Кај децата до 3 години не може да се почитува протоколот за растојание: Воспитувачка од скопската градинка „Распеана младост“ во Карпош за работата по новиот протокол

После цели шест месеци на 9-ти септември, започнаа со работа градинките и установите за згрижување деца. Тогаш министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска порача дека со почитување на Протоколот кој беше донесен на 29-ти мај, ризиците за инфицирање на дечињата се сведуваат на минимум, апелирајќи да се пријавуваат и најмалку сомнителните симптоми. И министерот за здравство Венко Филипче објави апел до родителите и воспитувачите  да бидат внимателни и да обрнат поголемо внимание на децата и нивното однесување.


Според Протоколот во групите до 2-годишна возраст треба да бидат згрижени најмногу 6 деца, а од 2 до 6 години групите смеат да згрижат најмногу до 15 деца. Мора да се избегнува контакт меѓу децата од различни групи, да се врши дезинфекција на просторот на секои два часа, а на вработените и на децата задолжително им се мери температура при влез во градинката.

Нашата соговорничка Марина Петровска е воспитувачка во општинската детска градинка „Распеана Младост“ во Карпош, а токму со неа детално разговараме за тоа како изгледа овој нов протокол за работа во пракса.


* Какви се и како се снаоѓате со новите протоколи за работа во градинка?

- Знаете како.... Хартијата трпи сѐ, но кога станува збор за практично да се спроведе работата се доаѓа до ситуации во кои не знаеме како да постапиме. Протоколите сѐ во ред од една страна, но има недостатоци од друга страна. На пример, за децата во јаслениот дел и оние кои се на возраст од 2 до 3 години, навистина не може да се почитува протоколот да се држи растојание и да седат децата на одбележано столче. Тие деца имаат потреба да ги гушнеме, да ги погалиме, да ги смириме кога плачат или кога се вознемирени. Тоа значи дека контактот со воспитувачот и негувателка е многу близок, а самото тоа покажува дека нема заштита и сме директно изложени на ризик без разлика што носиме маски. Медицината покажува дека децата се најголемите преносители на вируси и бактерии, а нашата хумана професија не ни дозволува да работиме според протоколи и да држиме растојание. Нашата близина или директен контакт е потребен најмногу во периодот на адаптација на деца.

* Дали дечињата се свесни за протоколите и дали ги почитуваат?

- Во однос на ова прашање може да кажам дека децата се свесни за протоколите само во средните и големите групи. Се приметува напредок кај овие деца, затоа што целата ситуација директо влијае врз нивниот развој, тие секако дека ги следат и препораките за заштита и од семејството, а и од медиумите. Сето тоа придонесува децата да ги почитуваат протоколите и во градинка, но сепак да нагласам дека тоа е можно само кај поголемите возрасни групи. 



* На што според вашето искуство е најтешко да ги научите сега?

- Најтешко е да се научиме на социјалната дистанца, затоа што до вчера основата на сѐ беше љубовта, играта, дружбата, гушкањето, а сега доаѓаме до ситуација на контрадикторност на она што досега го учевме во градинка. Затоа се наложува потребата од обуки и едукација од стручни соработници и тимови од педагози и психолози, кои би ни помогнале полесно да го надминеме овој период и како да функционираме во овие вонредни услови. 

* Колку ви се смени начинот на работа, и дали се чувствувате безбедно на работа?

- Начинот на работа е многу сменет, затоа што сме ограничени во дејствувањето на воспитно образовниот процес. Сега се соочуваме со ситуација во која не можеме да ја користиме во целост програмата за рано учење и развој од Министерството за труд и социјална работа. Ограничување има и во примената на социоемоционалните игри, потоа ограничување во употреба на играчките и слично. Ништо не е исто како порано,а во однос на безбедноста исто така можам да кажам дека спаѓаме во онаа категорија на најзагрозени работници. 

* Дали се случува да вратите некое дете поради покачена температура или симптоми на коронавирус? Како реагирале родителите, а како детето?

- Во нашата градинка се уште немаме случај на дете болно од корона вурусот, но имаме деца кои имале симптоми како покачена температура или растечено носе и реагираме веднаш, односно ги испраќаме децата дома. Родителите се пријателски расположени, со разбирање и до сега не сме имале никакви конфликтни ситуации. Се надевам дека таквата соработка ќе продолжи и во наредните месеци, сѐ додека трае оваа ситуација. 


Даница Караташова Илиоска

Фото: Фејсбук профил на „Распеана младост“


Додека сите бараат модели за настава: Градинката „Мајски Цвет“ од Битола одржува час во природа