Како дете паднав во кома: Искрено интервју со Лозано

Добивај вести на Viber

На 23 март во ВИП Арената ќе го одржи својот прв солистички концерт, а како најава за големиот настан, пред три дена излезе неговиот нов сингл „Мајко“. Влатко Лозаноски-Лозано е миленик на сите генерации и поради тоа што секоја песна му е хит, и поради вокалните способности , но и скромноста и пријателскиот и топол однос кој го има со својата публика. Пред да ги слушнеме „Надеж“, „Километри“, „Јако, јако“ во живо, Лозано во искреното интервју откри убави нешта од својот живот, но сподели и некои непријатни, до сега нераскажани приказни на кои се сеќава. 

* Минатата и оваа година се твои успешни години: хитови, албум а сега те чека и концерт. Што ветуваш за 23 март во ВИП Арената?

- Ветувам загарантирана забава, очекувам да биде јако јако, ќе бидат испеани сите мои хитови кои ја одбележаа мојата кариера ќе има и изненадувања кој ги оставам за премиерата на 23. Одвај го чекам денот, со нетрпение.

Сцена од новиот спот за песната „Мајко“, која ја напишаа Магдалена и Лазар Цветкоски 

* Какви сеќавања имаш од почетоците на кариерата, од времето кога започна како млад талент во шоуто на Драган Вучиќ, „Мак ѕвезди“?

- Многу сеќавања, многу спомени. Патот не беше лесен секако, но забавен, разнолик. Почетоците беа од таму точно, шоуто започна откомври 2007 година, но официјално кариерата ми започнува 2008 со мојата прва песна „Врати ме“.

* Постои ли анегдота од овие десет години колку што си на сцената која нема да ја заборавиш?

- Па, има многу, се сетив на тоа кога уште на стартот на шоуто на „Мак ѕвезди“, сакав публиката да ме знае како Лозано, поради тоа што претходно сите ме познаваа така. Во  една прилика кога им кажав во шоуто дека сакам така да бидам именуван, добив одговор дека мора со целосно име и презиме, дека потоа сите учесници ќе сакаат да бидат именувани по нивен избор, а на почетокот бевме 30 натпреварувачи.

* Во последно време многу малку зборуваш за приватниот живот, како успеваш да си во фокусот на јавноста единствено поради твојата музика?

- Претпоставувам дека длабоко во себе го посакувам го и сакам тоа што го работам, па затоа можеби и толкав период помина, за да конечно дојдам до овој посакуван статус. Нормално дека сѐ уште има работа, не застануваме само на ова.

* Каков е твојот емотивен статус, дали си во врска?

- Повторно дипломатски би одговорил, иако знам дека на новинарите не им одговара овој одговор, но кога ќе има нешто официјално ќе го споделам секако со јавноста.

* Твоите песни ги сакаат сите генерации, популарни се и на семејни веселби, свадби, дали настапуваш и на венчавки и кои песни најчесто ти ги бараат?

- Да, секако, настапувам на разни настани и се радувам на тоа што денот им го правам уште поубав. Обично ми ги бараат моите песни, што ми е многу драго, но секако има и отстапки, пеам и песни кои се општо познати кај народот, сепак тие се најважни во тој момент и сакам колку што можам да им ги исполнам желбите.

* Какво беше твото детство во Кичево, на што најчесто се сеќаваш од тој период? 

- Имав прекрасно и безгрижно детство, во моето родно Кичево. Бев опколен со прекрасни луѓе, моето семејство, моите соседи, имаше тогаш многу дечиња, мои врсници. Правевме најразлични будалаштини, од сѐ правевме игра, измислувавме игри, се радувавме на обични работи, си правевме засолништа и куќи од делови, врати, хауби, гуми од коли. Бевме махери за сѐ, трки со бицикли низ маало (така во Кичево ги викаме велосипедите). Играње со топка од утро до мрак, па во текот на денот мајка ми или баба ми ќе ми викнат од дома: "Влаткоооо ајде да јадеш",  затоа што мене не ми текнуваше на тоа и ќе појдев ќе си скршев краишник од леб и пак се враќав. Се качувавме на црешни, кајсии, сливи, па ќе излезеше газдата па ќе не брка. Игравме били (џамлии) на сликички од стари албуми, тогаш беа популарни албумите со Тарзан, Нинџа Желки, Краш, Штрумфови, па Турбо мастиките со сликички со автомобили, болиди..

Често одевме на село кај баба и дедо, па таму си игравме со сестра ми со најразлични животни, имаше крави кои сите до една си имаа име, па зајачиња, се храневме исклучиво со здрава храна набрана од градина. Уште се сеќавам на вкусот на храната, на мирисот од тоа време. Па навечер кога ќе се стемнеше немаше струја, ќе вклучеше баба ми фенер... Прекрасно детство во секој случај. 

* На една наша средба ми спомена непријатна случка од детството, дека кога си бил многу мал си паднал во кома поради алергија од мед. Што точно се случи? 

- Ништо страшно искрено, колку што се сеќавам, како што ми кажувала мајка ми дека траело многу кратко. Докторите не знаеле што ја предизвикало таа непријатност, па имаше еден долг период во кој не јадев мед, поради тоа што пред случката сум го конзумирал медот. Но, за среќа сѐ било како што треба потоа. 

* Освен за твојот „Напредок“ од Кичево, за кого испеа и химна, за кого од светските клубови навиваш?

- „Напред Напредок, Напред Кичево" тоа е клубот за кој навивавме и се радувавме на победите во текот на годините и желба ми беше- зошто да не, да испеам химна за тој клуб, додека од светските клубови сум фан на „Манчестер Јунајтед“ и ги следам континуирано нивните резултати. Присуствував на трибините и со татко ми на финалето на супер купот кој се играше во Скопје, каде што „Јунајтед“ за жал изгуби 2:1 од „Реал Мадрид“.

* Си проследил ли натпревар некаде на стадионите надвор од Македонија? 

- Сум бил да, но не на многу. Ги гледав Милан - Рома на Сан Сиро, кога играа тогаш Роналдињо (еден од моите поомолени фудбалери) Пато, Тоти. Во Малме кога пеев на „Евровизија“ посетив еден меч кога играше домаќинот, на Маракана, но сепак најмногу мечеви сум гледал на Градскиот стадион но и на други наши стадиони. 

* Убавите девојки се заштитен знак на сите твои спотови. Кој ги избира и на кој начин ?

- Обично за тоа оставам кастингот да го направи екипата што работам, кои се задолжени за тоа, но секако во изборот и јас сум вклучен.

* Какво искуство носиш од Евровизија и би одел ли повторно ако добиеш покана? 

- Искрен да бидам и имам, но и немам добро искуство од Евровизија. Би сакал нормално повторно да ја претставувам Македонија, но само доколку имам добра песна и добри услови за работа, за да сепак го оправдам моето учество пред публиката.

Милица Џаровска