Како млада директорка и Ромка се соочував со голема недоверба: Искрено интервју со д-р Салија Љатиф Петрушовска

Добивај вести на Viber

Д-р Салија Љатиф Петрушовска по професија е доктор по стоматологија. Имаше само 28 години кога во август 2017 година ја назначија за в.д. директор на Jавната здравствена установа Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 ноември“ - Скопје. Со нејзината приказна ги рушите стереотипите и предрасудите во македонското општество. Таа е Ромка и можеби најмладата директорка во една јавна здравствена установа. 

* Со какви сѐ реакции се среќававте кога Ве назначија за в.д. директорка на Геронтолошкиот завод? Со недоверба или можеби страв?

- Кратко по моето назначување имаше доста „прашина“ од самиот факт дека сум стоматолог по професија, па и на 28 години директорка, па и Ромка. Како од јавноста, така и од колегите сум се соочила со голема недоверба, муабети од типот како една млада личност како мене ќе успее да се носи со оваа голема установа. Но, за среќа, резултатите постигнати за време на моето директорување со оваа прекрасна и уникатна установа говорат сѐ, почнувајќи од трансформацијата на установата од завод во специјализирана болница, добивањето награди и признанија за успешна и квалитетна работа, па сѐ до донации и одлична соработка  со домашни и странски фирми.

Резултатите постигнати за време на моето директорување со оваа прекрасна и уникатна установа говорат сѐ

* По вокација сте доктор по стоматологија. Од каде желбата да застанете на чело на една ваква институција?

- Стоматологијата е професија која како дејност има потреба да се систематизира во секоја установа, па така и во оваа. Во Установата имаме сместено над 300 пациенти кои секојдневно имаат потреба од стоматолошки интервенции.

Многумина од заедницата не знаат дека стоматолозите освен тврди ткива, третираат и мека патологија. Стоматолошката дејност допрва кај геријатриските и палијативните паценти во РСМ треба да се унапредува и промовира.

Во моментот располагаме со над 300 кревети кои се во целост се исполнети

* Во нашата земја постои само една јавна здравствена установа која нуди геронтолошка и палијативна нега на пациенти. Долгите листи на чекање несомнено ја наметнуваат потребата за проширување на капацитетите и осовременување на установата. Што се промени откако Вие ја менаџирате институцијата? Што конкретно сработивте изминатиов период?

- Нашата установа е единствена јавна здравствена установа во Република Северна Македонија која е специјализирана за пружење на здравствени услуги и нега кај геријатриските и палијативните пациенти. Здравствена заштита од областа на геријатриската медицина се остварува во одделот Геријатрија (интензивна, постинтензивна и нега на хронично болни), а палијативната грижа се врши во двата Хосписи (Скопје и Битола).

Специјалистичко - консултативна здравствена заштита е организирана преку кабинети за интерна медицина, неврологија, психијатрија, физикална и медицинска рехабилитација, дерматовенерологија, биохемиска лабораторија, дијагностички кабинети и едукативна работа.

Во моментот располагаме со над 300 кревети кои се во целост се исполнети, а потребата за зголемување на капацитетите допрва расте, со оглед на фактот дека населението старее, младите се иселуваат и слично. Долгите листи на чекање секако се проблем, институцијата согласно со процедурите за акредитација, има изработена листа на чекање, кадешто пациентите се поставуваат со упат од матичен доктор и се јавуваат во специјалистичко консултативните амбуланти преку Мој темин, каде добиваат преглед од страна на лекар специјалист (интернист, психијатар, невролог, дерматовенерлог или физијатар ) во зависност од примарното заболување. Доста често станува збор за пациенти кај кои имаат мултиморбидитети (повеќе хронични заболувања) и истите бараат мултидисциплинарен пристап.

Важно е да напоменам дека освен располагањето со доктори специјалисти од различен профил, располагаме и со специјализиран средномедицински кадар (медицински сестри, негувателки, физиотерапевти, лаборанти), а покрај нив и со здравствени соработници како социјали работници и психлог кои му даваат поддршка на пациентот за време на неговото лекување во нашата установа како болница со долготраен престој, во делот на социјална, морална и духовна поддршка.

Особено важна ми е мотивацијата на персоналот

* На што сте фокусирани во моментов? Што е најголем предизвик за Вас лично како здравствен менаџер?

- На прво место ни се пациентите и установата заедно со мојот тим  ја стремам кон унапредување на квалитетот и квантитетот на пружање на здравствени услуги од областа на геријатриската и палијативната медицина. Особено важна ми е мотивацијата на персоналот кој е прекрасен и истиот секојдневно се соочува со предизвиците на справување со стресот при работата со терминално болни пациенти. Кон овој персонал треба да се гледа и покажува почитување затоа што е есенцијално важно. Редовните состаноци, тим билдинзи, добивање на награди и признанија особено им значат.

Освен тоа, целите ги стремам кон унапредување на дејноста, истата да го добие своето вистинско место во земјата, лобирање за формирање на повеќе палијативни центри, поврзување со меѓународни здруженија, инвестирање во нова и модерна медицинска опрема, вклучување на персоналот во едукативниот процес на продукција на иден медицински кадар кој ќе стане специјализиран за геријатриски и палијативни услуги преку вклучување во рамки на катедрата за геријатрија и палијатива на Медицинскиот факултет.

* Освен поддршка од државата, редовно примате и донации. Кој сѐ е вклучен во овој процес? 

- Нашата установа е јавна здравствена установа, што значи е финансирана од здравствениот систем и ние сме под Министерство за здравство.

Многу сме благодарни кон државните и кон приватните фирми, како на пример Порше-Македонија, Црвен Крст на град Скопје и Битола.. Секако и индивидуалци и здруженија на граѓани кои покажуваат општествена одговорност кон нашата здравтвена установа преку донации, организирање на социјални активности и слично.

Многу сме благодарни кон државните и кон приватните фирми, како на пример Порше-Македонија, Црвен Крст на град Скопје и Битола..

* Претходно речиси една деценија бевте во невладиниот сектор каде креиравте политики за здравствена и за социјална заштита кај ромската заедница. За жал, Ромите кај нас сѐ уште страдаат од дискриминација и сегрегација. Со какви конкретно предизвици се соочувавте додека ја градевте Вашата професионална биографија?

- Долго време работев во невладиниот сектор, генерално на проекти за унапредување на јавните здравствени политики, но и дел социјална заштита и локален економски развој.

Во однос на ромската заедница, сѐ уште се соочува со големи проблеми и тоа од типот на дискриминација, намалена стапка на образование, невработеност која секако се одразува кон нивниот социоекономски статус. Интенцијата треба да биде во насока на креирање на политики кон социјално маргинализираните лица и подигнување на нивниот социоекономски статус. 

Сметам дека власта работи на креирање и имплементирање на вакви јавни политики и  е на добар пат.

Мојата работа нема ограничувања

* Вашиот сопруг е социолог по професија. Се венчавте истата 2017 година кога и Ве назначија за директорка. Колку тој има разбирање за Вашата работа?

- Се запознавме случајно на студенските кампови, после неколку години врска, се венчаме. Интересно, иако не е медицинско лице, сепак имам голема поддршка во однос на јавната функција и сите предизвици кои ги носи истата.

* Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?

- Ќе почнам со веќе познатата фраза „од секогаш знаев дека ќе пловам во медицината“, но не знаев што точно. Бев одлична ученичка во основно, продолжив во СМУГС Д-р Панче Караѓозов, насока забен техничар, отттаму продолжив на Стоматолошкиот факултет Скопје при УКИМ, редовен студент и истиот навремено го завршив во 2012 година.

* Што значи за Вас живот без ограничувања? Што Ве прави среќна?

- Кажување на вистината, без оглед на цената. Мирната совест пред сѐ!

* Кои се Вашите дневни ритуали? Како се релаксирате? Што Ве опушта? 

- Мојата работа нема времени ограничувања, доста е стресна и одговорна. Често патувам, редовни состаноци со вработени и надворешни лица. Но и покрај целиот предизвик, многу ја сакам, сметам дека моменталната позиција која ја извршувам е она што отсекогаш сум го сакала. Спојот на она што го научив во невладиниот сектор да го имплементирам во јавниот е полн погодок. Покрај тоа, наоѓам време за релаксирање. Обично тоа го правам со утринско гушкање со мојот Буби (домашно милениче-куче н.з.) шолја утринско кафе и музика која ќе ме расони и расположи.

Ѓорге Стојанов

Фото: Вангел Тануровски