Јас верувам во љубов: Грашо ја исфрли песната на Данијела од репертоарот и растури во Охрид

Петар Грашо одржа концерт во Античкиот театар во Охрид, на истиот ден како и минатата година, 1 август.

Голема среќа и за кантавторот од Сплит и за публиката е што разликата од лани до годинава е голема. Ако минатата година беше дозволена само третина од капацитетот и сите носеa маски, годинава се почувствува колку на луѓето им фалела забавата и слободата. Една работа беше иста како и лани, Грашо растури и даде сè од себе, а концертот беше еуфоричен од почеток до крај. Антички беше полн, а настанот го следеше публика и надвор од него, на балконите и пред вратите на театарот.


Уште едно нешто не е веќе исто во репертоарот на Грашо, а тоа е песната „Нека ми не сване“ која ја тој ја напиша за Данијела Мартиновиќ. Овој евровизиски хит, Петар го испеа и на концертот во Скопје на крајот на 2019 година, и лани на концертот во Охрид со слична приказна за Данијела која ја раскажуваше.

„Ја напишав оваа песна за мене. Таа кога ја слушна, ми рече: Не, не, ова е моја песна. Јас реков: Не, моја е, но знаев дека ќе ѝ попуштам. Ако не ѝ ја дадев песната, ќе немаше ручек дома три дена. Ве молам еден голем аплауз за Данијела Мартиновиќ“, откри Грашо тогаш.


Откако во мај годинава, хрватските медиуми објавија дека Данијела и Грашо ја прекинале врската по 24 години, тој ја тргна „Нека ми не сване“ од концертниот реперотар.


Но, не изостана посветата за неговиот Оливер Драгојевиќ, преработката од Мишо Ковач на „Никога нисам волио тако“, лудилото на крајот за „Ко нам брани“... Откако публиката направи ѕвездено небо, а тој со гордост го снимаше како што рече „својот хор“, следеше првиот бис, па вториот. Грашо изненади со „Yesterday“ од Битлси, а за крај симболично ја избра „Вјеруј у љубав“ од Оливер Драгојевиќ.


Во текот на целиот концерт беше поетично расположен, и нагласуваше некои од неговите љубовни стихови рецитирајќи ги, како „Живеам како волк, горд и сам“ (Živim ko vuk, ponosan i sam) и „Вистинската љубов никогаш не промашува“ (Prava ljubav nikad ne promaši).

За крај, тој рече дека верува во љубов и ѝ порача на публиката да верува. „Македонија, докажавте дека го имате она вистинското, срцето. Верувајте во љубов. Јас верувам во љубов“, рече Грашо за крај, а публиката се обиде да го врати и на трет бис.


Концертот го организираше „Прагма“ продукција.

Милица Џаровска