#јассумЉубов

Добивај вести на Viber

Има еден многу зезнат момент за секоја една жена на светов, моментот кога разбира колку таа всушност вреди. Е тогаш, ако си и згрешил, бегај, не те крие цел самит на светцине горе. И да е уште поинтересно, од тој даден момент нема назад. Се тргнува во поинаков правец, по мое искуство само и единствено нанапред. Нормално, пречките нема магично да исчезнат нели, проблеми и понатаму ќе има, но таа самата со себе, со сопствената евалуцаија за себе, оди над тие проблеми. Ги согледува вистинските и соодветни реакции, лично свои и имплементира поинакви и далеку похрабри методи за решавање на стари проблеми, кои пак во даден момент изгледале комплетно нерешливи. И дури очајни, живот загрижувачки. Епа од тој даден момент кога од гасеница преоѓа во пеперутка, истите проблеми изгледаат како незначајни трошки во систем на далеку повредни состојби. И од тој момент таа превзема комплетна контрола над сопствените дејствија, а со тоа и над својот живот. Секоја следна одлука ја носи на некое ново и непознато место, од кое не стравува овој пат, напротив, оди со главата крената горе. И најважно, не се плаши да биде сама.

Таа вредност мили мои, ја има секоја една жена на светов. Кревкоста во нашата основа на бидување, не чини нас жените, едно непроценливо богатство во светов. Но, не очекувајте истата да биде валидирана од друг, ако самите себе не се почитувате. За да има џентлмени, потребни се дами. Постојано слушам приказни, како мажите се вакви, а жените онакви. Постојано слушам приказни за бескрајни компромиси и нереализирани единки, со еден единствен корен на проблем, комплетно негирање на личните вредности.

Додека расте детето му се наметнува товарот од родителот, некаде свесно, најчесто несвесно, јас заради тебе, ти да не беше јас ќе, и дали знаеш колку јас дадов за тебе. Додека е во училиште, уште од прв ден, влегува во систем на евалуација, вреднување, писмено и со оцени. Понатаму како се развива, расте, почнува товарот на евалуација од општеството, категоризација и шематизирање во оделни општествени групи според дадени карактерни карактеристики. Се до моментот на комплетен колапс на личноста, која кај секоја единка резултира поинаку, некаде порано некаде подоцна, некаде со дрога и алкохол, некаде со психози и депресии, а некаде пак оди до граница од која нема назад. Тоа негирање на сопствената вредност, таа потреба за припадност на одредена групација од општеството, прифатени или неприфатена, веќе и не е важно, започнува од дома. Сите девијации кај индивидуи, се плод на несоодветна љубов и комплетна негрижа на кревката душа на едно дете, од дома, од мама и од тато.

Колку од вас, слушнале од сопствениот родител, јас заради тебе? Е да беше како сестра ти, или како брат ти, или некоја сосема поинаква екстрема која води до разоружување на сите базични емоции кај едно дете, и губи комплетна контрола над себе си. Ретко понатаму кој успева да дојде до моментот каде се себе спознава и се става себе си на прво место. Прво за да ги поправи сите грешки на околината, понатаму за да се преиспита себе си кој е, што сака, што е тоа што му значи, без разлика на личното ДНА, без разлика на падовите и болката кои ги претрпел во текот на животот, без разлика на се тоа што го опкружува.  Во тој момент на просветлување, на себе вреднување, веќе се постоечко нема поента. Критериумите се подигнуваат, вреднувањето на сопствениот живот завзема поинаква димензија, веќе не ти е потребно туѓото мислење и знаеш дека нема да ги направиш грешките на твоите родители, им простуваш, не знаат, никој не им кажал како треба. Знаеш дека единствен пат е моменталниот, не постои минато, не постои иднина, нашата контрола добива на моќ само во сегашноста. Таа моќ ја чини слободата, безусловната слобода која неминовно води до безусловна љубов, верба во човечкиот род, свесност на перцепција и соодветна моментална реакција. И само тогаш сите ние, и мажите и жените, и геј и стрејт, и верници и атеисти, сите бе, ама баш сите, може да бидеме вистински среќни. Со прифаќање на се она што не опкружува, природа, животни и се што е поинакво од нас самите. Балансиран сооднос на взаемна подршка. Само тогаш кога ќе имаме комплетна доверба во себе, во убавото што го ставивме позади решетки од пусти страв во секој од нас.

Пеперутката живее само еден ден, и треба вечност за да се создаде, ама вреди за една цела бесконечност. Живејте го секој еден проклет ден како пеперутка, ја имате шансата за одново раѓање секое утро. Без страв, погледнете се во огледало, признајте си ги грешките, поправете го сето тоа што може да се поправи, и бидете подобри за себе секој можен даден миг, овде и сега.

Јас ви дадов вам скоро две години, ви дадов само дел од мене, несвесно, започнав на еден начин продолжив поинаку, на комплетно друг начин. Јас заради вас, споделив дел од себе само и единствено со цел да научите на туѓите грешки, а не сопствените. Не мора секој да гази по трње, за да се здобие со животно искуство. Не мора секој на потешкиот начин, и вака може. Често велам, слушај паталец а не гаталец, уште почесто знам да не се послушам себе си, и тогаш најмногу ме боли. Дајте си шанса на себе, верувајте во сопствената интуиција, и нека не ве плаши животов.

Денес започнуваме со нов циклус на десет години, ајде да го срушиме ретроградниот Меркур еднаш и засекогаш, да поставиме повисоки и поквалитетни цели, да сонуваме невозможни соништа и да си ветиме Љубов. Ти си Љубов, ти си силата која ја движи светот, ти си енергијата на константна регенерација.

Љубов, многу малку време ти даваме.

Јас сум Ивана Кнез, скоро се запознав себе си. Сега веќе нема назад.

Намасте.