. Сепак, за оние кои се неодлучни или во фаза на размислување за тоа со што да го украсат телото, треба да знаат дека тетоважата треба да ве претставува вас, тоа што сте вие, вашето минато, вашите размислувања, ставови, гледишта, страст и пасија во животот, а не да бидете нечија копија затоа што сметате дека е нешто тренди, модерно и актуелно.
Сепак доколку поради некоја причина сте направилe тетоважа која повеќе не ви се допаѓа, постои начин на кој може да ја отстраните од телото. Сличен е случајот со Андреј Ѓеорѓиески кој направи неколку третмани за остранување на тетоважа.
„Можам да кажам дека боли исто колку кога те тетовираат. Тетоважата ја направив пијан и ми беше многу селска“, вели Ѓеорѓиески.
Во врска со оваа тема се обративме до Олгица Стојмировиќ, главен менаџер на „Промоиталија“, која подетално ни објасни за третманите, процедурата, како и за процесот на заздравување на третираното место.
* Дали постои голем интерес за отстранување на тетоважи?
- Да, постои, особено последнава година, бидејќи луѓето се повеќе ја осознаваат процедурата и нејзиниот исклучително добар ефект.
* Колку третмани треба да се направат за целосно отстранување на тетоважата и колку големината, дизајнот, формата или пак боите влијаат во истиот процес?
- Се ова што го наведовте се важни фактори кои влијаат на процедурата за нејзино отстранување. Големо влијание имаат и бојата со која е работено, односно, процентот на железо во неа, како и длабочината т.е. слојот на кожата во кој се наоѓа бојата.
Најчесто потребни се од 4 до 6 третмани за целосно отстранување, а нашиот ласер Proeraser во производство на Promoitalia спаѓа во медицински Nd:Yag ласери со кој исклучиво работи медицинско лице и се состои од две сонди со кои се овозможува вадење и на темните и оние тетоважи кои се во други бои (црвена,зелена,жолта…).
* Каква е процедурата за остранување и дали по неа останува лузна?
- Процедурата започнува со подготовка на клиентот и се упатува кон следните чекори за понатамошно третирање. Лузните не се цел на овој третман, така да со сигурност можам да кажам дека не настанува лузна.
* Колку време треба за да се направи и што се препорачува по третманот?
- Времетраењето на изведување на процедурата зависи од големината, бојата и длабочината на самата тетоважа. После третманот клиентите се советуваат да не ја воденат изработената тетоважа и да користат соодветни креми за брза регенерација.
* Треба ли да се избегнува изложеност на сонце и дали може на истото место одново да се стави нова тетоважа?
- Додека се врши регенерација на ткивото изложувањето на сонце е забрането. По завршување на третманот и целосната регенерација на самата регија каде што била тетоважата може да се направи нова тетоважа.
* Андреј Ѓеорѓиески од ДНК јавно призна дека има тетоважа за бришење. До каде е неговиот третман за ласерско остранување и дали други јавни личности покажале интерес за третманот?
- Да, кај нашиот бренд амбасадор Андреј Ѓорѓиески во процес е вадењето на тетоважата, но поради топлите месеци и неговите ангажмани, процедурата е ставена на пауза, но секако кога ке ја завршиме, сликите ке бидат објавени на нашите социјални мрежи.
Бојана Нојиќ