Ја школуваше Есма, а сега има уметничко име и амбиции да го освои регионот
Елеонора Мустафовска, пејачката која се школуваше кај
кралицата на ромската песна Есма Реџепова, има ново уметничко име и
потенцијален хит за пробив на регионалниот пазар. Песната „Теби се предајем“ е
дело на авторите Јован Јованов и Елвир Мекиќ, а спотот е снимен во филмското студио „Бојана“ во Софија.
- Одлучив да настапувам под уметничкото име Малиша. Го одбрав поради внуката која живее во Америка и ја немам видено цели седум години. Многу ми недостига - искрена е Мустафовска.
Своите почетоци во музиката Елеонора ги има уште како дете, најпрво слушајќи го својот татко, а подоцна учествува во сите културни збиднувања во училиште, каде што микрофонот бил секогаш резервиран за неа. Така е се до својата 17 година, кога ќе има среќа да биде слушната од Кралицата на Ромската музика Есма Реџепова Теодосиевска, која во неа препознава потенцијал кој може да се надогради и да биде достоен глас за светските музички сцени. Како дел од надградбата на талентот, покрај работењето со Есма Реџепова, се запишува на Универзитетот ЕСРА Скопје, Њујорк, Париз, и е дипломиран вокален интерпретатор, во класата на професор Александар Стефановски.
Како член на „Есмас Бенд“ учествува на голем број светски реномирани фестивали, како што се Сигет Будимпешта, Унгарија, Вомад Касерес, Шпанија, Мавацин Фестивал Рабат Мароко, Норт Си Џез Фестивал Ротердам, Холандија и други. Во 2010 година „Есмас Бенд“ учествува на Скопскиот Фестивал, каде што има забележителен настап, со песната „Gypsy dance“. Во 2013 година таа е еден од придружните вокали на „Евросонг“ во Малме, каде нашата земја ја претставуваа Есма и Лозано.