Јована и Огњен пешачат 10км до училиште: Најтешко е кога малиот Новак прашува „Каде е тато?“

Додека се обидува да го вози стариот и излитен трицикл, наследен од некое дете, тригодишниот Новак постојано го довикува неговиот татко Дејан и прашува кога ќе си дојде.

Тој го повторува истото прашање на секој кој ќе дојде во нивниот дом. Неговиот брат Огњен (9), како и неговата сестра Јована (13), иако го знаат одговорот на неговото прашање, ретко одговараат на тоа.

Тие знаат дека тој е мал и дека не може да разбере дека нивниот татко Дејан Милановиќ (44) починал пролетта, враќајќи се од планината каде што сечел дрва за продажба, затоа што тоа бил еден од неговите извори на приход за семејството.

Новак, Огњен и Јована, со својата мајка и баба, живеат во планинското село Фотише, во клисурата Грделица, на околу десет километри од Владичин Хан. Јована и Огњен се веројатно единствените деца пешаци на територијата на оваа општина.
Да се ​​оди на училиште пеш по лош и стрмен пат, низ шумата, ненаселени места, во мракот, е голем проблем. Оние десет километри што треба да ги изодат до основното училиште „Бранко Радичевиќ“ во Владичин Хан станаа уште подолги и потешки од моментот кога нивниот татко почина.

Смртта на нивниот татко Дејан не е единствената трагедија што му се случи ова семејство, вели нивната баба Добрица (66).

- Пред девет години, на истиот трактор почина уште еден мој син, ги изгубив и Драган и Дејан. Тие исчезнаа толку бргу еден по друг. Драган не беше ни оженет, а Господ му даде на Дејан три деца, кои останаа сирачиња - вели Добрица, тагувајќи по своите синови.

Сопругата на Дејан, Бојана (33), се грижи за три деца. Иако таа самата повеќе личи на дете, кревка и нежна, со здравствени проблеми како резултат на дислоциран колк во детството, таа се бори колку што може.

Петмината живеат на село, чуваат животни и живеат од социјална помош и минималната пензија на бабата Добрица. Одбиени се за детски додаток.
Оваа година, додека Дејан бил жив, тој посадил малини, па тие сега успеале да соберат нешто од тоа, но за следната година, веројатно нема да има кој да посади. 

Нискиот приход и недостаток на машка рака во рурално домаќинство не се најголем проблем на ова семејство. Проблемот е одењето на децата кон училиштето во Владичин Хан, затоа што нема превоз.

- Огњен е во трето одделение, а Јована е во седмо одделение и не знаме што ќе правиме. Додека Дејан беше жив, кога ќе имаше време, ќе ги одведеше до првиот асфалт во Хан, а од таму повторно пешки одеа до училиштето за уште два или три километри. Кога тој не можеше да ги вози, поради снег или поради некоја друга причина, одеа одовде, и имаа различни смени. Наутро јас ќе ги испраќав, а попладне Дејан, и обратно - вели мајката Бојана.

Таква е нивната состојба во последните две години, откако тие се вратиле од Владичин Хан, каде што биле подстанари, во селото. 

- Дејан немаше постојана работа, сечеше дрвја, работевме земјоделство, се надевавме дека сепак ќе можеме да обезбедиме покрив над главите во градот, за децата да можат нормално да одат на училиште - вели Бојана.

Смртта на Дејан, уште повеќе го влоши проблемот со одење на училиште.

- Не знам како ќе биде, дури и кога понекогаш ќе успеам да платам такси, не секое возило може да не однесе дома, затоа што патот е голема угорнина, па затоа повторно мораме да одиме пешки. Особено е тешко во зима, кога рано се стемнува, кога врне снег. Патот поминува низ шуми, каде нема куќи, има само едно домаќинство некаде на половина пат од нашата куќа, до периферијата на Хан. Има диви животни, волци - Бојана ги опишува маките низ кои поминуваат.

Но, и покрај потешкотиите, Јована и Огњен се одлични ученици во училиште. Јована вели дека најмногу сака физика и географија.

- Не е лесно, уморна сум, но што ќе правам, навикнав на тоа. Морам да учам кога ќе се вратам дома, таков беше случајот кон крајот на оваа година, а сега чекаме да видиме дали ќе има часови преку Интернет, и ако нема, ќе мора да се снаоѓаме пеш.
Беше поинаку додека тато беше жив. Бевме безбедни и се чувствувавме безбедно - вели Јована.

Огњен и малиот Новак го имитираат својот татко преку игра и се обидуваат да го заменат, на некој начин, онолку колку што дозволува фантазијата на детето.

Малиот Новак има пластична моторна пила, па во игра сече дрвја за зимата. 

Целата куќа на семејството Милановиќ е со слики од починатите браќа.
Запрена младост, соништа, желби и планови, трагедии какви што не се паметат во ова село.

Децата често поставуваат прашања, на кои мајката и баба Добрица, најчесто ги немаат одговорите.

Малиот Новак им кажува на сите што ќе заминат од кај нив да се распрашуваат за татко му, затоа што се' уште се надева дека ќе дојде.

За оваа семејство во Србија, покрената е и хуманитарна акција и апел за донации, за да им се помогне на децата финансиски.

извор: blic.rs