Како дете сакав да се облекувам како машко: Да беше жива, Есма денес ќе наполнеше 77 години

Таа важеше за кралица на ромската музика и со песната ја промовираше нашата држава ширум светот. Каде и да се појавеше ги освојуваше сите како со својот глас, така и со својата појава.

Да беше помеѓу нас, денес ќе наполнеше 77 години, но жал на 11 декември пред четири години го напушти овој свет. Покрај големото музичко творештво кое го остави зад себе, како што се песните „Чекај животе“, „Свадба македонска“, „Зошто си ме мајко родила“ и многу други, таа важеше и за голем хуманитарец. Секаде каде што беше потребна помош, мама Есма беше тука, а засолниште им даде на сите 47 посвоени деца од кои многумина продолжија по нејзините стапки и по нејзината смрт.


Покрај многуте награди кои ги имаше добиено за време на својот живот, во 2013 година ја доби престижната титула Национален уметник на Република Македонија, на која беше особено горда.

„Прекрасно е да се дружиш со своите луѓе, со својот народ“ - често знаеше да каже.

Неколку месеци пред нејзината смрт во едно интервју откри детали од своето најрано детство, од кои многумина останаа изненадени.

„Јас како дете многу сакав да се облекувам како машко. Секогаш сум настојувала, но и по природна сум таква женска, ама машка женска, која е силна по карактер. Интересна работа, од мали години сакав да си играм со момчињата и имав многу другари во маалото во кое живеев. Па така многу пати си играв топка со нив.“

Турбанот пак по кој беше препознатлива, започнала да го носи поради нејзината мајка која така ја собирала косата.

„Се сеќавам мајка ми кога беше млада жена и кога готвеше секогаш имаше марама, за да не и паѓаат влакна. Од нејзе научив дека е многу практично да ставам марама и да изгледам убаво. Па така, каков фустан или димии да имав, такво турбанче си правев.“ 

Есма е уште еден доказ дека и кога ќе не нема од овој свет, делата и убавиот збор (а, во нејзиниот случај песна) остануваат вечно да зборуваат.