,

Јас ѝ се удварам на кинески, а таа ме гледа чудно: Душан Димушевски за бракот со Ники од Кина

Добивај вести на Viber

Во некој дел од светот, во некое место, во некоја минута од денот, постои некој со кој ќе ве спои судбината. Тогаш не е повеќе важно дали сте од ист град, земја или континент. Дали бојата на вашата кожа е една, а неговата друга. Дали вашата традиција се коси со неговата. Едноставно се случува љубов, која ги руши сите граници и бариери.

Овие зборoвi ги потврдува и љубовната приказна на Душан Димушевски од Скопје и Ники од Гуангџоу, Кина.

- Веројатно дека сум бил на вистинско место, во вистинско време. Со сопругата се запознавме во Гуанџоу, Кина. Не размислувајќи дека таа ќе ми биде „судена“, за да и бидам поинтересен, кога ѝ се удварав, почнав да и зборувам на кинески. Ме гледаше чудно, како да не ме разбира, веројатно кинескиот ми бил „одличен“ – вели Душан на почетокот на нашиот разговор.


ЖМ: Почувствувавте ли пеперутки во стомакот, посебна хемија, уште на почетокот од врската? По што е посебна, со што ве освои? 

- На 30 години пеперутките одамна одлетале. Се шегувам. Хемија секако дека имаше. Најбитно беше дека наидов на некој што беше многу сличен на мене, човек што не живее од денес за утре, туку си има поставено цели во животот. Малку беше тешко да ја навикнам на моите цели. Но, некако најдовме компромис и се впуштивме во авантура. Многу бргу станавме родители, потоа бизнис партнери. Мислам дека таа динамика до денес нé држи заедно.

Бевме два различни света

ЖМ: Наидов на информација дека успешните немажени жени кои се во доцните дваесетти , сѐ повеќе се под притисок на семејството, пријателите дури и на кинеската влада , кои од ннив очекуваат да пронајдат партнер и да се мажат. Какви беа размислувањата на вашата сопруга? 

- Било некогаш. Во секое место на планетава е слична приказна. Секаде има некаков притисок од најблиските, но тоа се помалку важи за големите градови и урбаните места, а посебно во Кина којашто во последнава деценија бележи најголем економски пораст во светот. Кинеската влада не се меша во приватни работи на луѓето, но им дава бенефиции на луѓето којшто сакаат да имаат второ и трето дете, посебно сега кога светов „старее“ многу повеќе отколку што се „подмладува“.


ЖМ: Како ги прилагодивте разликите, всушност како се вклопија два различни света во едно цело? 

- Проблемот на почеток беше што бевме два различни света, а не две различни индивидуи. Моравме сите околу нас да ги навикнеме на новата ситуација. Ама како што велат, „секое чудо за три дена“. Толку траеше и тоа привикнување. Не им дадовме избор.

ЖМ: Имавте ли трема кога првпат ве престави пред родителите. Негодуваа ли што сте странец? 

- Мислам дека тие имаа повеќе, и тоа не беше трема, туку повеќе стравопочит, бидејки странец им доаѓа на вечера. Кинезите се многу поскромни во однесување од нас Балканците. Негодување имаше, само кратко, бидејќи не ме познаваа. Но, кога почнавме да зборуваме за моето минато и за тоа што планирам во иднина, увидоа дека нема да имаме проблем во комуникација и ме прифатија како иден зет. 


Се вративме во Македонија поради децата

ЖМ: Гуангџоу се наоѓа на југот од Кина, во заливот познат Бисерна река. Блиску е до Хонкг Конг и го нарекуваат кинески Лос Анѓелес. Што работевте со сопругата,се снајдовте ли добро? 

- Во 2006 година добив шанса да заминам во Кина и таму да работам. Не сакав да ја пропуштам. Кога пристигнав во Пекинг, беше многу лесно да се најде работа како учител или тутор. Со помош на пријатели од Србија, веднаш почнав да работам како тутор по англиски јазик во основно училиште во Пекинг Универзитетот. Во 2008 пристигна сестра ми и одлучивме да се преселиме во Гуангџоу, каде што беше полесно да се регистрира приватен бизнис. Блиску беше и Хонг Конг, град што во тоа време ни беше врата кон Запад, а и честа шопинг дестинација. Кога ја запознав сопругата, решивме да го искористиме нашето искуство во работа со деца и отвориме мал тренинг центар, којшто за неполни три години прерасна во 4 тренинг центри и повеќе од 450 студенти. Слогата во фамилија си го прави своето, без помош и поддршка од најблиските немаше ништо да биде возможно.


ЖМ: По 12 години, решивте да се вратите во Македонија и овде да формирате свој, нов дом и да го продолжите животот. Зошто?

- Една од главните причини беа децата. Им требаше малку промена и одмор од урбаниот живот во Гуангџоу. И на нас исто така. Сакавме да смениме малку, да ја прошетаме Европа, да им дадеме на децата повеќе опции за во иднина. Работата никогаш не ни претставувала голем проблем. Секогаш имаме нови идеи за бизнис и со малку капитал ги остваруваме. Во моментов покрај поранешните, којшто се уште ги менаџираме онлајн, одлучивме да почнеме нов бизнис - производство на декоративни производи од дрво и метал за извоз. Ново ни е, голем предизвик, но е освежувачки! Се обидуваме да не станеме мрзливи Балканци! 


ЖМ: Како се навикнаа децата, сопругата. Инсистираат ли да се вратат во Кина?

-  На децата не им е тешко да се навикнат било каде. На сопругата првата година и беше многу тешко. Беше многу носталгична од причина што во Македонија немаше ни еден пријател освен мене. Дојдовме до точка после шест месеци да се вратиме во Кина. Сега е веќе поинаку, се навикна, ги гледа убавините и на Македонија, кругот на пријатели се шири, а покрај сé работата и децата не ни оставаат многу време за носталгија. Но како и да е, на сите ни недостасува Кина, и верувам дека кога ќе помине корона пандемијата ќе патуваме многу почесто на исток. Дали повторно ќе се одлучиме за живот во Кина, или патот ќе нé однесе до некоја друга дестинација, не знам. 


ЖМ: Како би го опишале животот со Кинескиња?

- Со мојата ми е убаво. Веќе се имаме сменето толку многу да не може да се каже дека јас сум типичен Македонец, а таа типична Кинескиња. А како огромен плус, фамилијата од двете страни нé поддржува и ни помага.

СОЊА АЛЕКСОСКА НЕДЕЛКОВСКА