Кај нас сè уште живее стереотипот дека колку повеќе го гушиш партнерот/ката толку повеќе ти значи: Психолог м-р Тиана Ивановска за токсичните врски
„Токсичните врски многу често пати знаат да бидат страшен вртлог, силно торнадо кое се врти во круг и секој обид да излеземе од него нè враќа уште посилно во центарот“ - М-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и основач на СебеСложувалка.
Зошто ни е тешко да спознаеме и прифатиме дека сме во токсични љубовни врски, зошто жените тешко ги напуштаат токсичните љубовни врски?
Во интервју со М-р Тиана Ивановска, лиценциран психолог и основач на СебеСложувалка, зборуваме токму на тема „токсични љубовни врски“.
Пандемијата и времето поминато во карантин нè присли да бидеме затворени со нашите семејства, партнери, и нè поттикна да размислуваме, да се преиспитуваме дали сме среќни и задоволни во тие врски.
Токсичните врски се разбира можат да се јават и на релации со семјство, пријатели, колеги, но фокусирајќи се на љубовните релации, во време на пандемијата многу од партнерите ги зацврстија своите врски, а многумина пак сфатија дека не се едни за други. За жал, во поекстремни случаи се зголеми и бројот на жени жртви на семејно насилство, во споредба со лани истиот период.
Сепак за многумина не е јасно зошто тешко се напуштаат тие токсични врски, кои најчесто ги нарушуваат односите со блиските пријатели и семејството, но уште поважно влијаат на нашето ментално здравје и самодоверба, и на тоа како се доживуваме себеси. Од друга страна луѓето и тешко препознаваат дека се во такви односи бидејќи во општеството, за многу нормални се прифатени работи кои се всушност карактеристики за токсични врски.
Како луѓето да препознаат кога се во токсична љубовна врска, со што се карактеризира, кои се првите знаци?
-Јас сум човек кој цврсто верува во сигналите кои ни ги испраќа телото, па токму затоа и сметам дека тие црвени знаменца многу често произлегуваат од нас самите. Уште на самиот почеток во овие врски чувствуваме одредена нелагодност, чудност, нетипичност. Токму тие се првите аларми кои најчесто посегнуваме да ги дискутираме со најблиските, семејството, пријателите, како би добиле некаква потврда дека тоа што го чувствуваме е валидно. Често пати се обидуваме и да ги игнорираме овие сигнали, наoѓајќи им рационални објаснувања за тоа што би можело да се случува, при што целосно го избегнуваме коренот на проблемот.
Како да се излезе и како да се надмине токсичната врска?
-Не е исто да зборуваме за токсична врска кога сме во неа и кога сме надвор од неа. Често пати слушам коментари полни со осуда за тоа како луѓето сами се виновни што заглавиле во одредена токсична релација, дека се слаби и емоционално нестабилни штом не можат да излезат од неа и да ја прекинат, дека го заслужуваат она што го добиваат и слично. Реалноста е дека овие врски многу често пати знаат да бидат страшен вртлог, силно торнадо кое се врти во круг и секој обид да излеземе од него нè враќа уште посилно во центарот. Партнерите знаат да бидат многу заводливи, да ветуваат промени, да манифестираат посакувано однесување одреден краток период за да повторно се вратат на старите навики и начини на однесување. На нас останува крајната одлука, да ја пресечеме лентата и да престанеме да се надеваме на промена. Всушност можеби најмногу нè двоуми верувањето дека партнерот/партнерката и покрај сето она што ни го прави, има потенцијал да биде добар човек. Гледајќи во тој потенцијал кој можеби никогаш нема да биде достигнат и реализиран, бираме да живееме во средина на терор и нељубов.
Што се причините, а кои се последиците од токсични врски, до што можат да доведат истите, како влијаат врз луѓето?
-Не секогаш има реална причина бидејќи не верувам дека некој од нас свесно би влегол во релација за која знаеме дека не е добра за нас. Последиците пак може да бидат многу различни и речиси секогаш зависи од индивидуалното искуство на секој од нас. Една токсична врска може да влијае на начинот на кој се доживуваме себе, она што мислиме дека го заслужуваме или пак не го заслужуваме, начинот на кој ги учиме нашите партнери да нè третираат, нашата самодоверба како и општата добросостојба во која живееме. Доволно е едно силно искуство од ваков тип да разниша многу наши дилеми во врска со себе, да не направи психофизички нестабилни, трансформирајќи се во моќна траума која стои во позадина и ги диктира нашите идни релации во кои влегуваме.
Дали луѓето се охрабруваат да побараат помош кога ќе сфатат де се во токсична врска? Дали советот е веднаш да излезат од истата или може да се работи на подобрување на тие врски?
-Мислам дека тука голема улога играат другите системи на поддршка со кои сме опкружени како што се семејството и пријателите. Често пати луѓето околу нас први забележуваат дека нешто не е во ред со нашето однесување и не советуваат да побараме помош. Потешко се охрабруваме да побараме помош доколку средината околу нас е неподдржувачка и постојано ни вели дека што и да се случува ќе помине со тек на време. Верувајте, колку и да звучи чудно, голем дел од луѓето не се осмелуваат да побараат помош само поради тоа што сметаат дека е срамота да се советуваш за приватниот живот и дека само двајца знаат што им се случува меѓу 4 ѕида. Универзален совет секако не постои. Секој клиент е приказна за себе и со секој одиме со различно темпо во зависност од фазата во која се наоѓа. Некој бара помош за нешто друго па потоа стигнуваме до позадината во која стои неразрешена токсична релација. Има и такви кои одлучиле да ја прекинат релацијата но им е потребна поддршка во целиот процес на ставање крај. Простор за подобрување секогаш има но многу е важно клиентот да се следи себе и сопствените капацитети за инвестирање на енергијата и времето во таа релација.
Зошто, особено на жените, им е тешко да прифатат дека се во таква врска, колку заљубеноста или пак самата навика да бидат со партнерот игра улога? Или зошто оние кои се свесни дека се во таква врска не се осмелуваат да стават крај?
-Да појдеме од фактот дека колку и да сакаме да бидеме слепи кон стереотипот за улогата на жената во општеството, се уште постои значајна разлика помеѓу третманот кој го добиваат жените и мажите. Во нашите компании се уште се фаворизира машкиот пол за повисоките позиции како менаџери, директори и слично правејќи ги мажите финансиски постабилни и поспособни за преживување. Знаејќи го ова, да си жена и да не зависиш од партнерот е многу потешко и понереално. Токму поради тоа жените потешко се одлучуваат за напуштање на ваквите релации. Голем дел од нив немаат физички услови да се иселат во друг дом, биваат неприфатени од примарното семејство кое не сака да ги прими назад за да не го посрамотат, трпат голем број на закани доколку го направат овој чекор и слично.
Зошто оние кои се во токсични врки, најчесто си ги нарушуваат односите со блиските пријатели и семејството кои им го посочуваат тоа и сакаат да им помогнат?
-Бидејќи градиме релации во кои имаме базична недоверба кон најблиските. Пријателот/ката на кој вистински му веруваш, никогаш нема да го отфрлиш без размислување, ниту пак тој/таа ќе те напушти само поради тоа што одлучуваш да останеш во одредена релација. Тешко е да бидеме ставени во позиција да бираме помеѓу партнер/ка и пријатели/семејство но цврсто сметам дека луѓето кои вистински не сакаат никогаш не би не ставиле во ситуација да треба воопшто да правиме ваков избор.
Што е она што луѓето често го сметаат за нормално, но во суштина е карактеристика на токсична врска?
-Според мене, дефинитивно љубомората и посесивноста. Кај нас се уште живее стереотипот дека колку повеќе го гушиш партнерот/ката значи дека повеќе ти значи. Можеби живееме во модерно општество но огромен е бројот на луѓе кои по стапувањето во сериозна релација, брак или пак градењето на семејство, ги напуштаат сите други кругови на социјализација. На тој начин се изолираат сведувајќи го своето постоење само на една личност. Здравите пријателски односи се одличен систем на поддршка кој навистина е незаменлив и често пати бегајќи од токсичните пријатели завршуваме во изолација со партнерите/ките.
Истражувањата покажуваат дека пандемијата влијаеше многу на менталното здравје, исто така се зголеми и бројот на пријави на семејно насилство, а ова се и некои од причините и последиците за нездрави врски, „СебеСложувалка“ настана во време на Ковид пандемијата, дали од вашиот тим се бара помош по овие прашања односно на што најмногу се жалат луѓето кога е се во прашање љубовните врски?
-Љубовните релации се речиси секогаш присутни во работењето со клиенти дури и кога не се главната тема со која тие дошле за прв пат. Пандемијата направи навистина значајна промена затоа што на некој начин не присили да поминеме повеќе време со нашите партнери и партнерки, време кое предходно во голем дел сме го посветувале на работните обврски. Дел од релациите се зацврснаа, се засили довербата меѓу партнерите, успејаа да најдат многу заеднички забавни активности или пак креативно да го искористат времето поминато во карантин. Друг многу значаен дел се партнерите кои дојдоа до увиди дека е време да ја преиспитаат релацијата во која се наоѓаат и да проверат колку навистина истата ги храни на емоционално ниво. Во секој случај сметам дека ваквата промена неминовно донесе позитивни промени без разлика дали на краток рок ги перцепираме истите како нужно позитивни.
*Љубица Иванова