Јас сум татко кој духовито му ги доближува вредностите на своето дете: Интервју со Сашко Коцев

Не ќе постоеше Зоки Поки, ако не постоеше Лидија. Сите ја паметиме култната реченица со која почнува познатата авантура за Зоки Поки, лектирата која на многумина од нас ни беше меѓу првите прочитани четива. А, не ќе постоеше ведриот дух и палавоста на Зоки ако не беа неговите родители. Играната серија „Зоки Поки“ ќе се емитува од вечерва во 20.15 на МТВ 1. Сабина Ајрула ја игра бабата на Зоки, Даниела Ивановска е во улогата на мајката, а Сашко Коцев го игра таткото. За десетте епизоди кои сигурно дека ќе разбудат носталгија кај повозрасните, а се очекува да ја развеселат и помладата публика се погрижија режисерите Александар Поповски и Марија Апчевска, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ, продукцијата „Кино-око“ и продуцентот Роберт Насков.

Сашко Коцев во интервјуто за Женски магазин открива колку таткото на Зоки е сличен со таткото на Јоана, неговата двегодишна ќерка, што прави во периодот и на изолација, и што најмногу му недостасува од „нормалното живеење“.


*Паметиш ли кога за прв пат ја прочита „Зоки Поки“, каков впечаток ти остави неговиот лик како дете?

-  Според моите сеќавања, мојата прва прочитана книга беше НЕСМАСНОТО МАГАРЕНЦЕ. Но,мојата втора беше „Зоки Поки“.  Не се сеќавам точно каква слика тогаш сум добил за таа книга, ниту каков впечаток ми оставила. Но, како одминуваат годините , секое сеќавање на „Зоки Поки“, ми буди една ведрина, детска безгрижност и желба за истражување. Веројатно книгата останува длабоко во сеќавањето и расположението секогаш се повикува на сеќавањето за неговите доживувања, згоди и незгоди. 

*Во серијата го глумиш таткото на Зоки, во кој дел таткото на Зоки е сличен со таткото на Јоана?

- Ова е мојот трет одигран лик на татко, а никако не е далеку од вистинскиот татко Сашко. Татко кој на невообичаен  и  духовит начин му ги доближува животните вредности на своето дете, без да му направи никакви предрасуди за секојдневните случувања или детски препреки и проблеми.

*Како субјективно го доживеа ликот на таткото на Зоки, и што никогаш нема да заборавиш од снимањето на серијата?

- Ликот е еден ведар татко, страствен навивач на еден странски фудбалски клуб, па од суеверие дури не ја бричи брадата до финалниот натпревар, за да случајно не им направи малер. Инаку секогаш е тука да му ги доближи и појасни работите на својот син. Ликот го градевме и обликувавме во текот на снимањето. Не авторитативен, туку авторитарен родител, а понекогаш дури и поголемо дете од Зоки.
Прилично е тешко да се работи со деца, не затоа што би биле палави и би ја рушеле концентрацијата,туку затоа што тоа е друго ниво и начин на размислување. Споредбено,тоа е како да играте баскет во маало со вашиот 10 годишен внук. Сигурно нема да го имате тој борбен и победнички дух, туку ќе се спуштите на неговото ниво за да потрае играта. Но, за среќа овде, на снимањето на оваа серија, не се случи такво нешто. Ние уште на првиот снимачки ден со доаѓањето на децаата, не видовме некакви дечиња,туку добивме подготвени млади актери, многу  внимателно одбрани од режисерско-продуцентскиот тим , кои се носеа на исто ниво заедно со нас во креативниот занес. Посебно драг ми стана Матеј Настевски, во улогата на Зоки Поки. Веќе ја разбра својата позиција во целата ситуација и се однесуваше како да сме другари од класа на драмската Академија.
Па, така имаше многу слатки детски и смешни моменти од типот:
Снимавме една сцена во домашни услови, во која тој ја заврши со 2 дубли, а јас со некои 9, па не пропушти да ми каже дека ете со мене се измачиле да ја снимаат сцената, а ете тој ја снимил од само 2 пати, хахахаха.


*Научи ли (научивме ли) нешто паметно од изолацијава, како тебе ти поминува?

- Секој различно ја доживуваа оваа изолација. Некој е во страв од неизвесноста, некој се плаши за својата егзистенција, некој едвај чекал да се одмори, а некој воопшто не го засега туку само едноставно ги почитува препораките. Јас можам да кажам дека сум од сите наведени по малку. Секако дека ова нѐ врати  назад поблиску до семејството, ги рестартиравме чувствата и емпатијата, не само кон најблиските, туку буквално за целиот свет. 

*Што прво ќе направиш кога опасаноста од Ковид-19 ќе помине и ќе му се вратиме на нормалното живеење?

-  Прво по ова, одам на сцената на МНТ да видам дали мојот глас е сѐ уште во форма и дали може да допре горе до втората галерија.
А, потоа на секојдневните обврски како и претходно. Истите нервози, истата трема пред претстава и  истата возбуда кога се враќам дома и на врата ме пречекуваат двете мои насмевки.

М. Џаровска