Ја загубив љубовта на својот живот: Биба Додева ја отвори душата

Добивај вести на Viber

За песната „Како некогаш“ со која што Биба Додева победи на поп-вечерта на фестивалот „Охрид фест- Охридски трубадури“, пејачката вели дека е автобиографска и во неа пее за љубовта на својот живот која што ја загубила.

На музиката и на аранжманот на моќната балада на Владимир Дојчиновски- Дојчин совршено легна приказната на текстот која ја напиша поетесата и наша редовна колумнистка Ана Бунтеска.

„Песната е автобиографска, и на Ана, и моја и на сите оние кои што изгубиле некого. Инаку, Ана ја познавам од многу одамна. Јас сум еден од оние нејзини фанови, и го почитувам нејзиниот збор, нејзините песни сето она што таа го прави, и колумните во вашиот Женски магазин редовно ги читам“, ни раскажа Биба зад сцената на „Охрид фест“.

„Уште во периодот кога ја загубив мајка ми, ѝ реков на Ана дека ако решам албум да правам, сакам таа да ми ги пишува текстовите. Од време на време се гледавме, се дружевме, таа знае да нѐ поддржи со нашите активности со „Борка“. Кога требаше да пеам на фестивалот, Дојчин ми ја отсвире музиката, и мене ме болеше кога ја слушав. Ме праша: Баце, имаш ли текст? Немам, но знам кој ќе ми го направи. Тоа треба да бидат зборови кои ќе ми ми се откинат од душата, и тоа исто како јас да сум го кажала може да го направи само Ана“, ни раскажа Биба за песната. 

Раскажувајќи и потсетувајќи се на мајка си која почина од рак и на сите оние што ги загубила, таа се расплака. Кога Бунтеска ја прашала Биба каков текст сака за песната, таа и рекла: Треба да ме боли како што ме боли и музиката. 

„И реков, сакам ова да го издавам од себе, оваа болка“, додаде Биба. Пејачката и претседател на здружението „Борка“ со емоции се сеќава на настанокот на песната. Вели, не било класично снимање во студио, туку во процесот учествувале повеќе луѓе со нивните идеи.

„Седевме во „Бифе Тафталиџе“, па дојде Ана, па Отец Пимен, Дојчин со гитарата, многу луѓе се собраа и се пишуваше збор по збор. Песнатава има конкретна посвета, за човек кој што многу сум го сакала и сум го изгубила. Ја загубив љубовта на својот живот. Мислам дека и Ана се најде во таа емоција, но и Дојчин исто така“, вели Биба и додава дека песната иако е љубовна е толку универзална и може да се посвети и на оние кои физички не се со нас а ги носиме во срцата и во сеќавањата.

„Поминаа две години откако е почината мајка ми, и еве денес за прв пат пред да ја испеам песната, тргнав да ѝ се јавам“,  ни солзи ни раскажа Биба. Таа за крај вели дека нејзината најголема радост и смисол на животот се внукот Умберто Александар и ќерката Емануела.

Милица Џаровска